Креативно лето (11)
- Драги читатели, во овој последен број на „Колибри“ за летниот распуст, ја заокружуваме и нашата рубрика „Креативно лето“, со која другарувавте, учевте и се забавувате во текот на целoто лето. Добивме многу позитивни реакции и дознавме дека многумина од вас успешно ги реализирале игрите што ги понудивме благодарение на нашата соработничка, психологот Нина Попадинова. Уживајте во денешната игра, а ние сме тука за да ви подготвиме нови креативни предизвици
Оваа забавна активност е одличен начин децата низ игра да ги развиваат концентрацијата, координацијата, визуелната перцепција и когнитивната флексибилност. Потребни се само лист хартија, фломастери и малку внимание.
На листот се поставуваат редови од точки, а во средината на секој ред стои број. Детето со двете раце истовремено треба да ги заокружи соодветните точки од левата и десната страна, според дадениот број. Активноста бара детето истовремено да следи повеќе информации, да го координира движењето на двете раце истовремено и да го одржува вниманието на задачата.
Што развиваме? Внимание и концентрација, работна меморија, визуелна перцепција и следење билатерална координација, когнитивна флексибилност, фина моторика, брзина и точност во извршувањето. Најубавиот дел е што детето ја доживува активноста како игра, а притоа прави одличен „тренинг“ за мозокот. Колку е попредизвикувачка задачата толку повеќе детето учи да се фокусира, да планира и да ги усогласува своите движења.
Пишува: Нина Попадинова, психолог



































