Бран закани со бомби ја потресе Бугарија

  • Неколку дена по ред има масовни дојави за поставени бомби низ цела Бугарија

Нов бран закани за поставени експлозивни направи повторно ги стави во состојба на готовност бугарските безбедносни служби, откако десетици државни институции, судови и административни објекти низ земјата добија електронски пораки со предупредувања за наводно поставени бомби.
Според бугарското Министерство за внатрешни работи, станува збор за „координирана серија анонимни дојави испратени по електронски пат до официјалните адреси на институциите“, по што веднаш биле активирани пропишаните безбедносни протоколи.
Под закана за поставени експлозивни направи беа (и сѐ уште се) институции во градовите Бургас, Јамбол, Разград, Стара Загора, Смолјан, Трговиште, Варна, Добрич, Силистра, Велико Трново, Благоевград, Ловеч, Пазарџик, Видин, Хасково, Софиска Област, Крџали, Шумен, Плевен, Монтана и Габрово.

Прекин на работа, евакуации и детални полициски проверки

Најсериозната реакција се случи во Судската палата во Софија, во вторникот околу 10.30 часот, кога беше примена дојава за поставена експлозивна направа. Зградата веднаш беше евакуирана, а специјализирани полициски тимови започнаа детално пребарување на објектот.
Натаму, во градот Смолјан беа евакуирани две институции, откако Окружниот суд и Окружното обвинителство добиле заканувачка електронска порака.
И во Стара Загора привремено беше прекината работата на сите институции сместени во судската зграда. Закажаните судски рочишта беа одложени, а надлежните најавија дека странките дополнително ќе бидат известени за новите термини.
Во Благоевград, пак, полицијата процени дека нема потреба од евакуација на општинската администрација. Наместо тоа, службениците продолжија со редовната работа додека полициските екипи вршеа систематски преглед на просториите.
Слични проверки беа спроведени и во Шумен, како и во повеќе други градови погодени од заканите.

Заканувачките пораки биле испраќани три дена по ред

Според официјалните информации, ова не е изолиран инцидент. Во текот на последните три-четири дена, десетици институции низ Бугарија добиваат речиси идентични заканувачки пораки испратени преку електронска пошта.
Во најголем број случаи вработените и граѓаните биле евакуирани додека траеле проверките, по што работата постепено била враќана во нормален тек, откако не биле пронајдени сомнителни предмети или експлозивни направи.

Според истражителите, целта е создавање паника, а не извршување напад

Бугарските медиуми објавија дека дел од електронските пораки содржеле религиозни пораки и тврдења дека експлозија ќе следува во рок од два часа. Во една од пораките, испратена до суд во Бургас, испраќачот тврдел дека веќе поставил експлозив и дека „одбројувањето започнало“. Иако содржината на пораките предизвика сериозна вознемиреност, досегашните проверки не открија ниту една експлозивна направа.
Според првичните процени на истражителите и експертите за кибербезбедност, најверојатно станува збор за координирана кампања со цел да се предизвика масовна паника, да се наруши работата на институциите и да се оптоварат безбедносните служби. Радио Бугарија, повикувајќи се на истрагата, наведува дека властите ја разгледуваат можноста дека станува збор за автоматизирана хибридна операција, додека киберексперти работат на утврдување на потеклото на електронските пораки.

Безбедносните служби ја продлабочуваат истрагата

Министерството за внатрешни работи соопшти дека сите пријави се третираат со највисок степен на сериозност, без оглед на тоа што досега ниту една не се покажала како основана.
Во истрагата се вклучени полициски служби, експерти за сајбер-криминал и обвинителството, кои работат на идентификување на испраќачите на заканувачките пораки и на утврдување дали станува збор за домашна или за меѓународна организирана активност.
Во меѓувреме, работата на поголемиот дел од институциите е нормализирана по завршувањето на безбедносните проверки, но бугарските власти остануваат во состојба на зголемена готовност поради можноста брановите анонимни закани да продолжат и во наредните денови. Б.Р.


