Цените на нафтата вчера се спуштија под 71 долар за барел на меѓународните пазари, под притисок на сигналите за постепена нормализација на транзитот низ Ормускиот Теснец и засилената конкуренција меѓу производителите од Персискиот Залив.
На лондонскиот пазар барелот нафта „брент“ вчера попладне беше поевтин за 78 центи и се тргуваше за 70,79 долари. На американскиот пазар цената на барелот беше пониска за 90 центи и изнесуваше 67,68 долари.
Расположението на пазарите оваа недела беше обележано со навестувања за постепено обновување на испораките низ Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта.
„Сауди Арамко“ минатиот петок го обнови товарењето на нафта на терминалот Рас Танура во Персискиот Залив, по речиси четиримесечен прекин, јави Ројтерс. Според трговски извори и податоци за поморскиот сообраќај, најмалку пет супертанкери со вкупно 10 милиони барели саудиска нафта испловиле од Рас Танура и го преминале Ормускиот Теснец.
Уште четири супертанкери од класата VLCC се наоѓаат во близина на Рас Танура, при што три чекаат товарење, а еден е веќе целосно натоварен, покажуваат податоците.
Саудискиот нафтен гигант, според извори од трговските кругови, почнал да нуди дел од нафтата за азиските купувачи по спот-цени, со цел да ја забрза продажбата во услови на зголемена конкуренција меѓу добавувачите. Ројтерс наведува дека другите производители од Блискиот Исток веќе нудат нафта за испорака во јули и август по пониски цени, додека дел од рафинериите веќе обезбедиле доволни количини до август.
Трговците очекуваат „Сауди Арамко“ значително да ги намали официјалните продажни цени за август. Според анкета на Ројтерс меѓу извори од нафтениот сектор, цената на саудиската нафта „араб лајт“ за азиските купувачи може да биде намалена за 6,50 до 8 долари за барел во однос на јулската цена.
Обновувањето на испораките низ Ормускиот Теснец ги намали стравувањата од нарушување на снабдувањето и го зголеми притисокот врз цените. Сепак, пазарите и натаму внимателно ги следат геополитичките случувања во регионот и текот на преговорите меѓу САД и Иран.

































