За живот се потребни мир и љубов. Таму каде што има немир или војна и омраза со порив за одмазда, нема услови за живот. А човекот по дефиниција е општествено суштество, живее во заедница со други луѓе. Од родот, преку породот – луѓето со ист јазик, култура, историја, вера и територија, до народот. И како што домот се оградува со ѕидови, ограда и меѓа, за да се зачува својот и мирот на комшијата, така и од територијата со власт оградена со граница народот ја создал државата. Се разбира, кога човекот со родот и народот бара место за дом, одбира здраво место за темели и мирољубиви комшии. Гради куќа и населби за генерации по него. И во тој развој, не смее да се заборави дека најстаро право откога човекот постои на планетава Земја се правото на сопственост и правото на наследство. Да кажеш ова е мое, моето ќе го наследат моите! Без тапија нема сопственост, а без сопственост нема дом и држава. Сопственото се чува и брани од недобронамерници и непријатели. Секако најважното, врската на човекот со Бога. Кај Македонците таа врска со Бог отсекогаш била и засекогаш останала света. Ретко да има друг град во светот, како Охрид, каде што има цркви колку и денови во годината, полни со светци, фрески и икони. Световната ерархија отсекогаш се почитувала.
Арно ама, колонијализмот и империјализмот на Западот ја менувале светската историја според интересите и потребите. Погледнете ја картата на Африка, новиот свет, иако прастар, со граници цртани со линијар и шестар. Така, Западот ги кроел границите и на македонскиот полуостров. Си цртале држави како свои сфери на влијание, на тие територии им носеле суверени од нивните династии. Тие суверени со себе, од државите од каде што доаѓале, си носеле свои историчари да им напишат историја на територијата што ја владееле. Оттука и разликите меѓу нас домородните. Владеењето во империјата било најлесната работа по римската максима „раздели, па владеј“. Пример, западните сили во 1832 година ја формирале државата Елада, во 1833 година ѝ го донеле баварскиот принц Ото Први, тој си го донел историчарот Јохан Густаф Дројзен од Германија, кој напишал историја за територијата на Елада и го измислил хеленизмот како супститут на Македонската Империја. По вековна историја на индоктринација врз доселеници од Азија и Африка во Елада, оди кажи им дека Македонија не е грчка, иако Атина за првпат во својата историја ја окупира Македонија во Првата балканска војна 1912 година, до тогаш била под планината Олимп.
Во оваа историја, уште едно потсетување е важно. По Руско-турската војна 1877-1878, на 3 март 1878 г. е склучен Санстефанскиот договор, со кој, поради руските интереси за излез на Медитеранот преку Солун и Кавала, биле договорени нови граници на Балканот: на Бугарија ѝ биле придодадени цела Македонија, Одринска Тракија во денешна Грција, делови од денешна Србија (Пирот, Врање) и дел од денешна Албанија (Корча)… Незадоволни од новите граници на Балканот, а под закана со нова војна, Австро-Унгарија, Британија, Германија и Франција свикуваат нова меѓународна конференција, од 13 јуни до 13 јули 1878 година, позната како Берлински конгрес, одржана во Берлин, под претседателство на германскиот канцелар Ото фон Бизмарк. Руското Царство и Отоманската Империја, исцрпени од претходната меѓусебна војна, го прифатиле нејзиното одржување. Берлинскиот конгрес ревидирал 19 од 28 одредби на Санстефанскиот договор со цел да се спречи руското влијание на Балканот и нејзин излез на Егејско Море. Претходно, Русија и Британија на 30 мај 1878 година склучиле Руско-британски договор, со кој територијата на Бугарија е намалена за трипати од предвидената во Санстефанскиот мировен договор. Имено, било решено, Бугарија да се простира на територијата што се наоѓа само северно од Стара Планина. Со Берлинскиот договор: (1) Македонија и Одринска Тракија биле вратени во владение на Отоманската Империја, (2) со членот 23, Високата порта била задолжена за автономија на Македонија, (3) Источна Румелија останала под отоманска власт со статус автономна област, (4) Србија, Црна Гора и Романија добиле независност, (5) Бугарија добила статус на вазално кнежевство во рамките на Отоманската Империја, (6) Кипар ѝ бил даден на Велика Британија, а (7) Босна и Херцеговина ѝ била дадена на Австро-Унгарија…
Во меѓувреме, на 23 октомври 1893 година во македонскиот град Солун формираат Македонска револуционерна организација (МРО), меѓу народот позната како ВМРО, со цел – од автономија за Македонија и Одринско до суверена и самостојна држава Македонија, и Македонија на Македонците! На основачкото собрание бил избран Централен комитет на ВМРО, подоцна бил усвоен и устав на организацијата.
