Фото: Приватна архива

Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, основан во 2003 година
кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското Езеро за Меѓуграничен европски
парк меѓу Македонија, Грција и Албанија, годинава ќе го одбележи своето 24. издание, кое ќе се одржи од 6 до 11 јули 2026 година во Ресен и Преспа.

Фестивалот традиционално ги обединува најзначајните театарски творци од Европа и
Балканот, продолжувајќи ја својата мисија за развој на културниот дијалог, европските вредности и уметничката соработка меѓу народите.

Свеченото отворање ќе се одржи на 6 јули во 21 часот на сцената пред Сарајот во Ресен, со обраќања на градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, и претседателот на фестивалот, академик Јордан Плевнеш.

На отворањето ќе биде врачена престижната награда за животно дело „Актер на Европа 2026“ на истакнатиот словенечки актер, режисер и театарски педагог Нико Горшиќ, едно од најзначајните имиња на современиот словенечки и европски театар. Со ова признание тој се приклучува на импозантната галерија лауреати меѓу кои се Љуба Тадиќ, Јон Карамитру, Милена Зупанчич, Ана Патерсон, Марсел Бозоне, Раде Шербеџија, Брус Мајерс, Милан Књашко, Енико Есењи, Ива Јанжурова, Брајан Мајклс и други великани на европската сцена.

На истата церемонија ќе бидат доделени и традиционалните признанија „Клучевите на
Преспа“, кои годинава ќе ги добијат Македонското еколошко друштво – институција со
меѓународно реноме посветена на заштитата и промоцијата на уникатниот екосистем на Преспанскиот регион, како и публицистот и хроничар на македонското иселеништво
Славе Николовски – Катин, за неговиот повеќедецениски придонес во афирмацијата на Македонија во светот и неговата трајна поврзаност со Преспа.

Традиционалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“ годинава ќе им биде
доделена на македонскиот економски и културен деец Дејан Панделески, грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас, истакнатиот книжевен критичар и академик Али Алиу, како и на Европскиот институт за менаџмент, право и дипломатија, за нивниот придонес во развојот на културната соработка, европскиот дијалог и духовното поврзување на народите од Балканот.

Во рамките на официјалната програма на фестивалот, публиката ќе има можност да
проследи пет исклучителни театарски продукции од Црна Гора, Македонија, Франција и Бугарија.

На 7 јули ќе биде изведена претставата „Aurora Amoris“ од Црна Гора, во адаптација и
режија на Горан Бјелановиќ, инспирирана од поезијата на Владимир Мајаковски, со
настап на Александра Војводиќ Јововиќ (сопрано) и Горан Бјелановиќ.

На 8 јули на сцената на Сарајот ќе биде претставен македонскиот проект „BIVIR…(Да се преживее)“, во продукција на Македонскиот народен театар и АРТ КУЛТ-УРА! – Скопје, авторско дело на Снежана Коневска – Руси.

На 9 јули фестивалската програма ќе продолжи на сцената „Мејбери“ во Претор со
претставата „Камења во неговите џебови“ од ирската авторка Мери Џонс, во продукција на Алтернативниот театар Пробатон, во режија на Давид Илиќ.

На 10 јули љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да ја проследат
француската претстава „Живеев во 20-тиот век“ („J’habitais le 20ème“), продукција на
Théâtre Éphéméride и Maison de la poésie de Normandie, во адаптација и изведба на
познатиот француски актер и режисер Патрик Вершуерен.

Завршната вечер на фестивалот, на 11 јули, ќе биде одбележана со бугарската продукција „Кученцето се насмеа“, инспирирана од романот „Прашај ја прашината“ на Џон Фанте, во изведба на актерот Севар Иванов и режија на Ана Батева.

По изведбата ќе следува свеченото затворање на 24. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“ и доделувањето на фестивалските награди.

И оваа година Преспа ќе биде место каде што театарот, литературата, музиката и
европскиот дух ќе се сретнат во славење на уметноста како универзален јазик на
слободата, дијалогот и човечкото достоинство.