„ЗА ОВЧЕПОЛСКИТЕ РАБОТИ“ (5)
И покрај тоа што не се наведени во официјалните туристички водички, ниту пак во некои големи организирани тури и понуди, некои места во Овчеполската Котлина со години, па и векови, привлекуваат посетители од многу различни земји. Култните камења, води, дрвја и свети места се причина за традицијата на посетеност, која со сигурност трае со векови, а држи корени од дамнешни милениуми, за што сведочат и најновите палеолитски станици пронајдени од археолозите во средиштето на котлината. Условите за параглајдерство, велосипедизам, посета на геоморфолошки реткости, потенцијални хидрографски дестинации, културен и екотуризам се со голем потенцијал за развој во иднина. Во општината не постои официјален сектор за туризам и промоција на културното наследство, ниту за истражување на природните ресурси, што не е пречка за заинтересираните посетители да доаѓаат за да видат локации што ги нема во официјалните понуди на администрацијата, не се вклучени во турите и понудите на туристичките оператори и агенции, а сепак го привлекуваат интересот на многумина со години, ако не и векови.
Црквата „Свети Никола“ во градот Свети Николе е градба што на посетителите им овозможува увид во минатото на овој град, кога организираноста на населението и работата за општо добро биле на високо ниво, дури и во времињата кога сме немале држава. Изграден врз темелите на постара црква во 19 век, овој стар храм сѐ уште зрачи со пријатна енергија за верниците, но и посетителите и туристите. Манастирот „Света Богородица“ во Ѓуриште е место каде што не само Овчеполци туку и луѓе од цела Македонија и странство често доаѓаат на посета во реновираните конаци и старата црква. Ридот Ѓуриште, кој е дел од Градиштанска Планина, е неискористен потенцијал за рекреативен, здравствен и екотуризам, што е потврдено и со класификацијата како „воздушна бања“ од пред речиси половина век. На овој рид се наоѓаат и многу археолошки локалитети, од стариот неолит до средновековието, како и дваесетина чешми, кои исто така се потенцијални туристички локации. Црквата „Свети Јован Богослов“ во селото Богословец, кое се наоѓа на истоимениот рид, заштитена и реновирана од црковниот одбор и добронамерни донатори, е изградена врз темелите на постар храм, во првата половина на 19 век. Со својата големина, архитектура, фрески и икони претставува сакрален храм што привлекува многу посетители. Селскиот собор на празникот на Свети Јован Богослов, секоја година во мај, е прекрасна шанса за посета на ова старо македонско село, кога многу народ од цела Европа доаѓа да го види овој крај. На истиот рид се наоѓа и стариот рудник за азбест, кој е затворен пред околу половина век, а може да биде употребен како туристичка локација. Во овој предел растат многу лековити билки, се наоѓа и „киселата вода“ што народот ја користи како лек, а целиот простор околу Богословец е вистински магнет за туристите што сакаат да уживаат во природните убавини на Овчеполието. Меѓу другото, ова е една од совршените локации за пејзажен туризам. Црквата „Свети Никола“ во селото Буриловци, изградена во 14 или 15 век врз темелите на постара црква, ги има најстарите фрески во Овчеполието. Таа веќе се распаѓа, но иако селото е напуштено, секоја година посетители се упатуваат кон овој стар храм. Се смета за најстарата зачувана црква во Овче Поле. Манастирот „Света Недела“ во Ранченци е изграден пред околу еден век, врз темелите на стара црква. Конаците имаат капацитет за 20 луѓе, а околината на ова село привлекува со својата природна убавина. Секоја година, во почетокот на мај на празникот Света Недела, во дворот на манастирот има собор, кој е посетен од многу луѓе од различни краишта. Постојат уште многу стари цркви што се идеални за религиозен, но и културен туризам, буквално до секое село, освен археолошки локалитети, постојат стари цркви или црквишта – места на кои некогаш одамна постоеле храмови, а и ден-денес може да се забележат остатоци од нив.
Во зависност од поставеноста на селата, црквите може да се употребат како локации на рути за различен вид на туризам.
На некои места во Овчеполската Котлина порано се наоѓале џамии и теќиња. Постоеле и турбиња – турбе, гробница на важен човек од муслиманска вероисповед. Џамии и теќиња има во оние села каде што живееле Турци. По една џамија постоела во Ерџелија, Мустафино, Горно Црнилиште, Аџибегово и во други села. Срушени теќиња има во Милино, Каратманово и на некои други места. Овие места се посетувани од потомците на иселените во Турција, но и од луѓе што живеат во РМ и други земји.
Овче Поле е вистински културен центар во кој се наоѓаат остатоци од различни освојувачи, војски и религии. Сепак, она што им остава најголем впечаток на „свесните туристи“ е името на градот Свети Николе, кој до крајот на Втората светска војна се нарекувал Свети Никола, што потврдува за христијанската традиција во овој регион, изразена преку многуте остатоци од стари цркви, но и стари родови – потомци на некогашните свештеници.
