Фото: ЕПА

ТЕНИС – ПО ТРИУМФОТ НА ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРОТ ВИМБЛДОН

  • Носкова е третата шампионка на Вимблдон од Чешка во претходните четири години, по победите на Вондроушова во 2023 година и на Крејчикова во 2024 година

Младата тенисерка од Чешка Линда Носкова (21) закрепна од петте пропуштени шампионски поени, ја победи својата сонародничка Каролина Мухова (29) и успеа да слави во возбудливото и драматично финале на гранслем-турнирот Вимблдон.
– Се чувствувам неверојатно. Физички и ментално беше тешко, никогаш не е лесно да се освои последниот поен. Мислам дека денес напишавме историја – рече Носкова, пренесе „Би-би-си“.
Се чинеше дека Носкова е на пат кон рутинска победа кога водеше со 6-2 и 5-2, но Мухова освои пет гема во низа. Сепак, Носкова покажа извонредна отпорност да се ресетира и конечно да победи со 2-1 во сетови (6-2, 5-7, 6-3) за прв гранслем-трофеј во кариерата. Носкова и Мухова играа во конкуренција на двојки на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година.
– Тешко е да се најдат зборови, но ќе почнам со тебе Линда, мојата поранешна пријателка. Начинот на кој се справи и начинот на кој играше беше неверојатен. Го заслужуваш тоа – се пошегува Мухова, пренесе „Би-би-си“.
Носкова е третата шампионка на Вимблдон од Чешка во претходните четири години, по победите на Маркета Вондроушова во 2023 година и на Барбора Крејчикова во 2024 година. Освен иконскиот пехар, Носкова заработи и 3,6 милиони фунти и ќе се искачи на седмото место во светот на новото рангирање. Носкова стана најмладата тенисерка во првите 100 во светот во 2022 година, а пласманот до четврт-финалето на Австралија опен во 2024 година, само ги потврди нејзините квалитети. Во февруари 2023 година стана и најмладата меѓу првите 50.
Вчера во машкото финале играа бранителот на титулата, Италијанецот Јаник Синер, и Германецот Александар Зверев. Г.И.