- Планот што британскиот премиер во заминување Кир Стармер го лиферува во пресрет на НАТО-самитот во Турција, како најголема трансформација на британската одбрана во последните децении, не е само национална стратегија за модернизација на вооружените сили. Тој претставува дел од една поширока политичка и геостратешка тенденција што во последните неколку години сè појасно ја обликува Европа. А тоа е постепена, но сѐ поинтензивна милитаризација, која се оправдува со аргументот дека „Европа се наоѓа пред најголемите безбедносни закани од крајот на Студената војна“
Премиерот на Британија во заминување, Кир Стармер, деновиве претстави еден план за динамично вооружување на Британија, кој очигледно сака да е европски пример и дел од една поширока политичка и геостратешка тенденција што во последните неколку години сè појасно треба да ја обликува Европа.
А во британскиот случај бројките се импресивни. Имено, воените расходи треба да пораснат од сегашните 2,3 на 2,7 проценти од БДП до крајот на деценијата, со амбиција да достигнат три проценти во следниот парламентарен мандат. Во следните четири години, Лондон планира речиси 300 милијарди фунти за одбраната, а годишните расходи ќе пораснат од 54 на речиси 80 милијарди фунти. Но зад статистиката стои една многу поширока политичка порака.
Европа во нова ера на воени јастреби
Во речиси сите поголеми европски држави последниве години се формира политички консензус, кој без поголеми резерви ги зголемува воените буџети. А значителен дел од европските либерални и центристички политички елити денес се најгласните промотори на новата безбедносна архитектура, инсистирајќи дека „Европа мора да биде вооружена повеќе од кога било!“
Во таков контекст, Стармер не отстапува од доминантниот европски наратив. Војната во Украина, кризата на Блискиот Исток, дезинформациите и растечките геополитички тензии се користат како аргументи дека Европа влегува во период на долгорочна нестабилност, која бара драматично зголемување на воените инвестиции.
Во неговата реторика доминира оценката дека светот се соочува со најголемите безбедносни предизвици во последните децении, а исходот од украинската војна ќе ја обликува Европа за генерации. Токму оваа процена претставува главната политичка основа врз која се градат новите европски воени политики.
„Поевропско НАТО“ е новата стратегија
Особено е значајна формулацијата што Стармер ја употребува кога зборува за иднината на Алијансата. Тој отворено вели дека неговиот план треба да придонесе за создавање „поевропско НАТО“. Тоа е политичка порака што заслужува внимание. Под овој концепт можеби на прв поглед не се подразбира дистанцирање од Соединетите Американски Држави, туку засега како преземање значително поголем дел од финансискиот и воениот товар од европските членки, со цел НАТО да добие посилна европска компонента.
Во суштина, Британија се позиционира како една од државите што сакаат да бидат двигател на новото европско вооружување, а не само негов следбеник.
Воениот пакт со Германија како сигнал
Не помалку важен е и акцентот што Стармер го става на новите партнерства. Развојот на прецизно наведувано оружје со Германија, изградбата на нови фрегати со Норвешка за следење руски подморници и дополнителните средства за заеднички набавки со сојузниците покажуваат дека Европа постепено создава многу потесна воено-индустриска интеграција. Практично, покрај институционалната рамка на НАТО, се создава мрежа од билатерални и мултилатерални воени партнерства, кои треба да ги забрзаат производството на оружје и развојот на нови технологии. Во таа смисла, британско-германската соработка има многу поголемо значење од обична индустриска програма. Таа претставува дел од процесот на создавање европски воено-индустриски комплекс со многу поголем капацитет отколку што Европа го имаше пред само неколку години.
Воената индустрија како мотор на економијата
Особено е впечатлив економскиот дел од планот. Стармер не зборува само за национална безбедност. Тој директно ја поврзува одбранбената политика со економскиот развој. Новите инвестиции треба да создадат околу 60.000 работни места, да им дадат приоритет на британските компании, инженерите и иноваторите, а фондот од 50 милијарди фунти треба да стане поддршка за британскиот воен извоз. Покрај тоа, милијарди фунти ќе бидат насочени кон беспилотни летала, автономни системи, вештачка интелигенција, ракети со долг дострел, нови оклопни средства и модернизација на сите родови на вооружените сили. Така, безбедносната политика постепено добива и економска функција. Воената индустрија повторно станува сектор од кој владите очекуваат индустриски раст, нови технологии, извоз и нови работни места.
Политиката на страв како инструмент
Сепак, останува прашањето без кое оваа политика тешко би можела да добие широка јавна поддршка. За да се оправдаат инвестиции од стотици милијарди фунти, потребно е јавноста да биде убедена дека безбедносната закана е непосредна. Во тој контекст Стармер повеќепати ја потенцира опасноста од Русија и оценува дека зголемениот притисок врз Москва преку украинската одбрана и економските санкции е неопходен. На прашањето дали неговиот план е доволен за спречување евентуална руска агресија врз НАТО, тој одговара дека е „апсолутно сигурен“ дека новата стратегија ќе обезбеди такво одвраќање.
Таквата реторика, според дел од аналитичарите, создава силна перцепција дека Европа се подготвува за можен голем воен судир, што дополнително ја зајакнува политичката поддршка за драматичното зголемување на воените буџети. Критичарите на оваа политика сметаат дека ваквите пораки придонесуваат за ширење чувство на постојана закана и воена психоза во јавноста, додека поддржувачите од либералните струи возвраќаат дека станува збор за реалистична процена на безбедносната средина по руската инвазија врз Украина.
Цена што ќе ја плати цивилниот сектор
Особено е индикативно признанието на Стармер дека дел од инфраструктурните и енергетските проекти ќе бидат одложени или целосно откажани за да се обезбедат средства за воените цели. Со тоа британската влада практично признава дека новата воена политика има своја економска цена.
– Средствата нема да бидат создадени од ништо. Тие ќе бидат пренасочени од други јавни политики. Тоа ја отвора дилемата дали Европа влегува во период во кој приоритетите постепено се префрлаат од социјален и инфраструктурен развој кон вооружување – велат наши соговорници, дипломати и добро упатени во меѓународната политика и дипломатија.
Стариот Континент пред нова историска раскрсница: Европа влегува во нова
етапа на својата геополитичка еволуција
Британскиот план не е изолиран случај. Тој претставува дел од многу поширок европски процес во кој безбедносните политики постепено стануваат централна политичка тема, а воените инвестиции се претставуваат како предуслов за стабилност, економски развој и за технолошки напредок.
Концептот на „поевропско НАТО“, засилената британско-германска воена соработка, развојот на заедничка воена индустрија и огромните вложувања во вооружување покажуваат дека Европа влегува во нова етапа на својата геополитичка еволуција.
Прашањето што останува отворено е дали оваа стратегија навистина ќе создаде поголема безбедност или ќе придонесе за нова долгорочна трка во вооружување, во која перцепцијата за неизбежност на иден конфликт ќе стане најсилниот аргумент за континуирано зголемување на воените расходи. Токму околу ова прашање во наредните години најверојатно ќе се води една од најострите политички и општествени дебати во Европа. Р.С.































