Фото: Пиксабеј

Честопати морето го поврзуваме само со годишни одмори, но неговото влијание врз човекот оди подалеку од психолошко олеснување. Иако не постои научна основа што тврди дека „морето лекува одредени болести“, престојот на море има голем број придобивки за општото физичко здравје.

1. Алергии и респираторни проблеми: Престојот на море може да ги ублажи симптомите кај луѓето што имаат сезонски алергии или благи респираторни проблеми. Солениот морски воздух и аеросолите може да придонесат за чувство на полесно дишење, особено кај луѓето што доаѓаат од позагадени урбани средини. Во периоди на високи концентрации на полен, крајбрежните области се пријатна средина за престој.

2. Кожа: Со одредени состојби на кожата, како што се егзема, дерматитис или псоријаза, многу луѓе забележуваат подобрување на симптомите за време на летниот одмор на море. Комбинацијата од морска вода, сончева светлина и променет начин на живот често се наведува како фактор што придонесува за смирување на иритациите и подобрување на изгледот на кожата.

3. Артритис и ревматски заболувања: Постојат искуства што сведочат дека престојот во морска средина може да придонесе за ублажување на чувството на вкочанетост и болка кај луѓето со ревматски тегоби. Поопуштен ритам, потопла клима и поголема физичка активност во вода се некои од факторите што влијаат на подобрувањето на физичкото здравје.

4. Коски и витамин Д: Сончевата светлина игра важна улога во синтезата на витамин Д, кој е клучен за здравјето на коските, но и за голем број други функции во телото. Токму затоа престојот на отворено, особено во летните месеци, често се поврзува со подобра општа состојба на телото. Морето може да игра важна улога во психолошкото „ресетирање“, што значи оддалечување од рутината, обврските и секојдневниот стрес, и му овозможува на човекот да се одмори, да ги реорганизира мислите и да се врати на обврските со поголем фокус и смиреност.