Фото: Маја Јаневска-Илиева
  • Реализирани повеќе од 45 проценти од годишниот план – приходите растат за 8,6 проценти и отвораат простор за нова развојна динамика. Според повеќе соговорници со кои се консултиравме, очигледно е дека овој ребаланс не е последица на недостигот од средства, туку инструмент за забрзување на капиталните инвестиции

Речиси 170 милијарди денари се слеале во државниот буџет во првите шест месеци од 2026 година, што претставува раст од 8,6 проценти во споредба со истиот период минатата година. Истовремено, реализирани се повеќе од 45 проценти од годишно планираните приходи, што, според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претставува потврда дека приходната страна на буџетот се движи во согласност со планираната динамика и дека јавните финансии остануваат стабилни.

Ребаланс со силен приходен импулс

Токму овие бројки се меѓу најсилните аргументи со кои Министерството за финансии го образложи ребалансот на буџетот пред собраниската Комисија за финансирање и буџет. Наместо ребалансот да се толкува како мерка што произлегува од недостиг од средства, тој, според повеќе соговорници, ни беше образложен како „механизам за приспособување на буџетските политики кон забрзаната реализација на развојните проекти и кон позитивните движења кај јавните приходи“.
– Ваквиот пристап се потпира на фактот дека веќе во првата половина од годината е исполнет речиси половина од годишниот план за приходи, што остава простор државата, покрај редовното сервисирање на сите законски обврски, да ја засили и инвестициската компонента на буџетот – велат нашите соговорници, финансиски експерти.

Даночните приходи се главен двигател на растот

Најголемиот дел од буџетските приходи и натаму доаѓа од даноците. Во првите шест месеци се инкасирани 96,7 милијарди денари даночни приходи. Најголем придонес има данокот на додадена вредност со 43,3 милијарди денари, додека од персонален данок на доход се собрани 17,5 милијарди денари, од данок на добивка 13,8 милијарди денари, а од акцизи 13,9 милијарди денари. Дополнително, по основа на социјални придонеси се собрани 58,8 милијарди денари, што е за 7,5 проценти повеќе од истиот период лани. Овие средства се наменети за финансирање на пензискиот и здравствениот систем. Министерката истакна дека кај повеќето даночни категории е регистриран двоцифрен или значителен раст, што го поврза со повисоката економска активност, растот на платите, подобрите деловни резултати на компаниите и поефикасната наплата на јавните приходи.

Се сервисираат сите обврски, а инвестициите значително растат

Во првите шест месеци, од буџетот се исплатени 205,9 милијарди денари. Најголемиот дел од средствата биле насочени за исплата на пензии, здравствена заштита, социјални трансфери и финансиска поддршка на општините. За пензии се издвоени 58,1 милијарди денари, за здравство 25,5 милијарди денари, за социјална заштита 7,6 милијарди денари, додека кон општините се префрлени 15,1 милијарди денари блок-дотации и дополнителни 2,4 милијарди денари од приходите од ДДВ. Истовремено, државата, според министерката, навремено ги исполнила сите обврски кон домашните и странските кредитори. Во првото полугодие биле исплатени 12 милијарди денари за камати и 60,7 милијарди денари за отплата на главниот долг, што, според министерството, е уште една потврда за стабилното управување со јавните финансии. Е.Р.


Капиталните расходи растат за повеќе од 53 проценти

Најсилниот аргумент во прилог на тезата дека ребалансот има развојна, а не кризна логика, се капиталните инвестиции. Во првата половина од годината тие достигнале 19,4 милијарди денари, што претставува раст од дури 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година. Средствата се насочени кон реализација на инфраструктурни проекти, изградба и реконструкција на училишта, градинки и здравствени установи, како и кон енергетски и локални развојни проекти. За изградбата на коридорите 8 и 10-д се реализирани 6,3 милијарди денари, додека за инфраструктурни проекти во општините се издвоени дополнителни 2,1 милијарда денари.
– Токму овие показатели ја поткрепуваат владината оцена дека ребалансот е насочен кон забрзување на инвестициите и кон приспособување на буџетот на поволната приходна динамика. Во таков контекст, растот на приходите, реализацијата на повеќе од 45 проценти од годишниот план уште во првите шест месеци и значително повисоките капитални расходи се претставуваат како показатели дека фокусот останува на развојните политики и на инвестициите, а не на покривање финансиски недостиг – велат нашите соговорници. Е.Р.