Апелацискиот суд на Косово одлучи денеска да им го продолжи до 23 февруари притворот на тројцата осомничени за убиството на лидерот на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, што се случи пред една година во Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на Апелација се вели дека се отфрла како неоснована жалбата на бранителите на осомничените, односно останува во сила одлуката на Основниот суд во Приштина, од 21.12.2018, за продолжување на мерката притвор за 60 дена.
Недељко Спасојевиќ и Драгиша Марковиќ, кои се припадници на полицијата на Косово, заедно со Марко Рошиќ, беа уапсени во голема акција на косовските специјални единици РОСУ, на 23 ноември. Во акцијата, како што беше објавено, било пронајдено илегално оружје и „други материи кои претставуваат кривично дело и за кои се постапува според службена должност“.
Според обвинителството, Спасојевиќ и Рошиќ се сомничат како припадници на криминална група кои извршиле кривично дело „помагање во тешко убиство“, додека Марковиќ, исто така како член на групата, е осомничен за „одавање службена тајна“.
Оливер Ивановиќ, кој беше еден од лидерите на косовските Срби, беше убиен на 16 јануари минатата година во северна Митровица, недалеку од неговиот дом, пред седиштето на неговата партија – Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда.