Синтики како предупредување за Македонија
Инцидентот во Синтики не е само грчки безбедносен проблем. За Македонија, тој е предупредување. Земјата и натаму се наоѓа на една од трасите на западнобалканскиот миграциски коридор, кој ги поврзува Грција со Србија и понатаму со земјите од ЕУ. Европската комисија експлицитно ја наведува Македонија како транзитна земја на оваа маршрута, иако главниот коридор денес минува низ Србија и Босна и Херцеговина. Токму затоа секое заострување на грчката политика може да произведе „ефект на прелевање“. Кога една држава ги засилува задржувањето, враќањето и контролата на јужната граница, миграциските мрежи не исчезнуваат автоматски, туку тие природно бараат алтернативни патишта. А Македонија, со својата географија, повторно може да се најде меѓу првите земји што ќе го почувствуваат тој притисок.
Грција не може да го решава проблемот само зад својата ограда
Атина има право да ја контролира својата граница и да го спроведува азилното законодавство. Но европската миграција одамна престана да биде национално прашање. Синтики покажува што се случува кога европската политика се сведува на логиката „да ги задржи луѓето што подолго, да ја засили оградата (имено, полицискиот надзор и контрола) и да очекува дека проблемот ќе остане таму!?“
– Така не се решава еден сериозен проблем што одамна не е на една држава, ниту на регионот, туку е на цела ЕУ, дури и повеќе од тоа. Засега, се гледа дека овој проблем останува нерешен. Луѓето што тргнале кон Западна Европа продолжуваат да бараат начин да стигнат до крајната дестинација. ИОМ и европските институции и понатаму ја третираат западнобалканската маршрута како значаен транзитен коридор – ни изјави соговорник од ИОМ, организација за миграција што работи на безбедно, уредно и хумано управување со миграциите.
Македонија повторно може да стане „тампон-зона“?!
За Скопје опасноста не е само во бројот на мигрантите. Многу посериозен проблем е можноста Македонија повторно да биде претворена во тампон-простор меѓу грчката политика на задржување и европската политика на неприфаќање. Тоа е старата балканска формула, односно Грција да го запира притисокот на југ, а Србија да го контролира северот, а земјите меѓу нив се претвораат во простор каде што луѓето остануваат заглавени!? А токму тоа Европа, односно Брисел во 2015 година ветуваше дека „нема повторно да го дозволи“.
Најголемиот ризик е криминализацијата на маршрутата
Според неколку наши соговорници, безбедносни експерти и професори на Факултетот по безбедност во Скопје, тие од своето досегашно работно искуство предупредуваат дека „колку повеќе легалните и предвидливи механизми се затвораат, толку повеќе простор добиваат шверцерските мрежи“.
– И Европската комисија (ЕК) во своите последни оценки предупредува дека организираното шверцување и насилството поврзано со него остануваат сериозен проблем на Западен Балкан. За Македонија тоа значи ризик од повторно активирање на локалните и регионалните мрежи, поголем број криминални групи по должината на коридорот и поголем притисок врз полицијата и граничните служби. И тука ЕУ има политичка одговорност – велат професорите од Факултетот за безбедност.
Тие додаваат дека проблемот не се решава доколку Брисел од земјите од Западен Балкан бара само да бидат „европски граничари“.
– ЕУ со години инвестира во граничната контрола и миграцискиот менаџмент во регионот. Но ако од земјите од Западен Балкан се бара само да бидат европски граничари, без истовремено да добијат функционален систем за азил, прифаќање, враќање и за заштита на луѓето, тогаш Брисел само ја поместува границата на проблемот. Новата европска стратегија за миграција зборува и за разбивање на шверцерските мрежи, заштита на луѓето што бегаат од прогон и создавање легални патишта кон Европа. Токму тој последен дел премногу често останува во сенка – велат експертите по безбедност. П.Р.
Лекцијата од Синтики треба да биде превентивна за Македонија
– Наместо да се чека нов бран да се појави на јужната граница, можеби е добра идеја, со време, Скопје (заедно со Грција, Србија и ЕУ) да бара заедничка процена на движењата по целата маршрута. Зашто миграцијата не се движи според административните граници. Ако Европа сака Македонија да биде дел од европскиот безбедносен систем, тогаш мора да биде и дел од европската одговорност. Не е доволно Брисел да финансира огради, опрема и патроли. Потребна е политика што ќе спречи Македонија повторно да стане паркинг за луѓе што Европа не знае или не сака да ги прими. Синтики е грчка приказна. Но последиците од грчката миграциска политика можат многу брзо да станат и македонска приказна. И затоа вистинското прашање за Скопје не е „колку мигранти ќе стигнат?“ Туку: „Што ќе направи Европа пред повторно да стигнат?“ – издвојуваат мислење нашите соговорници, професори на Факултетот за безбедност од Скопје. П.Р.


































