Партијата ЗНАМ е единствениот владин партнер што доби дополнителна функција во рамки на владината реконструкција, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев на прес-конференција по повод двегодишниот отчет за работата на Министерството, пренесе МИА.
Тој рече дека ЗНАМ го прифатила предизвикот да спроведува дел од својата програма и во Министерството за земјоделство, нагласувајќи дека партијата останува стабилен и лојален партнер во Владата.
Според Минчев, дополнителната функција се однесува на заменик-министер, а разговорите за кадровските решенија во вториот и третиот ешалон ќе продолжат од септември. Тој изрази уверување дека новиот министер за земјоделство, Борче Серафимовски, кој досега беше државен секретар во ресорот, успешно ќе ја извршува функцијата.
Минчев нагласи дека Министерството за земјоделство е еден од најважните ресори, бидејќи, како што рече, самоодржливоста на државата била една од клучните програмски определби на ЗНАМ уште на парламентарните избори.
Осврнувајќи се на критиките во јавноста, тој оцени дека дел од опозициските медиуми и портали во изминатите денови се обидуваат да ја претстават ЗНАМ како губитник од реконструкцијата на Владата.
Според него, партијата од своето формирање имала јасна цел – да преземе одговорност и да испорача резултати во извршната власт, што, како што рече, веќе го покажала преку работата на своите министри.
Минчев посочи и дека поранешниот министер за правда Игор Филков поставил темели за долгогодишни реформи во правосудството, при што биле подготвени 33 законски решенија поврзани со Реформската агенда, од кои четири веќе се усвоени во Собранието, а во процесот учествувале повеќе од 300 експерти во 24 работни групи.
Тој заклучи дека, спротивно на тврдењата во дел од јавноста, ЗНАМ не е губитник, туку партија која добила дополнителна одговорност и продолжува да ги реализира своите програмски определби во Владата.




































