Фото: Пиксабеј

Европската Унија е подготвена да ги прераспредели средствата од Планот за раст за Западен Балкан во корист на земјите што бележат најголем напредок во реформите и пристапниот процес, објави „Еуроњуз“, повикувајќи се на двајца претставници на ЕУ.

Според медиумот, средствата би можеле да бидат насочени кон Црна Гора, Албанија и Македонија, додека дел од другите земји од регионот се соочуваат со тешкотии во исполнувањето на договорените реформски рокови.

Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан беше воспоставен во 2024 година, со цел финансиски да ги поттикне земјите од регионот да ги спроведат реформите потребни за приближување кон Европската Унија. Тој го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува вкупно шест милијарди евра поддршка.

Според податоците на Европската комисија, досега се ослободени околу 673 милиони евра од достапните средства, а најголемиот дел од исплатите се однесуваат на три земји – Албанија, Црна Гора и Македонија.

Во мај годинава, Комисијата одобри исплата од 158,9 милиони евра за овие три земји: 49 милиони евра за Албанија, 44,2 милиони евра за Црна Гора и 65,7 милиони евра за Македонија.

Механизмот функционира врз основа на јасни услови: средствата се исплаќаат само доколку земјите ги спроведат договорените реформски чекори во предвидените рокови. Доколку реформите не се реализираат, Комисијата може да ги задржи средствата поврзани со конкретниот услов.

Корисниците имаат рок од една година за исполнување на условите пред средствата да можат да бидат прераспределени, а за првата година рокот е продолжен на две години. Тоа значи дека крајот на јуни беше првиот важен рок за проценка.

-Како што е наведено во регулативата, кога реформските чекори не се исполнети и кога ќе истече грејс-периодот, соодветните средства можат да се прераспределат меѓу другите корисници – изјавува портпарол на Европската комисија за „Еуроњуз“.

Портпаролот додава дека, во врска со реформските чекори што требало да бидат завршени до 30 јуни 2026 година, Комисијата сега ќе спроведе „сеопфатна и објективна проценка“ за сите корисници.

Според „Еуроњуз“, најголем губитник би можела да биде Босна и Херцеговина, која досега не добила средства од инструментот, бидејќи не успеала да ги спроведе потребните реформски чекори, главно поради сложената институционална структура. Косово и Србија исто така би можеле да се најдат во понеповолна положба, иако веќе добиле дел од средствата.

Комесарката за проширување Марта Кос уште во април ги повика земјите од Западен Балкан да ги забрзаат реформите, предупредувајќи дека во спротивно ризикуваат да изгубат дел од средствата предвидени со Планот за раст.

Претставници на ЕУ нагласуваат дека станува збор за стимулативно финансирање, а не за одземање средства, бидејќи земјите имаат право на исплата само доколку ги исполнат реформските обврски.

-Тоа е како работа на час. Плата добивате само за работата што навистина сте ја завршиле – изјавил претставник на ЕУ за „Еуроњуз“, кој побарал анонимност.

Се очекува Европската комисија подоцна овој месец да им достави повеќе детали на земјите-членки, вклучително и за тоа колкав износ би можел да биде прераспределен.