Од ракометното минато (29)
- Работнички во 1960 година стигна до завршницата на најмасовното натпреварување и тука беше поразен од Партизан (Бјеловар). Пласманот во финалето беше највисок дострел во историјата на клубот
По напорната и мошне неизвесна натпреварувачка сезона 1959/60, ракометарите на Работнички можеа малку да здивнат и да се радуваат на она што го постигнаа минатата сезона. Петтото место во Првата сојузна лига беше пласман, кој со задовoлство беше прифатен од целокупната македонска спортска јавност. Општа беше оценката оти тоа што го остварија скопските „железничари“ беше за почит, зашто тие, иако немаа исти услови за работа како другите прволигаши, сепак, беа цврст противник што им задаваше големи проблеми на ривалите.
Сезоната беше уште повпечатлива со појавата на големата ракометна ѕвезда во името на Теофил Томановиќ, кој полека, но сигурно го отвораше патот кон репрезентацијата, а со своите квалитети се вбројуваше не само меѓу најдобрите туку стручната фела сметаше оти е тој и најдобро десно крило во поранешната држава. Популарниот Тофо почна да ја гради својата кариера во Работнички, каде што секогаш беше следен од будното око на тренерот Славко Матовски.
– Ваков играч не се раѓа секој ден, тој е неверојатен талент. Но што е карактеристично за него, тој располага со огромен физички потенцијал. Тофо како да е роден за ракометот. Ваков играч никако не смее да се испушти – велеше на времето неговиот тренер Славко Матовски.
Тоа беа зборовите на покојниот тренер, а Томановиќ со своите игри бранејќи ги боите на Работнички, повремено и на југословенската сениорска репрезентација, само го потврдуваше тоа. Беше играч што израсна во легенда и има големи заслуги за квалитетното издигнување на ракометниот спорт во Македонија.
Но да се вратам назад кон годините во кои на Работнички, како и на сите спортисти во Скопје, поради поплавата во 1962 и катастрофалниот земјотрес во 1963 година, нималку не им беше лесно да ги реализираат своите активности.
Желба да се игра на два фронта
Следната сезона во Првата сојузна ракометна лига, 1960/61, симпатизерите на Работнички ја очекуваа со големи надежи и желба повторно да бидат во горниот дел од табелата. Во тој период, новото правило донесено од РСЈ дека тренер на прволигашка екипа не може да биде и активен играч особено го погоди Работнички. Имено, Славко, кој имаше 33 години, требаше да се определи за една од двете работи. Но Работнички најде варијанта Славко да биде задржан во двете улоги. Тоа беше направено на тој начин што за тренер официјално беше назначен професорот по фискултура во гимназијата „Орце Николов“, Александар Божовиќ, кој имаше одлични резултати како тренер на училишната екипа од која произлегоа голем број квалитетни играчи, од кои подоцна повеќето станаа членови на веќе поранешниот прволигаш Графичар. Така, Славко можеше непречено да игра, а пред форумите на РСЈ, Божовиќ практично се водеше како тренер на екипата.
Во Првата лига и понатаму скопскиот тим беше тежок противник за ривалите, кои особено по освоеното петто место во минатогодишната сезона со поголем респект гледаа кон скопските „железничари“. Амбициите, пак, во Работнички и овој пат беа во конкуренција на 10-те прволигаши да се освои едно од првите пет места на табелата.
Меѓутоа, Работнички имаше и една скриена желба. Имено, кога веќе беше јасно оти има еден солиден и квалитетен играчки потенцијал, зошто дебармаалци да не се обидат да сторат и нешто повеќе во југословенскиот куп. Така, практично со две цели пред нив, тие ја почнаа следната натпреварувачка сезона.
Охрабрувачки старт во Првата лига
Уште првите кола покажаа оти Работнички не е далеку од исполнување на зацртана цел, да биде меѓу петте во Првата лига. Во првото коло, како гостин, очекувано загуби од Борац во Бања Лука. Но поразот резултатски не беше толку страшен, 18-15, дури беше и коректен за еден дуел во кој противник му беше актуелниот шампион на државата. Меѓутоа, мора да се потенцира оти кога Работнички почна да ја намалува разликата и да се доближува до бањалучаните, во чии редови блескаа Сарачевиќ и Станивуковиќ, остана без еден од столбовите во тимот. Имено, судијата Гојниќ без никаква причина му даде црвен картон и го исклучи Миле Кратовалиев, со што беше спречена офанзивата на скопјаните, кои со седумте гола едноподруго стигнаа до конечниот резултат од 18-15.
