Ретка можност за публиката во Скопје

„Трансмишн“ е проект што еднакво им се обраќа на љубителите на традиционалната музика, џезот, електрониката и современите експериментални форми. Синоќа во „Паблик рум“ во Скопје публиката имаше ретка можност да присуствува на концерт што беше повеќе од музички настан. Станува збор за вистинско патување низ времето, традицијата и современиот звук. „Трансмишн“, проектот на македонскиот перкусионист и композитор Александар Петров, ги спојува древните ритми на Балканот со современата електроника, создавајќи уникатно звучно искуство што ги надминува жанровските и културните граници. Во центарот на ова музичко патување е тапанот – еден од најстарите инструменти на овие простори, чиј звук со векови ги придружувал народните песни, ора и семејните собири. За Петров, тапанот е симбол на културна меморија и движечка сила на проектот.
„Срцето го дава ритамот на животот, тапанот го дава пулсот на срцето“ – е мислата што ја води целата концепција на „Трансмишн“.
Концертот беше структуриран во две целини. „Трансмишн акустик“ понуди нови и стари композиции на Александар Петров, како и музика инспирирана од богатото културно наследство и традиционалните песни собрани од големиот македонски научник и етномузиколог Васил Хаџиманов (1906–1969). Вториот дел, „Трансмишн електроникс“ ја одведе публиката во современиот свет на електронските текстури, импровизацијата и амбиенталните звучни пејзажи.
Зад проектот стои импресивна меѓународна екипа на музичари, чија кариера се протега низ најзначајните светски сцени.
Александар Петров е еден од ретките музичари што успеале традиционалниот македонски тапан да го внесат во современи музички контексти – од џез и ворлд мјузик до современ танц и импровизирана музика. По музичкото образование во Македонија и студиите по класични перкусии во Париз, Петров настапува и соработува со големи имиња како Марсел Халифе, Теодосиј Спасов, Бачар Мар Халифе, Бојан З и многу други. Неговата интернационална кариера го носи и во Њујорк, каде што е еден од основачите и уметнички директор на легендарниот џез-клуб „Вај нот џез рум“ на Менхетн, простор низ кој минуваат некои од најголемите светски џез-музичари. Неговата музика не ја третира традицијата како музејски експонат, туку како жив материјал од кој создава нови, возбудливи звучни светови.
Тања Царовска е глас што ги освојува светските филмски сцени. Нејзиното присуство му даде посебна тежина на концертот. Тања Царовска е една од најзначајните македонски музички уметници со меѓународна кариера. Нејзиниот препознатлив вокал е дел од голем број филмски, телевизиски и театарски продукции во светот. Во текот на својата кариера соработувала со врвни филмски композитори како Џејмс Хорнер, Габриел Јаред, Џон Дебни и Џоселин Пук, а критиката и публиката нејзиниот глас го опишуваат како магичен, етеричен и длабоко емотивен.
На сцената настапи и Симеон Петров, музичар роден во Париз, чија биографија претставува редок спој на класично образование и современа музичка авантура. Како дете пее во хорот на катедралата „Нотр Дам“, а подоцна дипломира труба, оргули и пијано. Неговата кариера опфаќа настапи со голем број состави од областа на џезот, свингот и современата музика, носејќи на сцената исклучителна музичка широчина и чувствителност.
Филип Динев е македонски гитарист/композитор што има концертирано во повеќе европски градови: Берлин, Базел, Париз, Будимпешта, Талин, Хамбург, Лајпциг, Дрезден и многу други. Автор е на две интернационални изданија и е активен член на македонската џез-сцена. Постдипломските студии ги завршува на ХФМТ Хамбург.
Електронскиот дел на „Трансмишн“ доби дополнителна димензија преку настапот на француската диџејка и продуцентка Ленна, чиј звук ги спојува тех хаус, афрохаус и современите електронски влијанија. Нејзината кариера вклучува настапи во престижни клубови и фестивали низ Франција и светот.
Нејзините сетови се препознатливи по енергијата, хипнотичниот грув и способноста да ги поврзат различните музички култури во едно единствено искуство.
„Трансмишн“ е проект што еднакво им се обраќа на љубителите на традиционалната музика, џезот, електрониката и современите експериментални форми. Ја истражува врската меѓу наследството и иднината, помеѓу акустичното и електронското, помеѓу локалното и универзалното.