Дали Југозападен Балкан е во енергетска дилема меѓу Вашингтон и Пекинг (прв дел)
- Во време кога Европа влегува во нова енергетска ера, и во Македонија сè почесто се споменува можноста земјава да биде потенцијална точка за изградба на мали модуларни нуклеарни реактори, таканаречени СМР-системи (или т.н. Small Modular Reactors – SMR). Но во соседството на нашата држава, некои од државите не само што се подготвени во „низок старт“ да издржат спринт по ова прашање туку веќе форматираа и регулатива и регулатор по однос на ова прашање и веројатно сакаат да ја обезбедат својата национална економија, бидејќи енергијата, особено базните извори, фактички станува услов без кој не може да се направат драстичен скок на сопственото, национално стопанство во сите сектори и раст на БДП
Она што пред неколку години звучеше како футуристичка идеја, денес станува дел од сериозни геополитички стратегии и на САД и на Кина. Најновиот сигнал дојде од официјален извештај на американскиот Стејт департмент, упатен до Конгресот деновиве, во кој Западен Балкан и Македонија се посочуваат како дел од идните енергетски и нуклеарни иницијативи на Вашингтон.
Но, паралелно со американскиот интерес, Кина веќе со години работи на стратегија за инсталирање на сопствените (мали) реактори, а според повеќе регионални извори и енергетски кругови, Пекинг одамна доставил техничка документација и иницијални понуди за можни проекти и во Македонија. Прашањето можеби навистина не е дали Македонија ќе влезе во нуклеарната ера, туку кој ќе ја води, Америка или Кина?
Што всушност се мали модуларни реактори (СМР)?
СМР-реакторите се „миноризирани“ нуклеарни централи, со капацитет најчесто меѓу 50 и 300 мегавати. Нивната главна предност е тоа што можат фабрички да се произведуваат и модуларно да се инсталираат, што теоретски ги прави поевтини, побрзи и побезбедни од класичните нуклеарни централи. За држави како Македонија, кои немаат огромен електроенергетски систем, СМР- технологијата изгледа логично решение. Тоа не бара мегаломански инвестиции, може да се гради постепено, овозможува енергетска независност и произведува струја без јаглеродни емисии.
Американски пристап: Технологија, политика и НАТО-безбедност
Американскиот пристап кон Македонија е пред сè геополитички. Според низа очигледни индикатори, Вашингтон сака да спречи понатамошно продирање на кинеското и руското влијание во т.н. критичната инфраструктура на Балканот. Затоа нуклеарната енергија станува дел од поширока безбедносна архитектура.
Во последните две години САД интензивно ги промовираат своите СМР-технологии во Источна Европа и на Балканот. (Македонија и Словенија веќе разговараат со американски и британски партнери за можни проекти.) Американскиот модел најчесто се базира на компании како „Нускејл пауер“ (NuScale Power), „Хитачи нуклеар енерџи“ (GE Hitachi Nuclear Energy) или пак „Холтек интернешнл“ (Holtec International). САД вложуваат огромни федерални средства за забрзување на СМР-проектите. Само во 2026 година американското Министерство за енергија одвои 94 милиони долари за развој на нови реактори, а најавени се и стотици милиони долари дополнителна поддршка. Но постои и проблем. Имено, американските СМР-технологии сè уште се главно во фаза на развој и лиценцирање. Ниту еден комерцијален американски СМР сè уште не работи во реални пазарни услови. Некои проекти дури беа откажани поради раст на цените.
Кинески пристап: Побрза реализација и подинамична финансиска стратегија
За разлика од Американците, Кина веќе има оперативни СМР-технологии. Кинескиот реактор ХТР-ПМ (HTR-PM) веќе произведува електрична енергија и претставува прв комерцијален мал модуларен реактор од новата генерација во светот. Пекинг има јасна стратегија, како што е брз извоз на технологија, државно субвенционирани кредити, инфраструктурни пакет договори и долгорочно политичко влијание.
