Фото: Детски хор „Бамбино“-Охрид

Среќни вести

Неодамна во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа првиот концерт на детскиот хор „Бамбино“, насловен „Музички патувања: Песни од пет континенти“. Младите членови на хорот, под водство на диригентката Снежана Караџовска-Попова, со песна ја поведоа многубројната публика на патување низ Австралија, САД, Кина, Јапонија, Русија, Куба, Италија. Јужноафриканската Република и Македонија. Специјални гости беа членките на женскиот камерен хор „Акордис“ и Охридскиот камерен оркестар.


Приказни за добар сон во градинката „Димче Мирчев“ во Велес

Фото: Библиотека „Гоце Делчев“-Велес

Претставници на локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес ги посетија големите групи дечиња од сите објекти на детската градинка „Димче Мирчев“ и заеднички го реализираа проектот „Приказна за добар сон“.
Имено, библиотекарите им раскажуваа на дечињата за сказните и бајките, за нивното значење и ликовите во нив, а пред да заспијат им прочитаа приказни за добар сон.
– Читањето приказни пред спиење е добра практика за развојот на детската фантазија и имагинација. Целта на овој проект е мотивирање на децата за читање и за зголемување на љубовта кон книгата уште од најмала возраст – велат од библиотеката.
Оваа соработка меѓу библиотеката и градинката годинава се реализира по четврт пат.


Шестоодделенците од Пехчево ги славеа културата и уметноста

Фото: Библиотека „Кочо Рацин“-Пехчево

Под мотото „Култура низ игра и уметност“, во библиотеката „Кочо Рацин“ во Пехчево се одржа работилница со учениците од шесто одделение од ООУ „Ванчо Китанов“, под менторство на наставничката Магдалена Симовска.

Учениците имаа можност да ги покажат своите способности, знаења, вештини и креативност преку шаховски натпревар и преку ликовно творење. Се натпреваруваа во повеќе екипи, а победата му припадна на Давор Поповски, кој го освои првото место во шах. Второто место го освои Иван Магдов, а третото место му припадна на Филип Цековски.

Додека момчињата играа шах, девојчињата цртаа на слободна тема. Преку играта, креативноста и дружењето уште еднаш потврдија дека културата е важен дел од нивното образование, но и од секојдневието.