ЕВРОПСКАТА ДИЛЕМА ЗА ИЛИ ПРОТИВ ПРЕГОВОРИТЕ СО РУСИЈА НАТЕЖНУВА КОН – „ЗА“
- Според извори од Брисел, во европските институции се разгледуваат идеи за формирање координациски механизам или неформална
експертска група, составена од луѓе со длабоко познавање на Русија, нејзината политичка структура и преговарачка логика, во насока на
изградба на еден динамичен план со конкретна форма и содржина за преговори меѓу ЕУ (плус Киев) и Русија
Во Брисел повторно се отвора чувствителното прашање за улогата на Европската Унија во евентуалните мировни преговори за Украина, откако високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, иницираше дискусија за потребата од појасна и подобро координирана европска преговарачка позиција.
Калас вели дека ЕУ треба да биде подготвена за сценарио во кое ќе се отвори политички процес за крај на војната
Според нејзините последни јавни настапи и дипломатски сигнали, Европската Унија треба да биде подготвена за сценарио во кое ќе се отвори политички процес за крај на војната, при што ЕУ не смее да остане надвор од масата на која ќе се носат клучните одлуки за идната безбедносна архитектура во Европа.
Во таа насока, во европските институции се разгледуваат идеи за формирање координациски механизам или неформална експертска група, составена од луѓе со длабоко познавање на Русија, нејзината политичка структура и преговарачка логика. Иако ваквите предлози во дел од јавноста беа интерпретирани како „преговарачка работна група“, засега не станува збор за формално усвоена структура на ЕУ, туку за рана фаза на внатрешни консултации.
Омекнува „тврдиот став“ на Калас за Русија?!
Оваа дебата доаѓа во момент кога Каја Калас, поранешна премиерка на Естонија и една од најгласните европски критичари на Кремљ, продолжува да се залага за политика на притисок врз Москва преку санкции и засилена поддршка за Украина. Нејзиниот политички профил со години е поврзан со тврд став кон Русија, што дополнително ја засилува перцепцијата дека секој нов тон во Брисел има потенцијално големо значење.
Сепак, според некои аналитичари, нејзините изјави покажуваат дека не станува збор за класичен политички пресврт, туку за обид за институционална подготовка на Европската Унија за можен иден дипломатски процес. Калас повеќепати нагласила дека Европа мора да биде присутна на преговарачката маса доколку дојде до разговори за мир, но истовремено останува на ставот дека Русија не покажала доволна подготвеност за суштински преговори.
Брисел со „политики на два колосека“
Според нашите брифери, европската позиција останува двослојна. Од една страна сѐ уште продолжуваат обидите за притисок врз Москва, а од друга страна постепено почнуваат со градење капацитети за дипломатска фаза, која засега сè уште не е започната.
– Она што го поттикнува Брисел на овој потег кон Русија е растечката свест дека Европската Унија ризикува да биде маргинализирана во потенцијални идни преговори доколку не изгради сопствена, кохерентна и технички подготвена преговарачка структура. Затоа, прашањето што сè појасно се наметнува во европските институции не е дали ќе има преговори, туку како ЕУ ќе биде подготвена да учествува во нив кога и да се отворат – велат нашите соговорници.
Во тој контекст, иницијативите за формирање експертски тимови и за систематизирање на европскиот пристап кон Русија претставуваат обид за нејзино приспособување на реалноста и индикатор дека долготрајниот конфликт треба да има јасен политички излез.
Некои од јавните интерпретации зборуваат за тешко „ретерирање“ во Брисел, но, според помекиот коментаторско-аналитички пристап, „засега повеќе станува збор за еволуција на стратегијата отколку за нејзина промена“. Европската Унија останува формално посветена на поддршката на Украина и на политиката на притисок кон Русија, но истовремено сè појасно се гледа обид да се избегне сценарио во кое Европа би била само набљудувач, а не учесник во процесот што ќе го одреди идниот безбедносен поредок на континентот. Р.С.
Од уреднички агол
ЕУ, иницијативите за мир и балканската цена на одолжувањето
Колку подолго Европската Унија останува во позиција на политичко одложување кон идејата за мировни преговори за Украина толку посложени стануваат последиците што се прелеваат далеку надвор од фронтовските линии.
Брисел формално останува на линијата на поддршка за Украина и политика на притисок кон Москва, но во европската јавност сè почесто се отвора прашањето за дипломатска фаза, која неизбежно ќе мора да дојде.
Во таа празнина помеѓу воената реалност и политичката стратегија се создава простор за економска и енергетска нестабилност што директно ја погодува и самата Европска Унија.
Но последиците не застануваат во рамките на ЕУ. За земјите од Западен Балкан, како Македонија, влијанието е уште поизразено и поинтензивно. А причината е едноставна. Овие економии се длабоко поврзани со европскиот пазар, европските енергетски текови и финансиските политики на Унијата.
Секоја флуктуација во цените на енергентите или секое заострување на геополитичките односи веднаш се прелева во домашните буџети. Инфлацијата, енергетската зависност и трговските ограничувања не се апстрактни поими, туку секојдневна реалност за граѓаните на Балканот. Затоа прашањето за мир во Украина не е далечна геополитика, туку директен економски фактор.
Колку подолго трае војната, толку подолги се и периодите на неизвесност за инвестиции, извоз и енергетска стабилност. Во такви услови, Балканот ја плаќа цената на геополитичката географија без да има реално влијание врз одлуките.
Во Брисел, дебатата често се води во рамките на стратегиски принципи и безбедносни доктрини. Но во Скопје, Белград или Тирана истите тие одлуки се мерат преку цената на струјата, горивото и животниот стандард.
Затоа секоја иницијатива што оди во насока на отворање дипломатски канал, без разлика од кого доаѓа, треба да се гледа прагматично, а не идеолошки. Мирот не е прашање на политичка припадност, туку на економска и социјална стабилност. Во балкански контекст, често се создава лажна дилема помеѓу „проевропски“ и „проруски“ ставови.
Но реалноста за малите економии не функционира во тие рамки. Тие функционираат во рамките на преживување на економски шокови и одржување социјална стабилност. Затоа, секој сигнал за дипломатско придвижување треба да се третира како добредојден, не како идеолошка капитулација на една или друга страна. Балканот нема луксуз да избира меѓу големи геополитички наративи. Тој има обврска да избере стабилност.
И токму затоа, колку побрзо Европа најде реален дипломатски излез, толку побрзо ќе се стабилизира и периферијата на Унијата. Бидејќи историјата на овој регион премногу пати покажала дека долготрајните кризи во Европа секогаш најсилно се чувствуваат токму овде. Р.Н.М.

































