Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека јавните финансии се стабилизирани во изминатите две години и дека јавниот долг во првиот квартал од 2026 година изнесува 58,9 проценти од БДП, што, според неа, е пониско од проекциите при преземањето на мандатот, пренесе МИА.
На отчетната прес-конференција, таа истакна дека Владата го променила пристапот кон јавните инвестиции преку формирањето на Комитет за јавни инвестиции, со цел средствата да се насочуваат кон подготвени и одржливи проекти.
Според министерката, во изминатиот период се зголемила реализацијата на капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, образованието, комуналните проекти, како и во одбраната и безбедноста.
Димитриеска-Кочоска посочи дека се усогласени царинските стапки за 70 суровини и репроматеријали со правилата на Европската Унија, а обезбедени се и 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании, како и исто толку средства за капитални проекти во општините.
Таа информираше дека Министерството работи на измени на даночните закони и нов Царински закон, како и на дигитализација на финансиските процеси. Посочи дека е воведен и системот OECD Pillar 2, со кој се воведува глобален минимален данок од 15 проценти за големите мултинационални компании.
Во делот на контролата, министерката рече дека во изминатите две години биле одземени пет дозволи за работа на финансиски друштва, изречени казни на 18 друштва и преземени повеќе мерки за отстранување на неправилности.
Осврнувајќи се на пазарот на капитал, таа истакна дека третата емисија на граѓански обврзници привлекла 1.543 инвеститори кои вложиле повеќе од 33 милиони евра, што, според неа, е показател за довербата во економските политики.
Димитриеска-Кочоска најави дека ќе продолжат фискалната консолидација, дигитализацијата на јавните финансии, борбата против сивата економија и реформите насочени кон подобрување на деловната клима.
Говорејќи за актуелните глобални случувања, таа рече дека конфликтот на Блискиот Исток создава ризик од нов ценовен шок, поради што Владата донела мерки за намалување на ДДВ за нафтените деривати и на акцизите за горивата.
Во однос на Реформската агенда 2024–2027, министерката посочи дека Министерството за финансии реализирало осум од вкупно 22 исполнети реформски чекори, што придонело за одобрување на 142,1 милион евра средства од Планот за раст на Европската Унија.

































