Фото: Театар „Вортекс“

На 19. Меѓународен фестивал на современата драматургија „Кољада плејс 2026“ („Kolyada Plays“), што неодамна се одржа во Екатеринбург, Русија, независниот театар „Вортекс“ од Скопје доби престижно признание.

Со специјалната награда „Метална комета“ беше наградена претставата „Кокошка“, работена во копродукција меѓу театарот „Вортекс“ и НУ „Театар Комедија“. Претставата е поставена по текст на рускиот драмски автор Николај Кољада, во режија на Теодора Силјаноска.

Во претставата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева. Костимограф е Марија Пупучевска, соработник за сценско движење е Дарко Велиќ, изборот на сценографијата и музиката е на Теодора Силјаноска, а дизајнот на плакатот го изработи Михаил Велески.

На свечената церемонија, стручното жири составено од истакнати драмски уметници му ја врачи на македонскиот тим специјалната награда од „Театарот Кољада“, во конкуренција од 28 театарски продукции.

-Оваа награда на фестивалот се доделува во форма на метална ѕвезда со опашка, симболично наречена „Метална комета“, заедно со голем клинец, според идејата дека кометата треба да се закова за ѕидот за да не одлета. Автор на овој препознатлив фестивалски симбол е сценографот Владимир Кравцев – информираат од театарот „Вортекс“.

Фестивалот „Кољада плејс“ е еден од најзначајните и највлијателни театарски фестивали во Русија и пошироко во Источна Европа. Основан е во 2008 година од рускиот драмски автор, режисер и педагог Николај Кољада, една од клучните фигури на современата руска драматургија. Неговите текстови се поставувани на сцени низ Европа, а фестивалот со години претставува важна платформа за нова драматургија, авторски театар и меѓународна размена на современи сценски практики.

Фото: Театар „Вортекс“

Претставата го истражува копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сè постуден и поапатичен. Низ апсурд, импровизација и секојдневни ситуации, ликовите создаваат жив театарски чин како обид да се соочат со внатрешниот хаос и нарушените општествени вредности.

„Кокошка“ е приказна за младоста – немирна, искрена и гладна за промени, која се судира со стравот, рамнодушноста и затворените системи. Како џез-импровизатори, ликовите играат против непредвидливото, барајќи простор за надеж, слобода и човечност.

Независниот театар „Вортекс“ е колектив посветен на современата изведувачка уметност, интердисциплинарната соработка и општествено ангажираниот театар. Неговите членови развиваат авторски продукции, работилници и меѓународни соработки, истражувајќи физички театар, поетска драматургија и експериментален сценски јазик.

Ова не е прво значајно признание за „Кокошка“. Претставата претходно триумфираше и на 10. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Барбуќе Бериша“ во Приштина, Косово, каде што ја освои наградата за најдобра претстава, додека Биљана Драгиќевиќ-Пројковска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот.

Претставата беше одиграна во рамките на „Скопско лето“, а од следната театарска сезона ќе може да се погледне на малата сцена на „Театар Комедија“. Ф.Д.