Фото: „Нова Македонија“

Грција значително го заостри пристапот кон прашањето за миграцијата

Случувањата во Синтики се вклопуваат во пошироката промена на грчката миграциска политика. Атина во последните години значително го заостри пристапот кон прашањето за миграцијата. Министерот за миграција и азил Танос Плеврис во февруари годинава во парламентот ја опиша политиката со формулата „затвор или враќање“ за оние што нелегално влегуваат во земјата. И владината реторика е дека „затворените структури треба да играат поголема улога во системот, особено за оние што немаат право да останат во Грција“!

Министерството за миграција во своите официјални ставови наведува дека лицата без право на азил не треба да остануваат во земјата, додека оние што имаат право на заштита треба побрзо да влезат во соодветната процедура. Во тој контекст, Синтики е претворен од многу повеќе од локален миграциски центар. Тој, според официјалните грчки политики, е „дел од моделот во кој миграцијата се третира и како прашање на безбедност, контрола и враќање“.

Европа во заднина

Коинциденција или не, инцидентот во Синтики се случува во момент кога миграцијата повторно се враќа високо на европската политичка агенда. Од јуни 2026 година Грција се подготвува за имплементација на новиот европски Пакт за миграција и азил. Атина истовремено разговара за создавање таканаречени „return hubs“, односно „миграциски центри поврзани со враќањето лица што немаат право на престој“.

Грчката влада, со тоа, се обидува да балансира меѓу две цели, имено, прво, да го задржи системот под контрола и, второ, да го намали бројот на лица што остануваат во земјата без регулиран статус.

Но Синтики покажува колку е тешко таа политика да функционира во пракса. Затворен центар може да биде ефикасен само ако има доволно персонал, инфраструктура, јасни процедури, пристап до правна помош и услови што не произведуваат дополнителна тензија. Според наши извори од Грција, состојбата со центарот во Синтики не е баш таква и е далеку од идеална.

– Сликовито, во Синтики само оградата е главниот инструмент на грчката миграциска политика на т.н. „миграциски хабови“. Зад таа ограда се наталожуваат неизвесност, долги процедури и чувство на безизлезност. Така тие проблеми експандираат и во еден момент ќе експлодираат, а безбедносниот проблем може да стане само прашање на време – велат наши соговорници.

Прашањето на кое Атина допрва ќе мора да одговори

Грчката полиција засега го третира случајот првенствено како нарушување на јавниот ред и како кривичноправен настан. Уапсените се соочуваат со постапка пред обвинителството, а потрагата по лицата што останале надвор од центарот продолжува. Но очигледно е дека овој настан има многу подлабока заднина.
– Се разбира дека политичкиот одговор ќе мора да биде поширок. Ако проблемот е недоволна безбедност, следува прашањето зошто претходните предупредувања не довеле до навремена реакција. Ако проблемот е пренатрупаност или условите на престој, тогаш се поставува прашањето дали затворениот модел е одржлив. А ако проблемот е предолгото чекање на одлуките за азил, тогаш станува збор за системски проблем што не може да се реши со уште еден полицаец или уште една ограда – велат наши соговорници од Грција, кои имаат поширок увид во миграциската политика на Атина, бидејќи се вработени во администрацијата чиј делокруг на работа е поврзан со ова прашање.

Ограда што отвори поголема европска дилема

Сликата од Синтики е политички мошне непријатна. И регионот, а и Европа беа преплавени со снимки и фотографии на безбедносно жариште, затворен центар, повредени, полицајци, камења, оштетена инфраструктура и информации за десетици луѓе што во текот на ноќта успеваат да излезат од објектот. Но зад таа слика стои пошироката европска слика. Грција сака да покаже дека има контрола врз своите граници и дека лицата што немаат право на престој ќе бидат вратени. Европската Унија, пак, се обидува да изгради систем што ќе овозможи побрзи процедури, поделба на одговорноста меѓу државите и поефикасно враќање. Во исто време, барателите на азил остануваат изолирани во центри каде што неизвесноста може да трае со месеци, а понекогаш и подолго.
– Синтики затоа не е само приказна за една пробиена ограда. Тоа е приказна за границата на еден модел на миграциска политика, модел во кој државата се обидува да ја врати контролата преку затворени центри, додека зад оградите се акумулираат човечки, правни и безбедносни проблеми. И токму затоа најважниот дел од оваа приказна можеби допрва следува. И секако, прашање е дали Атина ќе го третира настанот како изолиран бунт што треба да се задуши со посилно обезбедување или како предупредување дека самиот систем на затворени центри влегува во нова фаза на криза – велат нашите соговорници.

Најновите грчки информации покажуваат дека ситуацијата по инцидентот е ставена под контрола, а некои од бегалците се повторно пронајдени и уапсени. Но за грчката влада, политичкиот проблем е посложен од бројката на уапсени.

Eдна ограда може повторно да се поправи. Прашањето е дали може да се поправи системот што ја изградил. П.Р.