Но овој пораз брзо се заборави зашто она најнеизвесното допрва доаѓаше. Работнички го очекуваа три тешки меча. Чувствувајќи оти се наоѓаат во добра форма ракометарите храбро влегоа во тие дуели. Во првиот, пред своите гледачи, го совладаа Загреб со 20-19, во вториот како гости скопјаните ремизираа со Партизан во Бјеловар, 9-9, што се сметаше за мала сензација, а во третиот во Скопје ја „прегазија“ Црвена звезда и победија со 16-10. Највозбудлив од трите беше оној натпревар во Бјеловар на кој во првото полувреме Работнички имаше водство од 5-4, но на крајот бјеловарчаните се извлекоа и се спасија од пораз пред својата публика.
Потоа дојдоа два пораза од две гостувања, во Сараево од Босна со 19-17 и во Панчево од Динамо со 13-10. До крајот на есенскиот дел во Скопје ја победија Дубочица од Лесковац со 18-15, а во последните две кола претрпеа порази, прво од Партизан во Белград со 17-15, а потоа, што беше големо изненадување, пред својата публика од Млада Босна, со 14-22.
По сите овие победи и порази првата полуетапа од шампионатот на Југославија, Работнички ја заврши на осмата позиција со седум бода.
Работнички финалист на Купот
Во паузата од првенството екипите ги очекуваа и настапите за југословенскиот ракометен Куп. Меѓу екипите што требаше да учествуваат во завршните натпревари во најмасовното натпреварување беше и Работнички. Со оглед на тоа што имаа напорна есен, во таборот на скопјаните преовладуваше мислењето во Купот да се настапи со младата екипа. По многу дискусии меѓу стручниот штаб и раководството на клубот, на крајот, сепак, се донесе одлука Работнички да почне во Купот со најсилната екипа, зашто и тој даваше шанса за ново докажување и афирмација. Инаку, сите средби од Купот, почнувајќи од осминафиналето, беа предвидени да се одиграат во ноември.
Работнички во почетокот на завршните натпревари во Купот во првата недела на ноември во шеснаесеттина финалето како гостин го совлада Бор со 14-30. Една недела подоцна во осминафиналната пресметка во Скопје беше остварена победа над Дубочица со 20-16 Противник на Работнички во четврфиналната средба му беше стариот познаник, нишки Железничар. Натпреварот се одигра на игралиштето на Работнички по многу лошо врнежливо време и каллив терен. Сепак, на тешкиот терен подобро се снајде домаќинот, кој победи со 10-6. Откако беше отворен патот кон полуфиналето, кое следуваше по само четири дена, ракометарите немаа време за одмор. Продолжија со тренинзите во очекување на гостувањето кај Партизан во Белград. Состојбата во Работнички беше зовриена до највисока точка, зашто сите посакуваа да ја искористат големата шанса и да се пласираат во финалето на Купот. Можеби затоа, играчите и не го чувствуваа заморот и со погледите беа свртени само кон Белград и следниот противник Партизан. Ова беше голема шанса за играчите, клубот, но и за македонскиот ракомет. Ова беше идеална можност да се испише една нова убава страница во нашиот ракомет.
Дојде и тој долгоочекуван ден за директниот судир, 24 ноември 1960 година. И во тој жесток дуел Работнички забележа голема победа, со 11-6. Белграѓани, кои претходната година го освоија Купот, беа шокирани и не можеа да веруваат оти наместо нив во финалето ќе заигра Работнички. Томановиќ повторно блескаше и беше стрелец на пет гола. Маерле постигна два, а Фишиќ, Загорац, Кратовалиев и Никола Матовски по еден погодок. На голот со неколкуте извонредни одбрани се истакна Ѓукиќ, а Славко Матовски беше главниот коректор на играта.
Ракометарите на Работнички го остварија големиот сон и стигнаа до финалето на Купот, но тука веќе беа немоќни и доживеаја пораз во Бјеловар од домашниот Партизан со 22-13. Тогаш во „Нова Македонија“ овој пласман во финалето и освоеното трето место во шампионатот на Југославија во 1956 година беа оценети како највисоки дострели на македонските, не само ракометни, туку воопшто спортски екипи.
Да се потсетиме на составите што настапија во финалето.
Партизан (Бјеловар): Звонко Јандроковиќ, Зовко, Хуњади 1, Ќуковиќ 3, Кравица, Ѓурашевиќ 1, Жељко Јандроковиќ 6, Сокиќ 1. Гаљер, Ѓуранец 2, Драго 8 и Доленц.
Работнички: Ѓукиќ, Кратовалиев 1, Брезовски, Славко Матовски 3, Маерле 1, Томановиќ 2, Загорац 4, Геровски 2, Никола Матовски, Фишиќ и Јовановски.






























