Покрај брегот на Охридско Езеро, во Калишта, се одржа 11. Меѓународна поетска манифестација „Охридски поетски бисер“, во организација на Здружението за литература и култура „Охридски поетски бисер“ од Охрид. Лауреат на годинашното издание и добитник на гран прито, прво место во категоријата „Македонски поети“, е македонската поетеса Гордана Каракашевска, за песната „Хартиени сеќавања“. Наградата ѝ беше врачена во Калишта, на брегот на Охридско Езеро – простор што со својата природна убавина, духовност и културна традиција претставува едно од највпечатливите места за литературни средби во Македонија.
Ова признание претставува уште една значајна потврда за творештвото на Каракашевска и доаѓа во период на засилена меѓународна книжевна афирмација. Во текот на 2026 година нејзини дела беа објавени и претставени во повеќе меѓународни книжевни проекти, меѓу кои и британската поетска селекција на „Ербаче-прес“ (erbacce-press), како и литературното списание „Литератур РВ“, каде што беше објавен нејзиниот хибриден расказ „Драга Ана“.
– Ова признание за мене претставува голема чест, но и обврска да продолжам да создавам и да верувам во силата на поетскиот збор. Поезијата и денес има моќ да го именува неискажаното, да создава блискост меѓу луѓето и да нè потсетува на она што нè прави луѓе – изјави Каракашевска.
Меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер“ традиционално собира автори од Македонија и од странство, придонесувајќи за афирмација на современата поезија и за развој на меѓународната книжевна соработка.
































