Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Искра Петровска Шешова, дерматовенеролог

Со почеток на летото доаѓаат и подолгите и потопли сончеви денови. Сонцето од една страна ни дава позитивна енергија и дејствува поволно на нашето здравје доколку умерено се изложуваме на сонце. Но науката е таа која ни дава значајни сознанија за негативните ефекти од сончевите зраци кои даваат промени на кожата на ниво на клетка со предвремено стареење, појава на пигментации, алергиски реакции на кожата и разни видови на рак на кожа.

Сончевите зраци доаѓаат од два вида на зрачења – УВА и УВБ зрачење.

УВА зрачењето продира во подлабоките слоеви на кожата и е присутно во текот на целата година. Најчесто се асоцирани со стареење на кожата и појава на пигментации.

УВБ зрачењето дејствува на површинските слоеви на кожата и е главен предизвикувач на изгореници на сонце, појава на пигментации на кожата кое доведува до побрзо стареење на истата и настанување на различни видови на рак на кожата.

Кога зборуваме за заштита од сонце важно е да потенцираме да препораката биде индивидулна и препорачана од страна на дерматолог. Заштитата од сонце која ќе биде препорачана е во зависност од типот на кожата – нормална, комбинирана кожа, масна или акнеична кожа, кожа алергична на сонце, кожа која што е со пигментации и др.

Постојат 6 типови на кожа.

Тип 1 – Црвенкасто светло руса коса со светли очи, светол тен со пеги на лицева регија, често гори на сонце. Сопственото време на заштита не е повеќе од 3 -10 мин.

Тип 2 – Руса коса со светол тен, пеги, малку гори при изложување на сонце. Сопствена заштита е 10 -20 мин.

Тип 3 – Темно руса коса, среден тен помалку гори на сонце: сопствена заштита од 20-30 мин.

Тип 4 – Темно кафеава коса до црна со темни очи. Поретко гори на сонце. Време на сопствена заштита 30-45 мин.

Тип 5 – Црна коса и црн тен. Сопствено време на изложување на сонце 45-60 мин.

Тип 6 – Црна коса и црн тен. Сопствено време на изложување на сонце 60 мин.

Постојат различни производи за заштита од сонце. За каков тип на производ ќе се одлучиме најдобро е да побараме совет од нашиот дерматолог кој ќе ни ја препорача најсоодветната заштита во зависност од возраста, типот на кожа, од моменталната состојба на кожата. Важно е да се избераат квалитени производи кои ќе штитат од УВБ и УВА зраци.

Средствата за заштита од сонце се обележени со лабараториски заштитен број СПФ кој покажува колку време можеме да бидеме заштитени од сонце во зависност од типот на кожата. На пример ако вашиот тип на кожа поцрвенува за 10 мин. тогаш заштитен фактор од СПФ20 ве штити 200 минути (20 X 10 = 200) при изложеност на сонце.

Постојат препарати кои се во облик на лосиони, спрејови, креми, флуидни производи. Најдобро е да препорачаната козметика да биде медицински дерматолошки докажана. Постојат производи кои во својот состав имаат минерални филтри — титаниум диоксид и цинк оксид. И производи кои содржат органски филтри кои штитат со абсорбција на УВ зраците при што се претвараат во топлотна енергија.

Корисни совети за заштита од сонце

* Побарајте соодветна препорака од вашиот дерматолог кој производ за заштита од сонце е најдобар за вас.
* Да се избегнува изложување на сонце меѓу 10 -16 часот.
* Користете доволна количина од заштитниот фактор 20 мин. пред изложување на сонце не заборавајте ги ушите, вртатот и табаните.
* Потребно е да се повтори ставањето на заштитниот фактор на секој 2 часа.
* Статистички е докажано дека голем број луѓето нанесуваат само 25-50% од количината на препаратот но сепак тоа не е доволно за заштита од сонце.
* Секогаш носете капа, светла најдобро бела памучна облека, очила за сонце и пијте повеќе течности во текот на денот посебно вода.
* кремите за сончање да ги чувате на темно или во фрижидер.