Остра критика на поранешниот шеф на надворешната политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, до Урсула фон дер Лајен што отвори врати за најсериозната институционална криза во ЕУ
- Поранешниот шеф на надворешната политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, упати досега најостра јавна критика за растечката улога на Европската комисија (ЕК) во дипломатијата и одбраната, тврдејќи дека „ЕК ги надминува своите договорни овластувања и создава забуна околу тоа кој зборува во име на Европа на светската сцена“. Имено, во интервју за „Политико“, Борел го истакна проблемот на преклопувачките улоги на ЕК, од една страна, и на Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС), од друга страна, што создава „доста хаос“ во машинеријата за надворешна политика на Унијата
- Борел е првиот поранешен висок претставник на ЕУ што отворено, директно и јавно потврди дека „извршната власт на ЕУ, чуварот на договорите, всушност ја преминала линијата утврдена во правото на ЕУ!“ Досега, актуелни и поранешни функционери на ЕУ во кулоарите на Брисел, како и во приватни неофицијални разговори, неретко изразуваа жалење дека Европската комисија (ЕК) постојано агресивно го проширува своето дипломатско влијание, односно бескрупулозно си граби нови и нови ингеренции што не ѝ припаѓаат според легислативата на ЕУ
Ретки се моментите кога поранешен носител на една од највисоките функции во ЕУ јавно ќе го доведе во прашање однесувањето на институцијата што треба да биде чувар на европските договори. Токму затоа последните изјави на поранешниот висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, претставуваат исклучително значаен политички и институционален настан. За првпат еден поранешен висок претставник на Унијата отворено, директно и без дипломатски еуфемизми кажува дека Европската комисија (ЕК) ги надминува своите договорни овластувања и навлегува во области што, според основачките договори на Европската Унија, не ѝ припаѓаат. И ова, според наши соговорници, не е обична политичка критика. Ова е предупредување од човек што четири години ја водеше европската дипломатија и кој од прва рака ги познава институционалните граници воспоставени со правото на ЕУ.
Чуварот на договорите станува нивен толкувач – и прекршител?!
Европската комисија (ЕК) традиционално се нарекува „чувар на договорите“. Нејзината задача е да обезбедува почитување на европското право, а не самата да создава нови надлежности преку политичка практика. Токму затоа критиката на Борел има посебна тежина. Во интервјуто за „Политико“, тој експлицитно предупредува дека Европската комисија постепено ја презема улогата на европска влада во сферата на надворешната политика и одбраната, иако европските договори јасно прават разлика меѓу надворешната димензија на политиките на ЕУ и самата заедничка надворешна и безбедносна политика. Според Борел, комисијата не ја претставува Европската Унија во овие области.
– Комисијата ја претставува само комисијата – вели тој.
Со ова, поранешниот висок претставник всушност ја поставува суштинската дилема. Имено, „дали институцијата што треба да го брани владеењето на правото почнала самата да ги релативизира неговите граници“?
Институционално „грабање“ на овластувањата од страна на комисијата
Она што Борел го опишува не е изолиран случај. Тој зборува за постепен процес во кој Европската комисија сè повеќе навлегува во надлежностите на Европската служба за надворешно дејствување, но уште повеќе – во овластувањата што договорите им ги оставаат на земјите членки. Надворешната политика, според договорите, останува претежно меѓувладина политика. Одлуките ги носат државите членки преку Советот. Високиот претставник ја координира таа политика. Комисијата, пак, има надлежност врз политиките што имаат надворешна димензија – трговија, развојна помош, проширување, хуманитарна соработка и други слични области. Но Борел тврди дека денес таа граница практично исчезнува.
– Особено е впечатлив примерот што Борел го наведува со посетата на еврокомесарката Дубравка Шуица на Израел. Во момент кога официјалната висока претставничка на ЕУ, Каја Калас, е политички блокирана од израелската влада, комесар од Европската комисија испраќа сосема поинакви дипломатски пораки. Прашањето што Борел го поставува е: „Со кое договорно овластување еден комесар ја претставува политичката позиција на Европската Унија во чувствителен геополитички конфликт“?! Токму ваквите паралелни дипломатски активности, според него, создаваат институционален хаос и ја замаглуваат одговорноста за европската надворешна политика – вели наш соговорник, поранешен дипломат и брифер на „Нова Македонија“ за прашања од меѓународната политика и дипломатија.