Лажните дојави за поставени бомби на јавен простор се веќе виден европски безбедносен проблем

Лажните дојави за поставени бомби веќе неколку години се повторлив безбедносен предизвик низ Европа. Од училишта и универзитети, до судови, аеродроми и трговски центри, институциите сè почесто се соочуваат со анонимни електронски закани, кои предизвикуваат евакуации, прекин на работата и масовен ангажман на безбедносните служби.
Еден од најголемите бранови беше регистриран во Бугарија во 2023 година, кога стотици училишта во повеќе градови добија идентични заканувачки пораки по електронска пошта. Наставата беше прекинувана, учениците евакуирани, а полицијата спроведе детални проверки. Ниту една од дојавите не беше потврдена како реална закана.
Слични координирани акции во изминатите години беа регистрирани и во Полска, Чешка, Словачка, Германија, Франција и во балтичките земји. Во повеќето случаи, истрагите покажаа дека станува збор за масовни анонимни пораки испратени од странски сервери, што значително го отежнува откривањето на сторителите.
Иако најчесто завршуваат без пронајден експлозив, ваквите дојави оставаат сериозни последици. Покрај финансиските трошоци и ангажирањето на илјадници полициски службеници, тие создаваат чувство на несигурност и ја тестираат подготвеноста на институциите да реагираат во услови на потенцијална криза. Б.Р.


Кој безбедносен центар ја претвора паникатаво моќно оружје?

Наши соговорници, универзитетски професори од Факултетот за безбедност во Скопје, истакнуваат дека во т.н. ера на хибридни закани, државата може да биде нападната и без испукан куршум или без активирана експлозивна направа.
– Изгледа смешно, но е вистинито што се доволни неколку испишани реда, испратени преку електронска пошта за да се испразнат училишта, судови, болници или аеродроми, да се мобилизираат десетици полициски екипи и да се наруши нормалниот ритам на јавниот живот. Токму затоа лажните дојави за бомби одамна престанаа да бидат обичен криминален инцидент. Денес тие се препознаваат како дел од поширокиот спектар на хибридни закани – активности чија цел не е директно уништување, туку слабеење на довербата во институциите и создавање чувство дека државата постојано е изложена на опасност – велат професорите од Факултетот за безбедност, додавајќи дека овој модел е особено привлечен затоа што е евтин, а неговите ефекти се огромни.
– Испраќачот ризикува малку, но државата плаќа висока цена. Секоја дојава бара итна реакција, евакуација, антитерористички проверки, прекин на наставата или работниот процес и ангажирање ресурси што би можеле да бидат потребни на друго место. Во исто време, јавноста постепено се навикнува на ваквите аларми. Тука се крие и најголемата опасност. Ако граѓаните почнат секоја наредна дојава да ја доживуваат како уште една лажна тревога, ризикот од потценување на евентуална вистинска закана станува реален – тврдат нашите соговорници.
– Затоа европските безбедносни служби сè повеќе инвестираат во дигитална форензика, меѓународна полициска соработка и побрза размена на разузнавачки информации. Бидејќи ваквите закани речиси секогаш ја надминуваат националната рамка, ниту една држава не може самостојно да се справи со нив – велат тие.
За Македонија, како и за другите земји од регионот, искуствата од Европа носат јасна поука. Според безбедносните експерти, најдобрата одбрана не е само брзата реакција на полицијата туку и отпорен институционален систем, јасни протоколи и навремена комуникација со јавноста.
– Во современите конфликти, довербата на граѓаните станува стратешки ресурс. А токму неа хибридните закани најчесто се обидуваат да ја поткопаат. Затоа борбата против ваквите појави не е само безбедносно прашање. Таа е тест за капацитетот на државата да остане функционална, смирена и кредибилна во услови кога паниката се користи како средство за притисок, а информацијата станува еднакво моќно оружје како и секоја физичка закана – поентираат нашите соговорници, професори на Факултетот за безбедност. Б.Р.