Коалицијата „Менуваме “ најави протест кој ќе се одржи на 25 јуни во 17.30 часот пред Министерството за социјална политика. Целта на протестот е изразување незадоволство од институционалните практики и да се упати повик за достоинствен живот и еднаков третман на лицата со попреченост.
Во рамки на активностите, коалицијата информира дека е поднесена кривична пријава против министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, поради повреда на загарантираните законски права на лицата со попреченост.
Меѓу нив се незаконското намалување на работното време на услугата лична асистенција, издавањето лиценци спротивно на законските процедури, нееднаквиот третман на давателите на услуги, како и неспроведувањето на амандманите донесени од Собрание. 
–Апелирам сите да излеземе и да се избориме за нашите права. Време е институциите да покажат одговорност и да обезбедат еднаков пристап за сите – изјави Суарет Алишан од коалицијата „Менуваме “.
Своја поддршка даде и негувателката Весна Пешевска, која апелира за враќање на услугата бесплатна нега во домот за стари и изнемоштени лица. Таа нагласи дека прекинот на договорите со провајдерите оставил многу луѓе без неопходна грижа.
–Сите лица со потреба од оваа услуга немаат средства да ја платат комерцијално и сега се оставени сами, без потребната нега што е нечовечно – вели Весна Пешевска.
Со протестот, коалицијата и негувателите бараат институциите да обезбедат еднаков пристап до услуги и да ја вратат довербата на граѓаните во системот на социјална заштита.



