Кинеските компании најчесто нудат пониска почетна цена, државно финансирање, изградба „клуч на рака“ и пократки рокови. Во кинеските стратешки документи СМР-технологијата е дефинирана како национален приоритет. Кина веќе има искуство со динамичен инфраструктурен настап на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија преку автопатските проекти. Токму тоа отвора голема дилема. Имено, дали финансиски прифатливата и брза кинеска понуда носи политички предизвик за Македонија, со оглед на стратегиските цели за евро и евроатлантско интегрирање, за што во Македонија, за последново, постои единствен политички долгорочен консензус.
Пресек на куси компарации за американскиот и за кинескиот пакет
1. Финансиски калкулации
Една класична нуклеарна централа чини десетици милијарди евра. СМР-системите се значително помали и чинат од 1 до 4 милијарди евра по модул, во зависност од технологијата, капацитетот и безбедносните стандарди.
· Американските технологии се поскапи и имаат други безбедносни стандарди, а и досега разработен и можеби полесен пристап до европски финансиски институции.
· Кинеските технологии се поевтини, нудат државни кредити, но заради одредени околности во минатото често подоцна се зголемува цената на чинење.
2. Политички калкулации
За Македонија прашањето не е само енергетско туку и стратегиско. Изборот на партнер за нуклеарна технологија по дефиниција, потоа значи и потесна меѓусебна соработка, технолошка поврзаност од долгорочна перспектива, обука на кадри, снабдување со нуклеарно гориво и планирање подолгорочни и повеќе од коректни политички односи.
· Ако Македонија избере американска технологија, ќе добие поддршка од НАТО и побрз лидинг кон ЕУ, полесен пристап до европски фондови и политичка стабилност во западниот блок. Но ќе плати повисока цена, подолги рокови и комплицирани регулаторни процедури.
· Ако Македонија ја избере Кина, веројатно ќе добие побрза реализација, поевтино финансирање и поголема флексибилност. Но, овде надлежните за политичка одлука во калкулацијата ги внесуваат и веројатноста за западен политички притисок против кинеската инвестиција, можни методи на изолација, ограничен европски пристап, потенцијални судири со НАТО-политиките итн.
Енергетска независност или уште потесна енергетска и друга форма на врска,
но со кого?
Поддржувачите на СМР-концептот велат дека Македонија конечно може да престане да увезува струја, да го намали јагленот и да стане регионален енергетски играч. На другата страна критичарите предупредуваат дека технологијата е сè уште скапа, отпадот останува проблем, а малите реактори не се магично решение. Покрај тоа, секој нуклеарен проект значи зависност од гориво, сервис, резервни делови и геополитички сојузи.
– Изборот меѓу Америка и Кина нема да биде само инженерска или финансиска одлука. Тоа ќе биде одлука за идниот надворешнополитички курс, за безбедносната архитектура и за економската ориентација на Македонија во следните 50 години. Вашингтон нуди политичка сигурност и западен чадор. Пекинг нуди брзина, капитал и динамичен инфраструктурен и стопански развој.
Во новата нуклеарна ера на Балканот, Македонија повторно станува поле на голема геополитичка игра. Овој пат не околу гасоводи или автопатишта, туку околу реакторите на иднината.
И токму затоа прашањето не е дали малите нуклеарни централи ќе дојдат на Балканот. Прашањето е кој прв ќе го освои енергетското срце на регионот- ни велат соговорници од Институтот за стратегиски и безбедносни студии.
Македонија во моментов нема ниту законска рамка, а треба да гради и институционален капацитет за нуклеарна програма. За второто, како што течат работите, човечките ресурси во Министерството за енергетика се покажаа како исклучително ефикасни и потентни. Но секој иден проект би барал нова регулација, регулатор, специјализирани кадри, меѓународен надзор и целосна политичка согласност.
– Според меѓународните препораки, држава што влегува во нуклеарна програма мора да подготвува институции со години пред почетокот на изградбата. Во реалноста, доколку Македонија би се решила да носи таков проект, би било неопходно да има силен странски партнер – велат нашите соговорници, додавајќи дека на еден таков проект му прилега и атрибутот историски и визионерски, заради идните поколенија на македонскиот народ и македонската држава. Е.Р.

(продолжува в понеделник со: „Нуклеарната патека на Македонија до 2050“)

