Две години подоцна, во 1895 година, поради неизживеаната софиска романса за санстефанска голема Бугарија како руска креација за излез на Москва на Средоземјето преку Македонија и Егејско Море, создадена со Санстефанскиот мировен договор по Руско-отоманската војна во 1877-1878 година: Под покровителство на бугарскиот кнез Фердинанд, во Софија се формира Врховен комитет на МРО (ВМРО). И тие биле за Македонија, ама како дел од Бугарија, со Македонците како Бугари! И започнува повеќедецениската братоубиствена борба помеѓу централистите условно речено приврзаниците на Централниот комитет на ВМРО во Солун и врховистите условно речено приврзаниците на Врховниот комитет на ВМРО во Софија. При секое убиство по софиските улици, мајките ги тешеле децата: Тоа еден Македонец уби друг Македонец…
…Кога Високата порта во Цариград решила да го имплементира членот 23 од договорот на Берлинскиот конгрес, Македонија да добие автономија и статус на Крит со гувернер и командант на сопствена војска, во нејзините етноисториски граници, намерата ја осуетиле Србија, Бугарија и Грција, и ѝ објавиле војна на Отоманската Империја, демек самите ќе ја ослободат Македонија. „Ја ослободиле“ во Првата балканска војна 1912 година, но веднаш по тоа ја започнале Втората балканска војна 1913 година меѓу себе, кој да окупира поголем дел од Македонија. Оттогаш започнува македонската голгота – геноцид, етничко чистење и егзодус врз домородниот македонски народ. Да била Македонија српска, бугарска или грчка, ќе војувале меѓу себе секој да ја зачува Македонија за себе цела. Овие војувале и се договарале кој ќе окупира поголем дел од неа за себе. Се договарале и со Отоманите да ги таманат македонските востаници, кои се бореле за ослободувањето на Македонија. Балканските војни завршиле со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година – Македонија останала под окупација, а врз Македонците бил извршен геноцид – Грција добила 34.356 км2, Србија 25.342 км2, Бугарија 6.798 км2, а Албанија 1.115 км2.
За жал, Македонија во Балканските војни 1912-1913 година не ја поделиле за да го решат, туку конечно да го затворат македонското прашање.
Следуваат Нејската конвенција од 27 ноември 1919 година меѓу Атина и Софија, со која Грција насилно ги протера православните Македонци од егејскиот дел на Македонија во Бугарија, па Лозанската конвенција од 30 јануари 1923 година меѓу Атина и Анкара, со која Грција насилно ги протера Македонците муслимани од егејскиот дел на Македонија во Турција, а од Турција и Мала Азија, Атина во Грција досели околу 800.000 инородно население, од кои 612.000 во егејскиот дел на Македонија на имотите на насилно протераните Македонци, па Договорот за одбранбен сојуз меѓу Србија и Грција против Бугарија од 1 јуни 1913 година, со кој Атина на Белград во 1924 година му дава дел од пристаништето во Солун без надомест, за време од 50 години, со цел за Србија, Македонците од Гевгелија на север да станат Срби, а за Грција, Македонците од Евзони (Мачуково) на југ да станат Грци.
Окупаторите на Македонија и македонскиот народ ги инкорпорирале културата и историјата од окупираните делови на Македонија како државна култура и историја на Србија, Бугарија, Грција и Албанија.
Македонците и во Втората светска војна 1939-1945 година водеа Народноослободителна војна за ослободување и обединување на Македонија. Беа во сојуз со бугарските, грчките, српските и албанските партизани предводени од нивните комунистички партии, не затоа што Македонците беа производ на комунистите, туку затоа што само тие беа опонентна сила наспроти монархофашистите во сојуз со нацифашистичкиот троен пакт Берлин-Рим-Токио. Комунистичките партии на овие земји на Македонците им ветуваа автономија до обединета Македонија. За жал, во функција на сопствените национални каузи, Македонците беа прелажани, го ослободија само вардарскиот дел на Македонија како држава Македонија во рамките на СФР Југославија.
Но во 1990 година СФР Југославија се распадна и со сувереноста и самостојноста на државата Македонија повторно реинкарнира темата за Македонија на Балканот. Кај Софија и Атина евидентна беше загриженоста: што ако ова парче земја како суверена и самостојна држава воспостави ексклузивно право врз културата и историјата на Македонија, што ќе остане од нашата култура и историја?! И затоа агресијата и негацијата од сите страни по сите основи – не ни признаваат име, народ, држава, јазик, култура, историја, црква, граници, територија. Поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани, своевремено рече: „Ние еднаш историја за Македонија напишавме, повторно нејзина ревизија нема да вршиме!“ Затоа и „шарената револуција“ во Македонија, со меѓународна асистенција и инсталација на марионетската влада на шарлатанот Зоран Заев, во чиј мандат се потпишаа договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година како продолжение на Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, со кои Македонија од држава треба да стане територија без македонски народ и историја, чии администратори ќе бидат Атина и Софија. Примената на овие договори започна со работа на меѓувладините македонско-бугарска и македонско-грчка комисија за ревизија на македонската историја. И Грција и Бугарија го искористија правото на вето во Европската Унија: Атина изнуди промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ со акронимот „поранешна Југословенска Република Македонија“ (The former Yugoslav Republic OF Macedonia) како привремено обраќање во ООН додека се разговара за разликата за државното име до некрологот „северна“, а Бугарија бара впишување Бугари во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот како државотворен народ со признание дека до 1945 година Македонците биле Бугари, Македонија била дел од Бугарија, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик!
