Нов исчекор за домашно производство на енергија од обновливи извори во Македонија

  • Со новата законска рамка државата се усогласува со европските правила, ги скратува административните процедури и им овозможува на македонските граѓани активно да учествуваат во производството на електрична енергија. Станува збор за сеопфатна законска рамка што треба да создаде поповолни услови за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемувајќи го домашното производство на електрична енергија, и постепено да ја намали зависноста од увоз

Македонија направи значаен чекор кон забрзување на енергетската транзиција со усвојувањето на новиот Закон за користење енергија од обновливи извори. Станува збор за сеопфатна законска рамка што треба да создаде поповолни услови за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемувајќи го домашното производство на електрична енергија, и постепено да ја намали зависноста од увоз. Законот претставува едно од најобемните усогласувања на домашното законодавство со европските енергетски политики, особено со Директивата (ЕУ) 2018/2001 за промоција на користењето енергија од обновливи извори и нејзините понови измени во рамките на пакетот „Fit for 55“ и планот REPowerEU. Целта е Македонија да создаде услови за побрза декарбонизација на енергетскиот сектор, поголема енергетска безбедност и развој на современ пазар на електрична енергија. Иако законот веќе е донесен, најголемиот дел негови одредби ќе почнат да се применуваат од 2028 година, период во кој институциите ќе треба да ги донесат сите подзаконски акти и да ја воспостават новата административна инфраструктура.

Обновливите извори стануваат прашање од јавен интерес

Една од најважните новини е тоа што проектите за производство на електрична енергија од обновливи извори добиваат статус на јавен интерес. Со тоа државните институции ќе имаат законска обврска приоритетно и во значително пократки рокови да постапуваат по сите барања поврзани со изградба, одобрување и приклучување на нови производствени капацитети. Практично, наместо инвеститорите со години да чекаат различни административни согласности, законот поставува јасни временски рамки во кои институциите ќе мора да донесуваат одлуки.

„Зелени зони“ – нов модел за побрз развој на обновливите извори

Законот предвидува воспоставување посебни подрачја за забрзан развој на обновливите извори на енергија т.н. „зелени зони“. Станува збор за однапред анализирани локации во кои ризикот за животната средина е минимален, а изградбата на енергетски капацитети ќе може да се реализира значително побрзо. Во овие подрачја постапките за издавање дозволи нема да смеат да траат подолго од 12 месеци, додека за постројки со инсталирана моќност до 150 киловати рокот ќе биде ограничен на шест месеци. Овој пристап веќе се применува во повеќе земји од Европската Унија како механизам за забрзување на инвестициите во обновливи извори, без притоа да се намалат стандардите за заштита на природата.

Соларни панели за индивидуалните домови – помалку администрација, побрзо приклучување

Најдиректните придобивки од законот ќе ги почувствуваат граѓаните што сакаат да постават фотоволтаични системи на своите домови, куќи итн. Законот ги дефинира системите до 10,8 киловати како мали енергетски објекти и воведува значително поедноставени процедури. За инсталации до 100 киловати, надлежните институции ќе мора да ја издадат потребната дозвола во рок од најмногу еден месец. Истовремено, операторот на електродистрибутивниот систем ќе има рок од еден месец да го изврши приклучувањето на системите до 10,8 киловати. Особено значајна новина е воведувањето на принципот „молчењето на администрацијата е – согласност“. Имено, доколку надлежниот орган не одговори во законскиот рок, ќе се смета дека барањето на граѓанинот е прифатено, што треба значително да ја намали административната неизвесност со која досега се соочуваа инвеститорите и домаќинствата. Со тоа се очекува повеќе семејства да се одлучат за производство на сопствена електрична енергија, намалување на сметките за струја и подобро искористување на сончевиот потенцијал.

Нов начин на пресметка на произведената електрична енергија

Законот воведува три различни модели за пресметка на електричната енергија произведена од сопствени извори, во зависност од капацитетот на системот. За системите до 16 киловати ќе се применува моделот на нето-мерење, при што произведената и потрошената електрична енергија се порамнуваат во одреден временски период. За системите од 16 до 50 киловати се воведува нето-пресметка, додека за капацитетите над 50 киловати ќе важат комерцијални пазарни правила. Оваа поделба треба да создаде појасни правила и подобра интеграција на малите производители во електроенергетскиот систем.

За првпат се воведуваат таканаречени „енергетски заедници“

Една од најиновативните одредби е создавањето целосна правна рамка за формирање енергетски заедници. Тоа значи дека граѓаните, компаниите, станбените заедници, јавните институции и општините ќе можат доброволно да се здружуваат и заеднички да инвестираат во производство, складирање и користење електрична енергија од обновливи извори. Овој модел е широко распространет во Европската Унија и овозможува локалните заедници сами да произведуваат дел од потребната електрична енергија, да ги намалуваат трошоците и да создаваат дополнителни приходи преку продажба на вишокот електрична енергија. Особено голем потенцијал постои кај општините, училиштата, јавните установи и станбените комплекси, каде што заедничките инвестиции можат значително да ја намалат потрошувачката на електрична енергија од мрежата.

Нов модел на државна поддршка за инвеститорите

Наместо досегашниот систем на фиксни субвенции, државата ќе воведе конкурентни аукции и пазарни премии. Практично, инвеститорите ќе се натпреваруваат кој ќе понуди производство на електрична енергија по најповолни услови, а државната поддршка ќе се доделува врз основа на транспарентни критериуми. Овој модел веќе е доминантен во Европската Унија, бидејќи овозможува поефикасно користење на јавните средства, поголема конкуренција и пониски трошоци за потрошувачите. Натаму, Законот предвидува целосна дигитализација на процедурите за издавање дозволи, приклучување на електроенергетската мрежа и следење на административните постапки. Истовремено, дополнително се зајакнува системот на гаранции за потекло на електричната енергија, преку кој производителите и потрошувачите ќе можат официјално да потврдат дека електричната енергија навистина е произведена од обновливи извори. Таквиот систем е особено важен за компаниите што извезуваат на европскиот пазар, каде што сè повеќе се бара доказ за користење чиста енергија.

Уште еден тег на тасот на енергетската независност

Новиот закон за користење енергија од обновливи извори претставува една од најзначајните реформи во македонската енергетика во последната деценија. Со поедноставени процедури, пократки рокови, нови можности за граѓаните и современи механизми за поддршка на инвестициите, државата поставува основа за побрз развој на сончевата, ветерната и другите обновливи технологии. Предизвик сега ќе бидат успешна и навремена имплементација на законот, носење на потребните подзаконски акти и подготовка на институциите за неговата практична примена. Доколку реформите се реализираат според предвидената динамика, Македонија ќе исчекори уште еден „чекор од седум милји“ кон помодерен, поконкурентен и поодржлив енергетски систем, со поголемо домашно производство на електрична енергија и поактивна улога на граѓаните во производство на домашна енергија. Е.Р.


Производство на домашна енергија, но со задолжителна заштита на природата

Иако целта е забрзување на инвестициите од областа на производството на домашна енергија, законот воведува и строги правила за заштита на животната средина. Од развојните зони ќе бидат исклучени националните паркови, заштитените подрачја, локациите со висок биодиверзитет и главните миграциски коридори на птиците. За сите проекти што можат да имаат значително влијание врз природата и понатаму ќе биде задолжителна постапката за оцена на влијанието врз животната средина. Дополнително, инвеститорите ќе мора однапред да обезбедат финансиски гаранции за демонтажа на постројките и враќање на земјиштето во првобитна состојба по истекот на нивниот работен век. Е.Р.