Топлотните бранови ја ставаат Европа во полето на растечка побарувачка за електрична енергија, а државите тежнеат кон потребата за енергетска сувереност
- Топлотните бранови, кои сè почесто ја погодуваат Европската Унија, не се само климатски туку и сериозен енергетски предизвик. Со температури што во јужниот дел на континентот редовно надминуваат 40 Целзиусови степени, електричните системи се доведени до граници на издржливост. Она што порано се сметаше за сезонски скок во потрошувачката, денес станува структурен тренд
Жешкото време што допрва почнува во летниот период како да ја менува и практиката на потрошувачката на електрична енергија кај граѓаните низ Европа. Имено, струјата веќе не е само индустриски ресурс туку станува и основна и насушна „летна потреба“ за домаќинствата.
Домаќинствата летово како нов двигател на побарувачката
Деценискиот фокус на индустријата како главен потрошувач на електрична енергија постепено како да се поместува. Климатизацијата, електричните апарати, дигитализацијата на домот и растечката електрификација на секојдневието создаваат нов постојан притисок врз мрежите. Во земји како Грција, Италија и Шпанија, летните месеци веќе носат двоцифрени проценти на зголемување на побарувачката. Овој тренд не е повеќе исклучок, туку „нова нормала“. Она што е клучно да се истакне е дека растот на побарувачката не е рамномерен, туку концентриран во најжешките денови, што создава краткотрајни, но екстремно опасни високи оптоварувања за мрежата, велат познавачите на состојбите, наши соговорници што ги следат овие појави.
– Електроенергетските системи се проектирани за просечни услови, но сѐ пофреквентните климатски екстреми ја менуваат играта. Кога побарувачката нагло скока, а истовремено се намалува ефикасноста на термоцентралите и другите извори, се создава ризик од фреквентни отстапувања и локални прекини. Историјата од последните години покажува дека дури и високоразвиени системи не се имуни на овие шокови. Во некои случаи, комбинацијата од висока температура и технички дефекти доведе до сериозни оптоварувања на мрежата и скокови во цените на електричната енергија – велат нашите соговорници, експерти, пензионирани професори на Електротехничкиот факултет при УКИМ во Скопје, кои ни алармираа за ваквата интересна појава во Европа.
Тие додаваат дека „покрај техничките ризици, постои и економска димензија, која станува сè поважна“.
– Кога понудата не може да ја следи побарувачката, цените растат драматично, особено на краткорочните пазари. Тоа директно ги погодува домаќинствата и малите бизниси, кои немаат механизми за заштита од ценовни шокови. Во вакви услови, електричната енергија престанува да биде стабилен трошок и станува фактор на економска несигурност – истакнуваат нашите соговорници.
Од зависност кон сувереност: За новата енергетска стратегија на Европа
Сè погласно станува прашањето за енергетска самостојност.
– Државите во рамките на Европската Унија се соочуваат со дилема. Имено, дали да продолжат со зависност од увоз или да инвестираат во домашно производство и складирање. Клучната насока веќе се навестува преку забрзан рестарт и развој на досегашни домашни, базни, но и нови извори. Германија, на пример, покажува дека комбинацијата од различни извори на енергија, од нуклеарни (од кои се откажа и стана исклучително ранлива), преку реверзибилни хидроцентрали, па и соларни, може значително да ја намали ранливоста на системот во време на врвна побарувачка. Но транзицијата не е само технолошко прашање – таа е и прашање на инвестиции, инфраструктура, но пред сѐ на политичка волја – велат нашите брифери, кои прашањето за електрична енергија и производство по малку го ставаат и во областа на политичката идеологија.
Сонцето како спас, но не и единствен одговор
Растот на соларната енергија носи нова надеж во енергетскиот микс на Европската Унија, особено во периоди на дневни максимуми кога фотонапонските централи можат значително да ја намалат зависноста од фосилни извори.
– Сепак, сончевата енергија останува интермитентна и не секогаш се совпаѓа со вечерните часови на највисока потрошувачка, што ја отвора потребата за дополнителни стабилни извори. Во таа насока, сè поголемо внимание добиваат малите модуларни нуклеарни реактори (СМР), кои нудат стабилно нискојаглеродно производство, со помала почетна инвестиција и поголема флексибилност во споредба со класичните нуклеарни централи. Тие се гледаат како потенцијален основен столб на идните енергетски системи, особено за земјите што сакаат да ја намалат зависноста од увоз на енергија. Паралелно, когенеративните централи добиваат на значење бидејќи овозможуваат истовремено производство на електрична и топлинска енергија со висока ефикасност. Во урбани и индустриски средини, тие можат да ја намалат загубата на енергија и да обезбедат пофлексибилно локално снабдување. Не треба да се занемари ниту хидроенергијата, која останува еден од најсигурните обновливи извори во Европа. Особено реверзибилните хидроцентрали играат клучна улога како природни батерии, овозможувајќи складирање на вишокот енергија од сонце и ветер и нејзино користење во периоди на највисока побарувачка. Комбинацијата од соларна енергија, СМР-технологии, когенерација и хидроенергија се наметнува како можен балансиран модел за иднината – систем што не се потпира на еден извор, туку на мрежа од меѓусебно дополнувачки технологии што ги зголемуваат енергетската сигурност и отпорност – тврдат нашите соговорници.
Електричната енергија како инфраструктурна безбедност во иднина
Во наредните години, електричната енергија ќе престане да биде само економски ресурс и ќе стане прашање на национална и регионална безбедност. Државите што ќе успеат да изградат стабилни, пред сѐ, домашни и диверзифицирани енергетски системи ќе имаат предност, не само економски туку и стратешки.
– Предизвикот нам ни е јасен. Да направиме сѐ што е можно за да се изгради систем што нема да зависи од увозни шокови, климатски екстреми или пазарни кризи, туку ќе биде доволно отпорен, флексибилен и независен за да ја издржи новата климатска реалност на Европа – порачуваат нашите соговорници, експерти од областа на енергетиката.
































