Фото: Архива

На првото пријавување за упис во средните училишта за учебната 2026/2027 година, кое се реализираше од 12 до 17 јуни, се пријавиле 15.075 ученици, а успешно се запишале 13.397, покажуваат податоците на Министерството за образование и наука.

Од вкупниот број запишани ученици, 9.813 ќе следат настава на македонски јазик, 3.357 на албански, 213 на турски и 14 на српски јазик.

Во гимназиското образование се запишале 4.278 ученици, додека најголем интерес и понатаму има за стручното образование, каде што се запишани повеќе од 8.900 ученици. Дел од учениците избрале уметничко образование, а за ликовната уметност сè уште е во тек процесот на селекција.

МОН информира дека оваа година квалификациско тестирање ќе има само во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, за насоката фармацевтски техничар на албански наставен јазик. Тестирањето ќе се одржи на 22 јуни по предметите биологија и хемија.

Конкурсот е веќе затворен во повеќе атрактивни гимназии и стручни профили низ државата, меѓу кои и во скопските гимназии „Никола Карев“, „Раде Јовчевски-Корчагин“ и „Георги Димитров“, како и во повеќе здравствени, економски, ИТ и технички насоки каде што интересот ги пополнил сите слободни места.

Второто пријавување ќе се реализира електронски на 23 јуни. За овој уписен рок остануваат слободни 11.882 места, од кои 7.404 за настава на македонски јазик, 4.002 на албански, 456 на турски и 20 на српски јазик.

Документите ќе се доставуваат на 24 јуни, а резултатите од второто пријавување ќе бидат објавени на 25 јуни.