Глобалната диџеј-ѕвезда и еден од најголемите хитмејкери на денешницата, Дејвид Гета, повторно му даде поддршка на македонскиот продуцент и диџеј Галоски, овој пат за неговото ново издание „To The Beat“.
Песната официјално излезе преку „Смеш д хаус“, издавачката куќа на светски познатото белгиско дуо Димитри Вегас и Лајк Мајк. Истата вечер, „To The Beat“ беше премиерно емитувана и во радиоемисијата на Дејвид Гета, што претставува уште една голема меѓународна потврда за музиката на Галоски.
Ова не е прва поддршка од Гета за македонскиот артист. Напротив, тој повеќе од една деценија редовно ја врти и ја поддржува музиката на Галоски во своите радиоемисии и сетови, заедно со големи имиња како Тиесто, Армин ван Бурен, Мартин Гарикс, Соломун, Димитри Вегас и Лајк Мајк и други водечки артисти од светската електронска сцена.
Минатата година, Галоски имаше уште еден значаен меѓународен момент, кога Аксвел, Стив Анџело и Себастијан Ингросо, односно „Свидиш хаус мафија“, тестираа негова песна на Тумороуленд. Веднаш по нивниот настап, песната беше потпишана за нивната издавачка куќа „Суперхјуман“, а потоа доби дополнителна поддршка и од Соломун, како и од самите „Свидиш хаус мафија“ на нивниот настап во Њујорк.
Покрај студиските изданија, Галоски продолжува активно да ја гради својата интернационална приказна и преку настапите надвор од Македонија. Оваа пролет реализираше интернационална турнеја, а претходно, во ноември минатата година, имаше уште една серија настапи надвор од земјата, што дополнително го потврдува неговиот континуиран раст на меѓународната сцена.
Во изминатиот период настапуваше и беше присутен во градови и музички центри како Токио, Бангкок, Барселона и Ибица, каде што оваа година беше дел и од Интернационалниот музички самит, еден од најзначајните настани за електронската музичка индустрија.
Помалку познат факт за Галоски е дека, покрај својата артистичка кариера, тој веќе со години е активно присутен и зад сцената на светската електронска музичка индустрија. Преку својата работа како артист, продуцент и музички маркетинг-директор, директно и индиректно соработува со над 80 артисти од самиот врв на светската електронска сцена.
Токму затоа, на неговите социјални мрежи често може да се видат успеси поврзани со артисти како Арџи, Королова, Мис Моник, Дејвид Гета, Тиесто, „Свидиш хаус мафија“, АРТБАТ и многу други големи имиња од светската музичка сцена.
Со „To The Beat“, Галоски продолжува да ја позиционира македонската електронска музика рамо до рамо со најголемите светски имиња. Неговиот следен сингл е најавен за 3 јули, а македонската публика ќе има можност премиерно и ексклузивно да го слушне на Антена 5.

