Поради Македонија и феноменот на Балканот, односно македонскиот полуостров, многу едноставен и уникатен: (1) Секој тврди дека граничи со самиот себеси од сите страни; (2) Секој ги обвинува другите дека му ја крадат културата и историјата; (3) Сите слават исти датуми, настани и личности, само зависи кој од која страна на границата е, за да каже мои се; (4) И, за Белград Македонците се Срби, за Софија Македонците се Бугари, за Атина Македонците се Грци, за Албанија Македонците се Албанци. Кога Белград тврди дека Македонците се Срби – Софија, Атина и Тирана молчат. Кога Софија тврди дека Македонците се Бугари – Атина, Тирана и Белград не коментираат. Кога Атина тврди дека Македонците се Грци – Тирана, Белград и Софија не се спротивставуваат. Кога Тирана тврди дека Македонците се Албанци – Белград, Софија и Атина не демантираат.
Иронијата да биде поголема, само кога Македонците за самите себеси тврдат дека се Македонци, и Белград и Софија и Атина и Тирана се единствени во агресијата по сите основи: Им негираат име, народ, држава, јазик, култура, историја, црква, граници, територија.
Ако Македонците, според балканските метрополи, се и Срби и Бугари и Грци и Албанци истовремено, заклучокот е многу едноставен: И Србите и Бугарите и Грците и Албанците како политички нации во основа се етнички Македонци. Тогаш, никој од никого ништо не краде, секој од сите страни граничи со самиот себеси, сите слават исти датуми, настани и личности, затоа што сите во основа се етнички Македонци!
Но во историјата на војните и посилните, има и едно правило: малцинството во услови на агресија од мнозинството, најчесто прибегнува кон етничка мимикрија, народски кажано станува поголем католик од папата, заради спас од интернација или ликвидација.
Тука доаѓаме до сржта на проблемот во Македонија и со Македонците – ВРХОВИЗМОТ!
Имено, Македонија не пати од дефицит на демократија, туку од суфицит на врховизам. За жал, ниту науката, ниту политиката не го демистифицираа овој историски процес во Македонија, затоа што врховистите ги има и во науката и во политиката.
Врховизмот не е етничко, туку геополитичко прашање. Врховизмот значи сервилност на определена номенклатура, која во отсуство на доверба од сопствениот електорат, мандат за власт во Македонија бара од некоја друга и туѓа метропола во смисла – дајте ни нам мандат ние ќе ги оствариме вашите интереси во Македонија. Во дваесеттиот век тие метрополи биле Белград, Софија и Атина, со Македонците како Срби, Бугари или Грци, а Македонија како дел од Србија, Бугарија или Грција, затоа и Букурешкиот договор од 10 август 1913 година. Во дваесет и првиот век тие метрополи се Брисел, Стразбур и Вашингтон, со „дајте ни нам мандат, ние ќе ги смениме името на државата и идентитетот на нацијата“!
Врховизмот значи колаборационизам или велепредавство на нацијата и државата! Поради врховизмот на поглаварството и појавата на анархизмот меѓу народот! Меѓу нив и велешките гемиџии, солунските атентатори!
За жал, и по 113 години од Балканските војни 1912-1913 и Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, по дисолуцијата на поранешна СФР Југославија во која македонското прашање требаше да се закопа, сѐ е исто! Исти се актерите, исти се интересите, исти се извршителите: македонското прашање да се затвори… во историјата да остане темата Македонија како географија, никако како етнологија! Вашингтон, Брисел, Стразбур, Париз, Лондон и Берлин максимално асистираа(т) во промената на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ. Геноцидот врз Македонците продолжува… Македонскиот парламент во актуелниот состав, во кој доминира ВМРО-ДПМНЕ, се колеба да го отвори прашањето за геноцидот врз македонскиот народ макар со една резолуција за негова осуда, бидејќи промената на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ се поради окупацијата врз Македонија и геноцидот врз македонскиот народ од сите земји учеснички во Балканските војни како окупатори!
Останува енигмата за одговор пред генерациите, кои растат: зошто агресијата и негацијата против Македонија и Македонците од сите страни по сите основи! Шарлатанот Заев и неговата булумента наметнаа една лага како вистина: ако сите околу нас се против нас, проблемот не е кај нив, туку кај нас! Затоа влегоа во филмот на соседните метрополи, како најголема корупција – демонтажа на државноста. Младите треба да ги едуцираме во духот на оваа вистина и историја, да го јакнеме на патриотизмот, да знаат што се случувало со нас Македонците и со Македонија, да стигнеме до решението: неутрална држава Македонија без додавки и без придавки, како веќе апсолвирано универзално право на самоопределување и самоидентификација на македонскиот народ потврдено и во антифашистичката и Народноослободителна војна во Втората светска војна. Македонија треба да се приспособи на новиот мултиполарен свет и да гради политики на активен мултилатерализам – од пријатели никогаш доста, врз основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“ што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи!
Тодор Петров


































