Фото: Архива НМ

Од наш агол

ЃУБРИВОТО И ГЕОПОЛИТИКАТА

Зад драматичниот раст на цените на ѓубривата се крие приказна за три кризи во една – енергетска, геополитичка и прехранбена. Но уште повеќе се крие приказна за падот на европската конкурентност! Со години Европската Унија градеше економски модел заснован на евтина енергија, глобални синџири на снабдување и уверување дека меѓународната трговија секогаш ќе ги надомести сопствените слабости. Денес сите три претпоставки се разнишани.
Прво дојде енергетскиот шок со војната во Украина и лошите енергетски политики од Брисел. Потоа следуваа нарушувањата во Црвено Море. Сега конфликтите на Блискиот Исток повторно ја покажуваат ранливоста на глобалните транспортни рути. Секој нов геополитички потрес открива колку европската економија станала зависна од фактори врз кои нема контрола.
Токму затоа приказната за ѓубривата е многу повеќе од земјоделска тема. Таа е симбол на поширок проблем. За производство на азотни ѓубрива е потребен природен гас. За конкурентна индустрија е потребна достапна енергија. За стабилно земјоделство е потребно сигурно снабдување. А Европа денес има проблем и со трите елементи.
Додека САД располагаат со релативно евтини енергетски ресурси, а Кина агресивно ги штити своите стратешки индустрии, Европската Унија сè почесто се наоѓа во позиција да реагира на кризите наместо да ги предвидува. Резултатот е континент што сè повеќе увезува, а сè помалку произведува.
Затоа предупредувањата од Брисел за можен пад на сеидбата на зимските култури не треба да се читаат само како земјоделска статистика. Тие се сигнал дека растечките трошоци почнуваат да влијаат врз самата логика на производството. Кога земјоделецот размислува дали му е поисплатливо да произведува храна или да влезе во некоја субвенционирана еколошка програма, тогаш станува јасно дека системот влегува во зона на структурен ризик.
Во последните децении Европа беше пример за висока продуктивност, технолошка супериорност и силна индустриска база. Денес сè почесто е пример за растечки трошоци, регулаторни ограничувања и забавена конкурентност. Разликата можеби не се чувствува драматично од година на година, но станува сè поочигледна во споредба со другите големи економски центри.
Прашањето затоа не е дали Европа ќе има доволно ѓубрива оваа сезона. Прашањето е дали Европа ќе успее да ја зачува својата производствена основа во деценијата што доаѓа. Затоа кризата со ѓубривата е важна. Не поради самите ѓубрива, туку затоа што тие откриваат една непријатна вистина. Континентот што со децении ја претставуваше економската моќ на Западот денес сè потешко ги усогласува своите амбиции со своите реални капацитети.
А кога храната, енергијата и индустријата истовремено стануваат прашања на геополитика, тогаш веќе не зборуваме за обична пазарна криза. Зборуваме за тест на европскиот модел во целина. Р.Н.М.