Катастрофи – сега

  • Во моментов имаме четири паралелни катастрофи – земјотреси (Венецуела), климатски (Европа), инфекции (Африка) и војни (Блиски Исток и Средна Европа). Ауффф… заборавив на економијата – таа е континуирана катастрофа – змија од цифри и „долгови“. Да навлеземе аналитички, математички или филозофски во овие геокоридори

Дали сте помислиле дека без катастрофите светот не би бил таков каков што е? Катастрофата е генеза, онтологија (Жижек, Малабу) или глупост. Животот е математичка катастрофа (Том). Појавноста и комплексноста се катастрофи. Ќе речете катастрофите се изненадувачки! Без знаење? Агнозија? Искуство? Во моментов имаме четири паралелни катастрофи – земјотреси (Венецуела), климатски (Европа), инфекции (Африка) и војни (Блиски Исток и Средна Европа). Ауффф… заборавив на економијата – таа е континуирана катастрофа – змија од цифри и „долгови“. Знаете што велат банкарите? За да се печатат нови пари, потребно е да постои долг. На англиски се вика „моргиџ“, значи „смрт“-катастрофа. Така, живееме во долг – во низ од ропство, па јудео-христијанство, па капитализам, па нацизам. Цените се „магли“ – микрокатастрофи. Ете, нафтата осцилира плус-минус зависно од војните или од зборот на Трамп. Владата вели „горе“, народ вели „долу“ и тоа е „пазар“. Мора така, бидејќи американскиот граѓанин „ќе ја урниса“ владата, ако не „спушта“. Кај нас цените растат кога во светот паѓаат – ај леле колку е слатко крадењето во овој „либерално-псевдосуверенистички“ систем! За „арена“ ќе имаме масивна „реконструкција“ на владата по традицијата „Курто-Мурто“ за да се смири топката, а ако не – ќе има избори („курто-муртизам фор евер“). А евер-гробарите Љубче и Фрче пак на телевизија – бакнеж на цар Борис и Фрашери (балисти)! Катастрофа! А југоуставот на генијалците? – Катастрофа! Читајте ја книгата на Боб Мајер – „Shit doesn’t just happen!”
Најпрво за топлината. Во 2024 г. коментиравме дека постојано се зголемува. Деновиве над Југозападна Европа се создаде т.н. топлотна купола – нешто како „капак“ од топол воздух без конвекција, кој го спречува циркулирањето и топлиот воздух паѓа долу. Температурите беа и до 45 степени, најмногу во Франција, Португалија и Шпанија, а се ширеа кон исток и север. Доаѓа бран песок од Сахара и може температурите да бидат уште повисоки. Има и смртни случаи. Пропаѓаат животни, шуми и вода. Француски медиуми велат дека за еден ден во јуни имало 500 хоспитализирани. „Апокалипса сега“! Се смета дека 35 степени е граница на воздушна температура што е животозагрозувачка. На 40 степени е неможна перспирација (потење и ладење со дишење). При физичка работа, дозволената граница е уште пониска (20 степени). Инаку, нашите „патриоти“ сега хистерично „шибаат“ во Грција на шлапање по морето, бидејќи „не можат да живеат и да дишат без грчко море“. Така, сега излетуваат 2 милијарди евра од земјата само во Грција. Катастрофа! А ние сме „чичка-полни“ со пари и мора негде да ги фрламе. Потоа ќе офкаме, ќе лелекаме и ќе „калимероисиме“ дека со цените и „кошничките“ ќе поцркаме. А јули и август допрва доаѓаат!
Зборувавме за причините за климатските промени. Мојот другар, несуден техногениј Јован Манев, кој, за жал, не е меѓу нас, имаше пресметано колку Земјата се загрева од индустријата, моторите и од нуклеарките („како печки“, в. Холт Ашли, Хана Ритчи), велејќи дека до 2060 година животот ќе биде невозможен. Близу е. Но неговиот модел е линеарен, а задните години термичкиот пораст е нелинеарен. НАСА и „Коперникус“ предвидуваат дека веќе следните години ќе бидат критични. Експертски пресметки кажуваат за загуби од овој бран од 240 милијарди долари за Франција, 131 за Германија и 120 за Шпанија. „Фортун“ коментира дека трошоците од термошокот за ЕУ ќе бидат 638 милијарди евра до 2030. А парите за вооружување на ЕУ? А евронуклеарки во Финска? А што со „лупинзите“ по изборите? А што „исламскиот пајак“ на Бабановски-Бабагинин во САД, ОК и ОН?… Брегзит или бреинзит? А што со „лупинзите“ од меморандумот на Блискиот Исток версус ЕУ и Израел? – Значи деимперијализација на Америка и империјализација на Иран? – „Џелем-џелем дипломатија“! А „договорот“ меѓу Либан-Израел-САД? – „Три невесте тикве брале…“ А што е со христијанството на кралот Чарлс Трети… – служби, сметки, метаидеи, реконкиста? А Македонија? Што може таа да направи? Еврочаура. Барем за себе нешто да направи – зеленило (да сади и да сади…), вода (Вардарска Долина) и да ја укине мафијата што убива – повторувам убива – со дрога, бетон, антиекономија, антиземјоделство и антимозок!

