Буџетската математика покажува дека Брисел најпрво се обидува да ја спаси сопствената каса, а дури потоа да размислува за нови членки (2)
- Европската Унија повторно се соочува со својата најголема слабост, а тоа очигледно не е недостигот од воени амбиции, туку – недостигот од пари. Додека официјален Брисел зборува за геополитичко проширување, за прием на нови држави и за „обединета Европа“, зад затворени врати веќе неколку месеци се води многу потешка битка, имено кој ќе ја плаќа сметката за Унијата во следните седум години
Преговорите за новата повеќегодишна финансиска рамка (2028–2034), вредна околу два билиона евра (еден билион е еднаков на илјада милијарди – н.з.), покажуваат дека Европа денес нема проблем само како да троши повеќе, туку пред сè како воопшто да обезбеди доволно приходи за сопственото функционирање.
Во таа насока, иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за воведување нови европски даноци не е израз на европски федерализам, туку признание дека сегашниот финансиски модел веќе не може да ги покрие растечките потреби на Унијата.
Францускиот министер за Европа, Бенџамин Хадад: Никој не може да си дозволи да се потпира само на националните придонеси
Најискрената дијагноза дојде токму од Париз. Францускиот министер за Европа, Бенџамин Хадад, без дипломатски украси призна: „Не можеме да се потпираме само на националните придонеси, никој не може да си го дозволи тоа“. Оваа реченица всушност кажува многу повеќе отколку десетици официјални документи на Европската комисија.
Имено, ако една од најголемите економии во ЕУ признава дека веќе нема простор за повисоки национални уплати, тогаш станува јасно дека проблемот не е технички, туку структурен. Франција денес е меѓу најзадолжените земји во Унијата, Германија се соочува со економско забавување, Италија останува оптоварена со јавен долг, а таканаречените „штедливи држави“ – Холандија, Австрија, Шведска и други – одбиваат дополнително да ја зголемуваат својата нето-уплата во европската каса.
Исказот „сопствените ресурси не стасуваат“ е признание дека сегашниот систем не функционира
Европската комисија веќе неколку години инсистира на создавање нови „сопствени ресурси“. Во превод, Брисел сака дел од приходите да не зависи од националните буџети, туку директно да се собираат преку европски механизми, односно приходи од системот за тргување со емисии, јаглеродниот механизам на граница, давачки за електронски отпад, тутунски акцизи, па дури и даноци врз големите дигитални компании. Познавачите на процедурите во ЕУ токму овде го лоцираат и колосалниот процедурален, но и суштински, политички проблем за Унијата.
– Токму тука започнува најголемиот политички судир. Секоја предложена нова давачка погодува различни национални интереси. Една земја не сака да страда нејзината индустрија. Друга не сака дополнително да се оданочуваат нејзините компании. Трета стравува од намалување на конкурентноста. А бидејќи за новите сопствени ресурси е потребна едногласност на сите 27 членки, секоја влада практично има право на вето. Затоа и покрај многубројните предлози, договорот со години се одложува – тврдат нашите соговорници.
Најголемиот товар допрва доаѓа
Дополнителен проблем претставува фактот што од 2028 година започнува отплатата на заедничкото задолжување создадено за време на пандемијата преку фондот „НекстџенерејшнЕУ“ (NextGenerationEU). Во врска со ова, нашите соговорници издвојуваат дека „најголемиот проблем за Брисел допрва ќе исплива“.
– Тоа значи дека дел од идниот европски буџет нема да финансира нови политики, туку ќе оди за отплата на веќе направени долгови и камати. Истовремено, ЕУ сака повеќе средства за одбрана, безбедност, за Украина, за конкурентност наспроти САД и Кина, за зелена транзиција, за дигитализација, за миграција, за енергетска безбедност… Практично, бројот на политички приоритети постојано расте, додека изворите на приходи не растат со исто темпо – тврдат нашите соговорници, обидувајќи се да ни ја приближат реалната димензија на проблемот.
Каде е проширувањето во оваа равенка?
Токму тука започнува најнепријатното прашање за земјите кандидати. Во политичките говори проширувањето останува „стратешки приоритет“. Но во буџетските пресметки тоа значи нешто сосема друго. Секоја нова членка автоматски станува корисник на кохезионите фондови, земјоделските субвенции, инфраструктурните програми, регионалниот развој и голем број други европски фондови. Со други зборови – проширувањето не е само политичка одлука. Тоа е огромна финансиска обврска.
– Ако денес ЕУ тешко успева да најде компромис како да ги финансира сопствените политики со 27 членки, сосема е логично да се постави прашањето како ќе обезбеди дополнителни десетици милијарди евра за прием на нови држави. Не случајно во актуелните буџетски преговори доминираат темите за нови извори на приходи, а не конкретни финансиски пакети за идното проширување – го издвојуваат нашите соговорници своето размислување, додавајќи дека не сакаат јавноста да биде разочарана уште еднаш и дека би било подобро да ја знае реалната, фактичка ситуација.
