Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Во извештајот во кој се опишува неговото откритие, биологот Ортеа рече дека сака да ја одбележи „истакнатата улога“ на Возиња. Ова не е првпат 75-годишниот фудбалски навивач да ги спои своите страсти

Откако доби пофалби низ целиот свет за својот настап на фудбалското Светско првенство (СП) со репрезентацијата на Зелено`ртските Острови, голманот Возиња доби уште една чест, откако новооткриен вид морски полжав е именуван по него, пишува „Би-би-си“. Малиот црвен мекотел е откриен од биологот Хесус Ортеа на Карибите, а тој одлучил да го именува по 40-годишната ѕвезда на таа репрезентација. Сега го носи името „алдиса возиња“.
Зелено`ртските Острови се втората најмала земја што некогаш настапила на светско првенство во фудбал. Откако ја помина групната фаза, таа репрезентација играше со актуелниот светски шампион Аргентина пред да го напушти натпреварувањето со пораз од 3-2 во продолженијата во шеснаесеттина финалето.
Пред тоа, херојските одбрани на Возиња ѝ овозможија на таа селекција да го освои својот прв бод на светските фудбалски првенства, во ремито без голови со европскиот шампион Шпанија.
Во извештајот во кој се опишува неговото откритие, Ортеа рече дека сака да ја одбележи „истакнатата улога“ на Возиња и рече дека таа се случила и против тим со прекар „La Roja“ (Црвени).

– Црвената боја на посветениот вид е потсетник на неговиот подвиг – пишува во неговиот извештај, пренесе „Би-би-си“.
Настапот на Возиња во тој натпревар на СП 2026 направи неговата слава да се зголеми прекуноќ, а неговите 50.000 следбеници на Инстаграм пораснаа на 17,4 милиони, пишува „Би-би-си“. Ортеа, професор емеритус на Универзитетот во Овиедо (Шпанија), беше награден со Медал за заслуги од островската нација во 2023 година, за неговата работа во водите околу Зелено`ртските Острови.
Сепак, ова не е првпат 75-годишниот фудбалски навивач да ги спои своите страсти. Ортеа претходно именуваше откритие пронајдено во Костарика по Кејлор Навас, поранешниот голман на таа репрезентација, кој играше и за Реал Мадрид, Пари сен Жермен и за Нотингем форест, а едно мало суштество што имаше исти бои како шпанскиот тим Спортинг Хихон беше именувано по поранешниот напаѓач на клубот, Кини, пишува „Би-би-си“. Н.М.