Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (26)
- Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.
Кога зборуваме за нега на кучиња и мачки, речиси секогаш зборуваме за крзното. Дали е сјајно, меко и дали убаво мириса. Но науката укажува на една важна вистина – крзното не е живо ткиво. Влакното е составено од кератин, истиот протеин од кој се изградени и ноктите, и претставува мртва структура. Тоа значи дека ниту еден шампон, маска, масло или серум не може да навлезе во влакното и да му даде „живост“, „еластичност“ или „обнова“, иако токму такви ветувања секојдневно слушаме во рекламите. Единственото што навистина се случува е различни состојки да се наталожат на неговата површина, создавајќи привиден сјај и мазност. Како ветеринарен техничар, дипломиран пред 25 години, следено со децениско практично искуство во работа со миленици како професионален грумер и магистер по природни науки од Универзитетот „Сорбона“ во Париз уште од 2008 година, отсекогаш сум сметал дека маркетингот не смее да биде погласен од биологијата.
Затоа, наместо да бидеме опседнати со крзното, треба да бидеме посветени на кожата. Таа е најголемиот орган на телото и првата биолошка бариера против бактерии, габи, паразити и алергени. Ако кожата е здрава, најчесто и крзното ќе биде здраво. Обратното, за жал, не важи. Денес, кога милениците живеат со нас, спијат во нашата постела, а децата ги прегрнуваат и бакнуваат како членови на семејството, здравјето на нивната кожа повеќе не е само ветеринарно туку и прашање на одговорност кон целото семејство.
Последните години индустријата за козметика за миленици доживува вистинска експанзија. Маркетингот сè почесто ја заменува науката. Се зборува за „регенерација на влакното“, „длабинска исхрана“ и „обнова одвнатре“, иако биолошки тоа е невозможно. Уште позагрижувачки е што некои од козметичките производи, особено оние со агресивни синтетички состојки што ветуваат „побело од бело“, оставаат наслаги врз влакното што не исчезнуваат веднаш по третманот. Миленикот потоа лежи на мебелот, го галиме десетици пати дневно, а малите деца го прегрнуваат и го допираат со лицето. Некои од тие материи неизбежно доаѓаат во контакт со нашата кожа, а преку домашната прашина се внесуваат и со дишењето. Во мојата работа отсекогаш сум се прашувал не само што му нанесуваме на миленикот туку и што секојдневно внесуваме во нашиот организам ние како професионалци и како сопственици на миленик. Не секој козметички производ е опасен, но не секој е и безопасен.
Токму поради тоа, во ТУТУ Центарот за благосостојба и груминг на миленици, уште пред речиси една деценија, бевме меѓу првите на Балканот што органската козметика ја поставивме како правило, а не како исклучок. Тоа не беше маркетиншка одлука, туку професионален став заснован на науката и на практиката. Денес, ветеринарната дерматологија сè повеќе зборува за зачувување на природната кожна бариера и микробиомот – заедницата на корисни микроорганизми што природно ја штитат кожата. Несоодветната козметика и непотребното експериментирање можат да ја нарушат таа рамнотежа и да создадат проблеми што претходно воопшто не постоеле.
Употребата на несоодветна четка, фен или агресивни шампони наменети за „шоу-ефект“ може да создаде токму спротивен ефект од оној што сопственикот го очекува. Често се случува кожата под влакното да биде механички и хемиски иритирана. Проблемот е што ваквите оштетувања остануваат скриени под крзното, кое визуелно може да изгледа уредно и сјајно, па така реалната состојба на кожата останува незабележана сè додека не се појават посериозни симптоми.
Во последните години ТУТУ Центарот се позиционираше меѓу пионерите во Европа во воведувањето современи спа и дерматолошки пристапи, како што се третмани со наномеурчиња за длабинско прочистување на порите на кожата, озонски терапии, јапонска кал-терапија, корејски ароматерапии со есенцијални масла и интегрирани спа-протоколи. Од мое професионално искуство, токму оваа отвореност кон иновации беше клучна за унапредување на благосостојбата на милениците. Денес особено ме радува што сè повеќе салони ги прифаќаат овие методи, затоа што вистинската цел на пионерството никогаш не била ексклузивноста, туку ширењето практики што носат реална корист за здравјето и кожата на животните.
Токму затоа современиот груминг одамна не се сведува само на убава фризура. Грумерите од Македонската асоцијација на стилисти за миленици, како членови на Европската груминг-асоцијација, работат според современи професионални стандарди во кои здравствената превенција има еднакво значење како и естетиката. При првиот преглед и за време на четкањето, капењето, сушењето, чешлањето и обликувањето на крзното, нивниот фокус пред сè е насочен кон кожата. Влакното, како мртва кератинска структура, не може да им каже многу за здравјето на миленикот. Кожата може. Таа открива воспаленија, паразити, промени во пигментацијата, задебелувања, цисти, необични израстоци или рани знаци на дерматолошки заболувања. Грумерот не поставува дијагноза – тоа е работа на ветеринарниот доктор – но токму тој често е првиот професионалец што ќе забележи дека нешто не е како претходниот пат и ќе го упати сопственикот навреме да побара стручна помош.

Во текот на мојата професионална кариера многупати сум бил сведок дека токму едно навремено забележано црвенило, мал израсток или пак промена на кожата при редовен месечен груминг-третман може да значи огромна разлика за здравјето на миленикот.
Време е да престанеме негата да ја сведуваме на естетика. Парфемот, панделката и моменталниот сјај никогаш не смеат да бидат поважни од здравата кожа. Ако навистина ги сакаме нашите миленици, ќе престанеме да прашуваме „што ќе му го направи крзното поубаво“ и ќе почнеме да прашуваме „што ќе ја направи неговата кожа поздрава“. Тоа е суштинската разлика помеѓу козметичкиот пристап и пристапот заснован на наука.
Најубаво крзно не е она што најсилно сјае, туку она под кое се наоѓа здрава кожа. Бидејќи, за разлика од влакното, кое е мртва кератинска структура, кожата е жив орган што секојдневно ни испраќа пораки за здравјето на миленикот. Прашањето е само дали сме подготвени да ги препознаеме тие пораки. Во тоа, според мене, започнува вистинската култура на одговорно сопствеништво.
Илија Петковски

