Археолошкиот туризам во Овче Поле допрва треба да се создава, гради и развива. И покрај тоа што на официјалната археолошка карта на Република Македонија во општината Свети Николе се регистрирани неколку стотини локалитети, сѐ уште немаме археолошки локалитет адаптиран за туристички посети. Изостануваат и нови истражувања, а никогаш се нема случено конзервирање и реставрирање на некој археолошки локалитет. Познато е дека едни од буквално најстарите населби што се пронајдени на територијата на РМ се во Овчеполието – Барутницa, Руг Баир, Алин Дол, а во пролетта 2017 година истражувачки тим на Археолошкиот факултет од Штип потврди постоење на палеолитска станица на локалитетот Узун Мера кај селото Мустафино во Овче Поле, што потврдува дека овде живееле луѓе уште пред многу илјади години. Најрепрезентативниот археолошки локалитет – Градиштето кај селото Кнежје, за кој археолозите тврдат дека е древниот град Бела Зора (BylaZora), е оставен на милост и немилост на временските услови и несовесните посетители, па така често се забележуваат оштетувања на самото место, а стариот базен со години стои преполн со ѓубре. И покрај тоа што локалитетот е убициран уште во 1976 година, а на него се вршат активни археолошки истражувања повеќе од една деценија, сѐ уште не е обновен ниту еден столб, камоли дел од градбите што се наоѓаат таму. Датиран од седмиот век пред нашата ера, ова е еден од најретките локалитети од тоа време со толку развиена архитектура, еден од најретките, буквално во целиот свет. Она што треба да се направи е итно чистење на ова место, овозможување услови за внимателно деноноќно чување (што е релативно лесно изводливо со денешната технологија) и конзервација и реставрирање на дел од градбите што се наоѓаат таму. За да се искористи асфалтираниот пат до локалитетот, тој треба да се подигне на ниво што ќе ги задоволи заинтересираните туристи од Македонија и странство. Во 2014 година во два наврата во Овчеполието беа извршени првите археоакустични истражувања на територијата на Република Македонија, од меѓународниот интердисциплинарен научен тим на „Супер брејн рисрч груп“ (Super Brain Research Group), кои потврдија постоење на подземни комори на локација во близината на локалитетот кај Кнежје, на една тумба во атарот на селото Црнилиште – познатиот геоглиф во Канда. Со објавените резултати во трите научни труда во меѓународната литература, потврдата на научниците предизвика многу повеќе посетители од порано, кои во сè поголем број самоорганизирано го посетуваат местото за кое постојат различни верувања. Доколку се направи дигитална археолошка карта на Овчеполието и се овозможат услови за научни истражувања во домашни и странски библиотеки, музеи и архиви, како и можност за детално археоакустично истражување на потенцијалните атрактивни археолошки локалитети, во скоро време овој регион може да прерасне во вистински археолошки резерват.
Овче Поле има потенцијал да им овозможи на туристите да имаат увид во сите цивилизациски слоеви под ова тло, што би придонело не само за развој на туризмот и науката туку и на целата економија во Овчеполието. Менаџментот односно управувањето со културното наследство е нераскинливо поврзано со туризмот, а со тоа и со целата економија. Маркетингот што може да биде применет за претставување и прикажување на археолошките локалитети, во неговата современа форма, може да биде искористен и за развој и промоција на туристичките локации. Поради тоа што во Овче Поле нема ниту еден рид што е повисок од 1.000 метри, не можеме да пишуваме за планинарски туризам, па затоа посетите на Богословец, Ѓуриште и Манговица ќе ги карактеризирам како локации за рекреативен, пејзажен и здравствен туризам. Сепак, да не заборавиме и дека Богословец е најниската планина во Република Македонија. На сите тие локации можат да се направат (а и да се обноват стари) планинарски патеки, но и да се искористат условите за велосипедизам, посета со коњи и магариња, како и создавање услови за изградба на туристички центар што ќе им овозможува на туристите да го подобрат своето здравје со посета на воздушната бања Ѓуриште. За тоа, можат и треба да се искористат податоците од Извидничкото друштво „Гоце Делчев“ од Свети Николе, со кои можат да се обноват не само патеките во Овчеполието туку и трасите што нѐ поврзуваат со соседните општини, а во 21 век можат да се употребат за посебен вид на туризам, единствен од таков вид во Македонија – преку кој посетителите на Овче Поле што се заинтересирани за посета на слични локации во соседните региони ќе можат да посетат места во соседните општини.
Познато е дека Овчеполието некогаш одамна било езеро, што се забележува од „геренливите места“ – солената земја, која од памтивек била причина за посебноста на овчеполските овни, овци и јагниња. Денешниот недостиг од вода може да биде надминат ако разумно се употребат многуте извори на жива вода под овчеполската земја, со што би се придонело не само за развој на земјоделието и подобрувањето на квалитетот на живот туку и за развој на целата економија. Сведоци на силната вода од минатото се многуте чешми во Овче Поле, од кои дел се пресушени, оштетени или целосно разрушени, чиј начин на градба, поставеност и изделкани симболи и ден-денес ги привлекуваат заинтересираните посетители. Како што може да се создаде туристичка патека за археолошките локалитети, рута за овчеполските цркви, траса за пејзажен туризам, така може да се создаде и туристичка рута по чешмите во Овче Поле, по која туристите ќе можат не само да се рекреираат и да уживаат во убавите пејзажи туку и да ги посетат овие културни споменици со непроценливо значење. Постојат уште многу локации што можат да се вклопат во детален туристички план, но за нив во некоја следна пригода.
(продолжува)
Авторот е магистер по маркетинг -менаџмент, публицист и продуцент
м-р Никола Ристевски

































