Новинарска опсервација: Правото пред (гео)политиката!
- Непосредно пред изминатиов викенд, во петокот на 3 јули, германското обвинителство поднесе обвинителен акт, во кој аргументира дека „уништувањето на ’Северен тек‘ претставува воено злосторство зад кое стои украинската влада“, како и дека „станува збор за воено злосторство насочено кон цивилна инфраструктура“. Имено, во обвинителниот акт на германското обвинителство се наведува дека планот за саботажа на гасоводите „Северен тек“ и „Северен тек 2“ во Балтичко Море бил развиен „во име на украинските власти“. Ова официјално го соопшти германското Сојузно обвинителство во Карлсруе. Обвинителниот акт, објавен токму пред викендов, открива и нови детали
Речиси четири години по експлозиите што ги оштетија гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, германското Сојузно обвинителство направи чекор што може да има далекосежни правни, политички и геополитички последици. Пред Вишиот покраински суд во Хамбург е поднесен обвинителен акт против украинскиот државјанин Серхиј К., поранешен офицер на украинските специјални сили, кој се товари за соизвршителство во воено злосторство, напад врз цивилна инфраструктура, предизвикување експлозија, уништување објекти и попречување на работата на јавни претпријатија.
Најзначајниот дел од обвинителниот акт не е само во идентитетот на обвинетиот туку во тврдењето на германското обвинителство дека планот за уништување на гасоводите бил развиен „во име на украинските државни власти“, со цел трајно да се прекине транспортот на руски природен гас кон Германија и да се спречи Русија да ги користи приходите од продажбата на гас за финансирање на воените операции. Токму оваа квалификација ја претвора истрагата од класичен случај на саботажа во предмет со елементи на меѓународно хуманитарно право.
Од политичка претпоставка до судска постапка
Со години случајот „Северен тек“ беше предмет на голем број шпекулации, политички обвинувања и меѓусебни пропагандни наративи. Сега, за првпат, германската држава излегува со формален обвинителен акт, кој почива на истражна постапка, прибрани материјални докази и искази што обвинителството ги смета за доволни за судска расправа. Според германските истражители, обвинетиот бил дел од седумчлена група составена од професионални нуркачи, капетан на јахта и експерт за експлозив, која со изнајмена едрилица стигнала до местото на експлозиите во Балтичко Море и поставила експлозив на гасоводите. Германските медиуми АРД, „Зидојче цајтунг“ и „Цајт“ објавија дека истражителите располагаат со значително количество докази, вклучително и разговори, кои, според нив, дополнително ја поткрепуваат обвинителната конструкција.
Најважната порака не е политичка, туку правна
Без оглед на тоа како ќе заврши судскиот процес, самиот факт што германското обвинителство поднесува ваков обвинителен акт има многу поголемо значење од дневнополитичките реакции. Германија е една од најголемите политички, финансиски и воени поддржувачи на Украина. Токму затоа овој предмет претставува силна демонстрација на принципот дека во демократските држави обвинителството не смее да ја приспособува примената на правото кон актуелните политички сојузништва. Доколку обвинителите сметаат дека постојат доволно докази, нивната законска должност е да поведат постапка, независно од тоа какви дипломатски последици може да произлезат. Тоа е суштината на принципот на легалитет – обврската кривичното гонење да се води врз основа на докази и закон, а не врз основа на политичка процена за тоа кому во даден момент му одговара или не му одговара судски процес.
Испит за германските институции
Случајот ќе биде внимателно следен не само во Германија туку и низ цела Европа. Доколку обвинителството успее да ги докаже своите наводи, тоа ќе претставува еден од најзначајните судски процеси поврзани со војната во Украина надвор од самото бојно поле. Доколку, пак, доказите не го издржат судскиот тест, тоа повторно ќе биде доказ дека независното судство функционира токму онака како што треба – преку јавна, контрадикторна и законска постапка. Во двата случаја победник треба да биде правото, а не политиката. Токму затоа вредноста на овој предмет не лежи само во можната пресуда туку во пораката што ја испраќа германската правна држава: дека ниту геополитичките интереси, ниту меѓународните партнерства, ниту актуелните политички околности не смеат однапред да ја определуваат работата на обвинителството и судот. Во време кога во многу делови од светот политиката сè почесто се обидува да доминира над правосудството, германскиот случај „Северен тек“ станува пример дека владеењето на правото не се мери според тоа против кого се води постапка, туку според тоа дали институциите имаат сила да ја спроведат без страв, без привилегии и без политички калкулации.
