Фото: ЕПА

Во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари денеска ќе бидат погребани посмртните останки на уште десет жртви од геноцидот во Сребреница, со што ќе биде одбележана 31-годишнината од едно од најтешките злосторства извршени на европско тло по Втората светска војна.

Генералното собрание на Обединетите нации во 2024 година ја усвои Резолуцијата со која 11 јули е прогласен за Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница од 1995 година. Со документот се осудуваат негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудените воени злосторници.

Во јули 1995 година, силите на Војската на Република Српска, под команда на Ратко Младиќ, убија повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња по падот на тогашната заштитена зона на Обединетите нации во Сребреница.

Геноцидот во Сребреница е правно утврден со пресуди на Меѓународниот суд на правдата, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (Хашки трибунал) и Судот на Босна и Херцеговина.

Досега повеќе од 50 лица се осудени за геноцид, злосторства против човештвото и други воени злосторства поврзани со Сребреница. Меѓу нив се и поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, и поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кои се осудени на доживотен затвор.

Во пресудата од 2007 година, Меѓународниот суд на правдата утврди дека во Сребреница бил извршен геноцид и оцени дека Србија го прекршила меѓународното право бидејќи не го спречила геноцидот, но не утврди дека државата е директно одговорна за неговото извршување.