По спектакуларните настапи како специјален гостин и поддршка на Џим Џефрис на неговата европска турнеја, еден од најдобрите австралиски стендап-комичари, Амос Гил, летово доаѓа во Македонија со своето најново и наградувано соло-шоу „The Pale, Stale, Straight White Male“.
Публиката ќе има можност да го погледне неговото наградувано шоу во Охрид, каде што на 21 јули ќе го отвори осмиот интернационален фестивал на комедијата „Самeр комеди маратон 2026“, настан што „Друга страна“ го остварува во соработка со фестивалот.
Секогаш урнебесен, повеќекратно наградуваниот Амос Гил никогаш не се воздржува кога треба остро да ги „боцне“ нелогичните размислувања, општествените апсурди и интелектуалната апатија што го обликуваат светот околу нас. Со препознатлив сарказам, брза импровизација и беспрекорен тајминг, тој без страв ги предизвикува „вистините“ од сите страни на општеството.
– Ако сакате стендап без цензура и вечер исполнета со искрено гласно смеење, ова шоу не треба да го пропуштите – велат организаторите.
Амос Гил е еден од најпознатите австралиски комичари на денешницата. Кариерата ја започнува како радиоводител, а многу брзо станува едно од најпрепознатливите имиња на стендап-сцената. Денес успешно настапува низ Австралија, САД и Велика Британија, а зад себе има настапи на легендарни сцени како Сиднејската опера и „Медисон сквер гарден“, како и повеќе меѓународни турнеи со Џим Џефрис.
Покрај многубројните телевизиски настапи и распродадените соло-турнеи, Амос денес е и ководител на популарниот поткаст „Во овој момент“ (At This Moment), кој бележи голема слушаност низ светот.
Со неговото гостување, „Самeр комеди маратон“ го започнува своето осмо издание со интернационално име од светската стендап-сцена, продолжувајќи ја традицијата фестивалот во Охрид да носи врвни комичари од различни земји и да ја претвори Македонија во една од регионалните дестинации за современа комедија.
