Од дипломатијата до одбраната
Борел предупредува дека истиот модел денес се префрла и во сферата на европската одбрана. Назначувањето европски комесар за одбрана само по себе не би било спорно доколку неговите задачи останат ограничени на одбранбената индустрија и заедничкиот пазар.
– Еве уште еден силен пример за премината линија на правото од страна на европската влада и на нејзините министри, наречени еврокомесари, со писмото за мисија на Андриус Кубилиус, кое оди многу подалеку. Потсетувам, изградбата на „европска одбранбена унија“, како што тврди и точно знае Борел, веќе претставува задача што договорите му ја доверуваат на високиот претставник и на земјите членки. Оттука произлегува неизбежниот институционален судир. Не затоа што постои политичка нетрпеливост меѓу личности, туку затоа што различни институции почнуваат да вршат исти функции… – анализира нашиот соговорник, исклучително добро упатен во функционирањето на ЕУ.
Прашањето не е само политичко – туку правно: ЕК го поткопува самиот принцип на владеење на правото!
Во јавната дебата често се зборува за политичко лидерство. Многу поретко се зборува за правните ограничувања на институциите. Но токму тие ограничувања се темелот на европскиот правен поредок. Европската Унија постои врз принципот на доделени надлежности. Институциите можат да дејствуваат само во рамките на овластувањата што експлицитно им се дадени со договорите. Ниту една институција не смее сама да си создава нови надлежности. Доколку тоа стане прифатлива практика, тогаш се поткопува самиот принцип на владеење на правото.
– Европската Унија со години ги повикува државите кандидати да го почитуваат владеењето на правото. Но ако институцијата што е задолжена да ги брани договорите почне самата да ги проширува своите овластувања надвор од прописите и духот на договорите, тогаш неизбежно се отвора прашањето за кредибилитетот на целокупниот европски правен систем. Токму тука лежи најголемата тежина на предупредувањето на Борел. Тој не предупредува само за институционална конфузија. Тој предупредува за опасност од создавање практика во која политичката моќ постепено го заменува договорното право – толкува нашиот соговорник.
Предупредување што Брисел тешко ќе може да го игнорира
Според соговорникот, изјавите на Борел нема лесно да бидат отфрлени како дневнополитичка полемика. Тие доаѓаат од човек што бил претседател на Европскиот парламент, министер за надворешни работи на Шпанија и висок претставник на Европската Унија. Тој не зборува како надворешен критичар.
– Жозеп Борел зборува како непосреден сведок на функционирањето на европските институции. Затоа неговата оценка дека Европската комисија ги надминува договорните рамки претставува една од најсериозните институционални критики упатени кон Брисел во последните години. Без разлика дали некој ќе се согласи со неговата политичка процена, едно е неоспорно. Борел отвори дебата што повеќе не може да се затвора зад бриселските кулоари. Прашањето што тој го поставува е суштинско за иднината на Европската Унија, а тоа е дали владеењето на правото ќе остане врховен принцип и за европските институции или, пак, политичката практика ќе продолжи да ги проширува нивните овластувања надвор од она што е предвидено со договорите. Како во случајот со Македонија, што е најексплицитен пример на кршење на перемпторното право и на јус когенс! Доколку оваа институционална дилема не биде јасно решена, предупредувањето на Борел ќе остане да лебди над европскиот проект како потсетник дека ерозијата на владеењето на правото не започнува секогаш во државите членки, туку може да започне и во самото јадро на Унијата – вели децидно нашиот договорник, дипломат и политички аналитичар. Р.С.
Од наш агол
БРИСЕЛ ГО ИЗГУБИ МОРАЛНОТО ПРАВО ДА ДРЖИ ЛЕКЦИИ
- Борел ја отвори Пандорината кутија. Европската влада, односно таканаречената Европска комисија (ЕК), стана поголема од европското
право… Катастрофа
Понекогаш е потребен само еден човек од самиот врв на системот за да го каже она што со години тивко се шепоти низ бриселските институции, а одамна гласно кај нас. Само никој не сака да нѐ слушне. Но сега, некој однатре од ЕУ јавно, јасно и гласно изговори: „Обвинувам“ (француски: J’accuse), како во историското отворено писмо објавено на 13 јануари 1898 година од страна на францускиот писател Емил Зола.