Прво финансиска стабилност, па политичко ширење
Во Брисел одамна е позната една непишана логика. ЕУ најпрво мора да обезбеди стабилно финансирање на своите институции, политики и долгови, а дури потоа може сериозно да разговара за преземање нови финансиски обврски. Затоа денешната дебата околу новите европски даноци всушност не е дебата за проширувањето. Таа е дебата за финансискиот опстанок на сегашната Унија. Сè додека не се затворат буџетските „дупки“, не се обезбедат нови сопствени приходи и не се постигне согласност меѓу земјите членки, проширувањето ќе остане повеќе политичко ветување отколку буџетска реалност. Затоа сегашните преговори околу двобилионскиот буџет се многу повеќе од финансиска расправа.
– Сегашните жолчни дебати за буџетот претставуваат тест за иднината на европскиот проект. Од една страна стојат амбициите, а тоа е посилна Европа, поголема безбедност, нови членки и поголема геополитичка улога. Од другата страна стои суровата буџетска математика. А токму таа математика покажува дека денешната Европска Унија прво бара начин како да ја затвори сопствената финансиска конструкција, да ги намали буџетските дефицити и да обезбеди стабилни „сопствени ресурси“, пред воопшто да може сериозно да ја финансира следната фаза од проширувањето – тврдат нашите соговорници, добро упатени во процедурите и содржините на политиките на Брисел.
Политичката волја може да отвори врата. Но, без финансиска можност, таа врата многу тешко ќе се премине. Во Брисел можеби декларативно никој не го оспорува политичкото значење на проширувањето. Но сè почесто се поставува едно многу поприземно прашање – не дали Европа сака да се прошири, туку дали може финансиски да си го дозволи тоа.
Далибор Станковиќ
Германија најостро бара кратење од 400 милијарди евра за „неодржливиот буџет на ЕУ“
Ниту во Германија веќе не растат евра на гранка
- Како најголем нето-придонесувач во ЕУ, Германија е вознемирена од предложената скала на следниот седумгодишен буџет, што е значително зголемување од буџетот од 1,3 билион евра за 2021-2027 година. Берлин тврди дека дури и со предложеното намалување од 400 милијарди евра, буџетот сепак би бил за 27 отсто поголем од сегашниот, зголемувајќи го годишниот придонес на Германија на над 50 милијарди евра
Германија бара намалување од 400 милијарди евра на предложениот буџет на Европската комисија од два билиона евра (еден билион е еднаков на илјада милијарди – н.з.) за 2028-2034 година, предупредувајќи дека сегашните планови се „неодржливи“. Во интерен владин документ на Германија во кој е проследено барањето на германската влада во кое се бара „намалување од 400 милијарди евра на предложениот буџет на Европската комисија“ имал увид и реномираниот медиум „Ројтерс“.
Бидејќи буџетот на ЕУ, познат и како повеќегодишна финансиска рамка, бара едногласност меѓу сите 27 земји членки, острата опозиција на Германија сигнализира тешка битка што претстои. Тоа се забележува и Берлин предупредува во документот дека „како што е сега, договор е невозможен“.
Како најголем нето-придонесувач во ЕУ, Германија е вознемирена од предложената скала на следниот седумгодишен буџет, што е значително зголемување од буџетот од 1,3 билион евра за 2021-2027 година. Берлин тврди дека дури и со предложеното намалување од 400 милијарди евра, буџетот сепак би бил за 27 отсто поголем од сегашниот, зголемувајќи го годишниот придонес на Германија на над 50 милијарди евра.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги повика земјите членки да склучат договор оваа година за да се обезбеди сигурност во планирањето пред буџетот да стапи во сила во јануари 2028 година, особено со претстојните големи избори во Франција, Полска и Италија во 2027 година. И австриската министерка за европски прашања Клаудија Бауер претходно апелираше за поголеми намалувања на долгорочниот буџет на ЕУ.
Критики не дојдоа само од Берлин туку и од мнозинството земји членки, или за прекумерна дарежливост или за недоволна амбиција, во зависност од политичката усогласеност. Шпанскиот премиер Санчез, поддржан од италијанската премиерка Џорџа Мелони, ги осуди општата недоволност на средствата и недостигот од амбиција, иако се изјасни позитивно за предложените пари за земјоделството.
Кипарската влада, која моментално претседава со преговорите за буџетот меѓу земјите членки, презентираше компромисен текст со намалувања од 32,8 милијарди евра во вкупниот буџет на блокот, но таквиот предлог наиде на критики. Тоа претставува компромис меѓу членките што побараа значителни намалувања и оние што побараа зголемување на буџетот за земјоделство и регионални фондови.