Понатаму, другата катастрофа е земјотресот во Венецуела. По два земјотреса од 7,2 и 7,5 степени по Рихтер, има серија со стотици афтершокови (430 до денес). Помага – кој? Корупција – кој? Рихтеровата скала е логаритамска и споредбено со скопскиот земјотрес во 1963 година овој во Венецуела е со поголема амплитуда од 25 пати и ослободена енергија од 126 пати. Енергијата е пресметано еднаква на 180-260 Хирошима бомби. Досега се најдени 1.750 жртви, но пријавени се 54 илјади исчезнати. Кој помага? Споредете го со Турција-Сирија 2023 г., кој беше со 7,8 степени по Рихтер со 53 илјади загинати и енергија од 500 Хирошима бомби. Земјотресите во Хаити и Тајван ги поврзуваат со поплави и урагани, но оној во Скопје го „разделуваат“ од поплавата. Во Скопје земјотресот беше 6,1 степени по Рихтер и еквивалентен на 30-35 Хирошима бомби. А сепак, колку е страшна само една атомска бомба, која убива директно? Од друга страна, психолошките, социјалните и другите последици не е можно да се калкулираат. За мене трагедијата на Скопје и Македонија е најголема – бидејќи јас сум „себе“. Но ако сакаш да бидеш голем човек, труди се да ја почувствуваш туѓата трагедија – дури и на непријателот. Нека Бог им биде во домовите на оние што изгубиле свои во Венецуела. За мене „ноќна мора“ е Турција, поточно Истанбул, кој лежи на фаталниот триаголник Македонија-Анадолија-Александрија. За смртта е одговорен човечки фактор – со народен јазик „фушерај“. Во Скопје немаше никој да загине да имаше добра градба. И тогаш имало паразитоидни души што „дрпале“ од материјалот, зградите беа „сендвич-конструкција“ и – катастрофа. „Официјално“ причини за земјотреси се фрикции и фрактури на тектонските плочи, со вибрации пренесени на површина („rebound“ или „non-Hermitian flutter“ теории). Дали се предвидливи? Многу се работи на тоа. Може да се детектираат „П – бранови“, многу кратко пред главниот удар и тоа да е предупредувачки. „Афтершокови“ ни се познати и знаеме дека се јавуваат и долго по „големиот“ удар. „Претшокови“ или „фор-шокови“ се откриени и може да се јават од минути до години пред главниот (на пр. Сицилија-Малта). Сега има испитувања на електромагнетни аномалии (Универзитетот „Вухан“) доволно пред земјотресот (КсиаоХуи Ду). Важно е да ги знаеме статистички ризичните зони. Скопје е една од нив. Кензо Танге велеше дека градбите не треба да бидат повисоки од четири ката и градот да биде максимално до 250 илјади жители. Ама кој го ферма Кензо Танге? Дали постојат „вештачки“ земјотреси? Да. Велат дека Никола Тесла индуцирал таков земјотрес во Њујорк со вибрациска направа. Во Втората светска војна измислиле бомба со длабока пенетрација и детонација што предизвикува земјотрес. Исто и при полнење длабоки шуплини со вода (од користена нафта на пр.).

