Гувернерот Трајко Славески останува на ставот дека се потребни законски измени со кои ќе се регулира определувањето на провизиите на банките.
– Мојот став е познат уште од првиот ден на мојот мандат – услугите во платниот промет ги сметам како јавно добро, јавна услуга која по ништо не е различна од снабдувањето на граѓаните со електрична енергија, со вода, природен гас, телекомуникациски услуги – изјави денеска Славески по прес-конференцијата во Народната банка, пренесува МИА.
Според него, може да се земе пример од некои европски држави како на пример Хрватска која донесе закон со кој голем дел од банкарските услуги од платниот промет ги направи бесплатни како што се отворањето, водењето и затворањето на банкарските сметки или плаќањето на шалтери.
Вели дека во тек се разговори со Македонската банкарска асоцијација за да на одредени категории на граѓани како пензионери и лица со ниски примања им се намалат трошоците за банкарски услуги. По средбата што се одржала пред две недели, се очекуваат забелешки од банките на предлогот што им бил доставен од страна на Народната банка.
За министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која изјави дека банкарските провизии никогаш не биле регулирани со закон, Славески вели дека имаат коректни односи и дека е нормално некогаш да имаат различни гледишта.
– Имаме коректни односи на соработка. Може некогаш за предлозите да имаме различни гледишта, но секогаш тргнуваме од интересот на граѓаните – рече Славески.
По најавите на три големи и една помала банка дека ќе ги зголемат провизиите, реагираше гувернерот со апел до банките да не го прават тоа бидејќи нема основ за такво нешто со оглед на тоа дека заработките на банките од провозиите и каматните приходи се стабилни.


































