Фото: Маја Јаневска Илиева / Архива

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата на „повеќе од успешниот“ самит во Анкара покажала дека е посилна од кога било, нагласувајќи дека средбата зрачела со „големо чувство на единство“.

На прес-конференција во рамките на самитот, Руте рече дека НАТО се „ребалансирал на подобро“ и дека сојузниците ја потврдиле „непоколебливата поддршка“ за Украина. Тој потсети и на членот 5 од договорот, кој предвидува дека напад врз една членка се смета за напад врз сите.

Руте оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп е „генерално во право“ кога предупредува за потребата од засилена одбрана на Арктикот, додавајќи дека се договориле НАТО да ги засили активностите во тој регион.

Тој спомена дека постојат тристрани разговори меѓу САД, Данска и Гренланд за нивните односи, но нагласи дека тоа е посебен процес во кој тој не учествува.

Во однос на следниот самит, Руте потврди дека ќе се одржи во Албанија, но дека точниот датум допрва ќе биде утврден.

Генералниот секретар истакна дека Трамп бил во право кога вршел притисок врз земјите членки да ги зголемат трошоците за одбрана, што довело до модернизација на нивните армии. „Американскиот претседател беше во право. Едноставно ми се допаѓа тој човек. Она што го прави за НАТО е одлична вест,“ рече Руте.

За јавните критики на Трамп кон Алијансата, Руте даде споредба со семејство: „Сметам дека семејствата каде што понекогаш има искрени односи и расправии се посилни од оние каде што сè е само убаво. Тоа е малку лажно. Сакам кога меѓу пријателите може да има несогласувања – тоа ве прави посилни. А претседателот Трамп не е човек кој ги чува своите ставови за себе,“ заклучи Руте.