Автор: Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија
Потсетување на новинарското истражување на добитникот на Пулицеровата награда Сејмур Херш во врска со аферата „Северен тек“
Херш: Саботажата била тајна операција на САД и Норвешка
Еден од најпознатите американски истражувачки новинари, добитникот на Пулицеровата награда, Сејмур Херш, во февруари 2023 година објави опширна анализа на својата платформа „Сабстак“, во која изнесе сериозни тврдења за тоа кој стои зад уништувањето на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.
Повикувајќи се на анонимен извор, за кој наведува дека имал директни сознанија за оперативното планирање, Херш тврдеше дека експлозивот под гасоводите го поставиле нуркачи на американската морнарица, користејќи ја НАТО-вежбата „БАЛТОПС 22“ како покритие за операцијата. Според неговите наводи, експлозивот Ц-4 бил поставен на околу 80 метри длабочина во Балтичко Море.
Деветмесечно планирање
Во текстот, Херш наведува дека операцијата била подготвувана девет месеци и дека американскиот претседател Џо Бајден лично го одобрил планот. Според неговата верзија, Вашингтон долго време ги сметал гасоводите за сериозен геополитички проблем, бидејќи евтиниот руски природен гас ја зајакнувал економската поврзаност меѓу Русија и Западна Европа и ја намалувал енергетската зависност од Соединетите Американски Држави и другите доставувачи. Херш тврди дека американските воени планери настојувале да најдат начин саботажата да биде изведена без директно да се поврзе со американските вооружени сили и без ризик од непосреден воен судир.
Наводната улога на Норвешка
Во анализата се наведува и дека во операцијата наводно учествувала норвешката морнарица, која помогнала при изборот на локацијата за поставување на експлозивот. Според Херш, Норвешка имала и сопствен економски интерес, бидејќи по уништувањето на „Северен тек“ се отвори простор за поголем извоз на норвешки природен гас кон европскиот пазар. Тој пишува дека експлозивните направи биле внимателно камуфлирани за да не бидат откриени од руските системи за подводен надзор. Како идеално покритие, според неговите наводи, била искористена НАТО-вежбата „БАЛТОПС 22“, која се одржа во јуни 2022 година во близината на данскиот остров Борнхолм.
Сценариото за активирање на експлозивот
Според Херш, експлозивот не бил активиран веднаш по поставувањето. Наместо тоа, биле развиени специјални акустични механизми, кои реагирале на однапред програмирана низа нискофреквентни звучни сигнали, со цел да се избегне случајно активирање од бродски мотори или од други подводни звуци. Тој наведува дека на 26 септември 2022 година, извидувачки авион П-8 на норвешката морнарица извршил рутински лет над Балтичко Море и исфрлил сонарна пловка, која го испратила кодираниот сигнал за активирање. Неколку часа подоцна, според неговата верзија на настаните, биле активирани експлозивните направи и биле уништени три од четирите линии на гасоводите „Северен тек“.
Непотврдени тврдења што предизвикаа глобални реакции
Објавата на Херш предизвика силни реакции низ светот, но неговите тврдења не беа потврдени со официјални докази. Белата куќа, американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Пентагон и норвешката влада категорично ги отфрлија како неточни и неосновани. И покрај тоа, анализата на Херш останува едно од најцитираните алтернативни објаснувања за саботажата на „Северен тек“, која и денес претставува предмет на истраги во повеќе европски држави. Последните чекори на германското обвинителство, кое поднесе обвинителен акт против украински државјанин, покажуваат дека официјалната истрага се движи во малку поинаква насока од онаа што ја претстави американскиот истражувачки новинар, што дополнително ја нагласува сложеноста на еден од најконтроверзните случаи во современата европска безбедносна историја. Д.П.

