Замислете јака детонација во Јелоустоун! Страшно – отиде светот. Дали тоа е сега применето? – Постојат разни „теории на заговор“, кои често се повеќе „пробабилити“ од „риалити“.
Да одиме понатаму – војни. Војната е генератор на огромни инвестиции (долгови), па според она што го рековме – војните се најголеми печатници на пари. Затоа нема да исчезнат. За прогнозите на украинската војна кажавме претходно (Дугин, Турчин, Малофеев, Панарин, Безруков), а за Блискиот Исток останува посебно да зборуваме. Накратко, за жал, за мене (за жал, сум врзан со Евреите и Израел, а можеби тоа не важи за вас) – Иран со дипломатско-маневарски способности станува енергетски хегемон, антидоларски командос. Потоа, Америка со концесии се деимперијализира и ако се повлече од Блискиот Исток ќе биде само „Монров папирус“ (белки е свесна). А Европа ќе биде суперизмеќар на џихадот (како е и сега). Џихадот расте од заморот на империите (свет без нас). Израел од „самурај“, ќе спадне на „нинџа“ – нинџите воделе натчовечки војни за да преживеат. А пропо – Черчил и Хитлер имаа една заедничка реченица – „предавање – никогаш“. Израел е сега 30 отсто со Арапи, па и без војни ќе стане мешавина од ислам и Азијати, кои масовно доаѓаат на работа. Моето предвидување е дека таму повторно и повторно ќе се генерираат војни. Цената на нафтата според Џ.П. Морган ќе паѓа за брент меѓу 70 и 80 долари, а во 2028 уште подолу, дури и накај 30 долари (не ми се верува). Светската банка прогнозира да се спушти на претконфликтната цена (65-72 долари), а ММФ вели дека прво ќе биде околу 75 долари, но во „тешко сценарио“ ќе се движи од 70 до 125 долари. „Ес енд пи“ е пооптимистичка и вели цената ќе паѓа на 65 долари.

Кај нас ќе има државна интервенција на цените, со благ пораст, а мафијата ќе продолжи да аздисува. Мислам дека состојбата е волатилна. Доларот е војна и мир. Америка нема да се откаже од империјализмот, а рековме дека одржување на империја е експанзија. Иран ќе прави како „ќе му шепнат“ Кина и Русија – значи ниска до средна цена, „шифтување“ валути, а од фундоџихадизмот нема да се откаже, ниту од анихилација на еврејската држава (рековме дека тоа е можно и без војна или „нисконивоичен“ континуиран конфликт). Со можно опаѓање на еврејското население – Израел ќе стане „нинџа село“ од конгломерат на разни хереди еврејски групации. А меѓународен закон? – Уфффффф – читај ги Голдсмит Џек или Охлин! Што велат други авторитети? – Кина е „ќути-бути“, но го перзистира доларот, Чатам хаус и СЦИС зборуваат за стабилизација, Андру Томас вели дека Иран ќе расте како фактор (геополитичко-економски), Кристалина Георгиева (ММФ) – има тенденција за општ „рикавери“ тренд. Израелски фундаменталисти зборуваат за „Гог-Магог“, а умерените Бенет и Лапид се воено-реал-скептици. Идејата за „голем Израел“ е глупост – но можен е „голем Мосад“, „голем СИГИНТ“ и нови геометрии. Панарин вели ќе перзистира борба против доларот и фрагментација на Западот.
Останаа уште инфекциите. Ковидот беше глобална катастрофа. Дали постојат лаборатории за биолошки воени агенси? Прашање не е дали има, туку каде се. Што би било ако „случајно“ се погоди таква лабораторија со дрон? – Некој белки мисли – ако мисли. Новата ебола се чини дека е локализирана, но не и завршена. И на крајот – како ќе станеш катастрофично глуп? – Не мисли, заборавај, не цени!

Проф. д-р Самуел Садикарио Колономос