Овој пат, Жозеп Борел го направи токму тоа. Неговиот став, обвинување и заклучок се повеќе од политичка критика. Тоа е предупредување дека Европската комисија (ЕК) постепено ги поместува институционалните граници што самите европски договори ги воспоставиле.
Кога поранешен висок претставник за надворешна и безбедносна политика јавно ќе каже дека Европската комисија навлегува во туѓи надлежности, создава „доста хаос“ и ја заменува улогата на институциите што според договорите треба да ја водат надворешната политика, тогаш тоа не може да се отфрли како обична политичка полемика. Тоа е предупредување дека во срцето на Европската Унија се појавува институционален проблем.
Најголемиот парадокс е што токму Европската комисија, која се претставува како чувар на европските договори и најгласен промотор на владеењето на правото, денес е обвинета од поранешен висок функционер дека самата ги поместува границите на тие договори. Ако ова предупредување е основано, тогаш се поставува едно непријатно прашање. Имено, како институција што бара беспрекорно почитување на правото од другите може да ја зачува својата морална и политичка убедливост ако самата е обвинета дека ги проширува своите овластувања надвор од договорниот мандат?

А за Македонија, оваа дебата има посебна тежина.
Со години Европската комисија е највлијателниот актер во процесот на проширување. Во тој процес, критериумите не секогаш се доживуваат како стабилни и предвидливи. Напротив, во македонската јавност, но сѐ повеќе и во светската јавност, одамна постои перцепција дека покрај формалните Копенхашки критериуми, Македонија се соочува и со дополнителни политички условувања што допираат до прашања на националниот идентитет, историското наследство, јазикот и уставните решенија. Токму затоа изјавите на Борел, за нас во земјава, добиваат дополнителна политичка тежина. Ако Европската комисија навистина покажува тенденција да ги проширува своите институционални овластувања и во други области, тогаш сосема легитимно е да се постави прашањето дали слична логика се применува и во политиката на проширување – преку сè пошироко толкување на условите што треба да ги исполнуваат кандидатите.
Европската Унија отсекогаш ја темелеше својата привлечност врз предвидливоста на правилата. Правната сигурност беше нејзината најсилна политичка валута. Ако правилата почнат да зависат од политичкиот момент, односот на силите или од интерпретацијата на институциите, тогаш се еродира токму она што ја правеше Унијата различна од класичната геополитика. Македонија не бара привилегии. Но има право да очекува дека критериумите ќе бидат еднакви, јасни и применувани доследно. Тоа е суштината на европската идеја. Предупредувањето на Борел затоа не треба да се чита само како критика на односите меѓу Европската комисија и Европската служба за надворешно дејствување. Тоа е многу поширок сигнал дека институционалниот баланс во Унијата не смее да се нарушува на сметка на правото.
Затоа што во моментот кога политичката волја ќе стане поважна од договорите, а институциите ќе почнат сами да ги редефинираат сопствените овластувања, владеењето на правото престанува да биде принцип и станува политичка порака што се применува селективно. А токму селективноста е најголемиот непријател на европскиот проект.
Борел можеби ја отвори оваа дебата поради институционалниот судир во Брисел. Но неговите зборови одекнуваат многу подалеку. Тие стигнуваат и до сите земји што со години чекаат пред вратите на Европската Унија, очекувајќи дека ќе бидат оценувани според правото, а не според политичката конјунктура. Ако Европската Унија сака да остане заедница заснована на право, тогаш нејзините институции мора први да покажат дека и самите се еднакво врзани со правилата што ги бараат од другите. Во спротивно, ќе продолжи да расте сомнежот дека во Брисел не се менуваат само политиките, туку и „кому-иде“, и самите правила и процедури… Н.М.






























