ШАХ – ТУРНИР ВО ЦРНА ГОРА
- Меѓу 163 учесници од 37 држави, македонскиот велемајстор стигна до пехарот по тајбрејк со уште тројца други шахисти
Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (2.548 рејтинг-поени, рангиран четврти пред турнирот) триумфира на Отвореното А-првенство на Црна Гора, кое наедно се смета и за Медитеранско првенство, одиграно во Будва. Тој ги победи во тајбрејк ВМ од Црна Гора Никита Петров (2.555, трет), ВМ од Италија Лоренцо Лодичи (2.576, прв) и највисоко рангираната шахистка, ИМ од Австрија, Олга Баделка (2.406, 25-та), информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
По регуларните девет кола, меѓу 163 учесници од 37 држави (20 ВМ, два ЖВМ, пет ИМ, пет ЖИМ, 32 ФМ, 17 ЖФМ), сите четворица имаа по седум поена. Романов имаше пет победи и четири ремија и освои и нови 9,6 рејтинг-поени. Во последното коло и на завршната церемонија присуствуваше претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, кој одржа краток говор и им ги додели наградите на најдобрите.
Од другите македонски шахисти, ИМ Никола Николовски (2.388) е 23-ти, а ФМ Антон Златков (2.388) е 26-ти, и двајцата со по шест поени. ИМ Емил Ристески (2.408) е 28., а ИМ Тони Лазов (2.391) е 40-ти и двајцата со по 5,5 поени. Филип Михов (2.234) го освои 52. место со пет поени, ФМ Андреј Велјаноски (2.296) е 78., а Макл Бурнс (2.158) е 84-ти (и нови 47,6 рејтинг-поени) и двајцата со по 4,5 поени, а Ахмет Селим Абдурахман (1.929) е 156-ти со 2,5 поена.
На задоволство на локалните навивачи, третиот носител, ВМ Милојко Кандиќ (1.993, рангиран трет пред турнирот), победи на Отвореното Б-првенство, со импресивни осум поени од девет кола. Меѓу 104 учесници од 13 држави играа и пет македонски претставници. Инџи Ајрадиноска (1.797) е 40-та, Кајла Бурнс (1.529) 44-та, двете со по пет поени, Бенјамин Бурнс (1.558) со четири поени е 69-ти, Елисавета Бурнс (1.558) со 3,5 е 79-та и Лука Анѓеловски (1.410) е на 89. место со три поени.
На отвореното првенство во брз шах меѓу 117 учесници од 24 држави (четири ВМ, еден ЖВМ, осум ИМ, 17 ФМ), на кое победи Италијанецот Лодичи (2.505) со девет бода од 11 можни, настапија и четворица Македонци. Најдобар пласман оствари ИМ Николовски (2.420), кој беше 11-ти со осум поени, Велјаноски (2.240) е 12-ти со 7,5 (и нови 59,6 рејтинг-поени), Михов (2.211) е 34-ти со 6,5, а Агим Шемшији (2.022) со 5,5 поени е 59-ти. Г.И.

































