Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека Владата има јасна стратегија за целосна модернизација на железничкиот сообраќај, истакнувајќи дека веќе се бележат позитивни резултати во работењето на МЖ Транспорт, пренесе МИА.
По потпишувањето на Договорот за грант со директорката на Светска банка за Македонија, Керол Межеван, Николоски информираше дека средствата во износ од еден милион евра ќе бидат наменети за реформа и преструктурирање на МЖ Транспорт, со цел создавање функционално и одржливо претпријатие.
Според него, Владата најпрво спречила затворање на претпријатието преку законски измени, а потоа започнала процес на реформи, чиј ефект веќе се забележува.
– Во првите четири месеци од годинава има раст и на бројот на патници и на карго сообраќајот, што е особено важно за развојот на железницата – рече Николоски.
Тој најави дека паралелно со реформите ќе продолжи обновувањето на возниот парк преку набавка на нови возови и најмалку пет електрични локомотиви, кои ќе придонесат за развој на товарниот железнички сообраќај.
Николоски посочи дека со Европската Унија се работи на трансформација на железничките претпријатија во рамки на Планот за раст, а истовремено продолжуваат и големите инфраструктурни инвестиции.
Во завршна фаза е првата линија од градскиот воз во Скопје, додека годинава се очекува да бидат распишани тендерите за втората и третата линија, со цел нивна реализација до крајот на 2027 или првата половина на 2028 година.
Министерот информираше дека продолжуваат работите и на железничкото поврзување со Бугарија. Првата делница веќе е пуштена во употреба, втората е во изградба, а во тек е постапката за избор на изведувач за третата делница.
Во рамки на Планот за раст, се планира и изградба на западното крило на Коридорот 8, на релација Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар, со продолжување кон Кичево, Охрид, Струга и Албанија, како и реализација на брзата пруга на Коридорот 10.
Николоски се заблагодари на Светска банка за грантот и континуираната поддршка, оценувајќи дека инвестициите и реформите ќе придонесат за целосна трансформација на железничкиот систем во земјата.


