Дискусиите за „сопствените ресурси“ на Унијата (царински давачки, придонеси врз основа на данокот на додадена вредност што го собираат земјите-членки и директни придонеси од земјите членки) и за тоа како да се распредели товарот меѓу земјите членки се покажаа како вистински политички пречки за усвојување на буџетот. Многу предлози беа поднесени и од Комисијата и од Европскиот парламент, почнувајќи од даноци за онлајн игри на среќа до финансиски придонеси од поголеми компании, но земјите нето-придонесувачи изразија отпор кон какво било зголемување на трошењето, без оглед на вклучените пресметки.
Европските лидери беа предупредени дека неуспехот да се договорат за нови даноци на ниво на ЕУ би можел да предизвика намалување на трошоците до 40 отсто во следниот долгорочен буџет на Унијата, според процената на Европската комисија презентирана на главните градови. Анализата беше споделена за време на првата дискусија на ниво на шефови на држави и влади за бројките за трошоците изнесени минатата недела.
Доне Прентоски, соработник на „Нова Македонија“ од Германија
Од уреднички агол
Проширувањето има цена, а Европа прво ја плаќа сопствената сметка
1. Повеќе од две децении, Европската Унија го претставува проширувањето како своја најуспешна политика
Од приемот на десет нови држави во 2004 година, па сè до денешните разговори со земјите кандидати од Западен Балкан, официјален Брисел постојано испраќа порака дека обединета Европа останува нејзина историска и геополитичка мисија. Но Европа од 2026 година повеќе не е Европа од 2004 година. И токму тоа е суштината на денешната дебата, која често останува во сенка на големите политички пораки.
Кога Полска, Чешка, Унгарија, Словачка, Словенија и другите земји станаа дел од Европската Унија, економските околности беа неспоредливо поинакви. Унијата немаше заеднички долг создаден преку, во најмала рака, контроверзни бриселски политики. Имено, не постоеја обврски за отплата на стотици милијарди позајмени евра, а и испечатени евра (без покритие) за закрепнување по пандемијата. Војната тогаш не беше реалност на европско тло, а одбраната не беше меѓу најголемите буџетски приоритети. Денес ситуацијата е сосема поинаква.
Европската Унија истовремено сака да финансира модернизација на економијата, зелена и дигитална транзиција, енергетска независност, зајакнување на конкурентноста во однос на Соединетите Американски Држави и Кина, контрола на миграцијата, поддршка за Украина и значително поголеми издвојувања за безбедност и одбрана, а не знае како. Или го одбира погрешниот пат.
Истовремено, од следниот повеќегодишен буџет започнува и отплатата на дубиозните потези преземени за време на пандемијата, што дополнително го намалува просторот за нови политики. Во такви околности, не е тешко да се разбере зошто расправата за идниот европски буџет станува една од најтешките политички битки во Унијата.
Не случајно, Франција бара нови европски извори на приходи, а Европската комисија повторно ја отвора темата за таканаречените сопствени ресурси. Не затоа што Брисел сака да собира повеќе даноци по секоја цена, туку затоа што сегашниот модел на финансирање сè потешко ги следи амбициите што самата Унија си ги поставува. Особено е значајно признанието на францускиот министер за Европа, Бенџамин Хадад, дека националните придонеси веќе не можат сами да го носат товарот на европскиот буџет. Тоа е ретка, но исклучително важна политичка порака. Таа покажува дека дури и највлијателните земји членки ги чувствуваат ограничувањата на сопствените јавни финансии!
2. Прашањето за проширувањето сè повеќе станува финансиско
Во еден таков контекст се отвора и прашањето што најмногу ги интересира земјите кандидати. Имено, секоја нова членка не носи само нов пазар, ново знаме пред европските институции или нов политички капитал за Унијата. Таа носи и сериозна финансиска обврска. Приемот на нова држава подразбира пристап до кохезионите фондови, земјоделските субвенции, инфраструктурните програми и голем број други механизми на солидарност. Тоа се десетици милијарди евра што мора да се обезбедат од заедничкиот буџет. Токму затоа денес прашањето за проширувањето сè повеќе станува финансиско, а сè помалку декларативно. Политичката волја за прием на нови членки може да постои. Геополитичките аргументи можат да бидат силни. Но буџетот не се полни со политички декларации, туку со реални приходи. А токму тие приходи денес се најголемата грижа на Брисел. Затоа е погрешно сегашните тешки преговори околу европскиот буџет да се гледаат само како уште една бирократска расправа меѓу земјите членки. Всушност, тие претставуваат тест за финансиската одржливост на целиот европски проект. Европската Унија денес не се соочува со недостиг од идеи или од политички амбиции, иако веќе малку чудни и во спротивност на темелните принципи при востанувањето на ЕУ. Унијата денес се соочува со ограничени финансиски капацитети во време кога обврските растат побрзо од приходите.
И токму затоа, пред да се отвораат нови врати за идните членки, Брисел настојува да ја зацврсти сопствената финансиска конструкција. Затоа што секое ново проширување има своја цена, а Европа во моментов е преокупирана со едно многу поприземно прашање – како најнапред да ја плати сопствената сметка. Р.Н.М.


































