Го читам еден одамна забеган, неразбирливо до колку може човек да се одроди и родот свој да го замрази, вели: Со Албанците се разбирам подобро отколку со Македонците од српскиот свет. Се разбира, не се во прашање Албанците, туку алузијата за тие „од српскиот свет“. Ама, кога се бара тема за да се замајува јавноста. Народот кај нас вели кога ѓаволот немал работа, децата си ги… Така исто со Албанија владееше еден од најдолговечните и најизолирани комунистички диктатори во Европа – Енвер Хоџа – од 29 ноември 1944 до 11 април 1985 година. За време на неговото владеење Албанија раскина со СССР во 1961, па со Кина во 1978 година и се затвори целосно, изгради над 700.000 бункери околу и во цела Албанија.
Знаете зошто подобро се разбира со Албанците? Бидејќи со некои албански лидери во 2001 година заговараше „размена на територии и население“. Проектот впрочем не бил за „размена на територии и население“ меѓу Македонија и Албанија, туку за внатрешна редистрибуција во рамките на тоа што остана од Македонија како држава – Албанците од Пелагонија да заминат во Полог, Македонците од Полог да заминат во Пелагонија преку агенции за размена на населението. И… Дебар, Гостивар и Тетово да се припојат во Албанија, за Македонија да остане само општина Пустец од Мала Преспа, Албанија.
А бре, до вчера беше премиер, со заклетва дека ќе го штити националниот суверенитет и територијалниот интегритет, а зеде бугарско државјанство и со двете леви нозе веќе одамна е во бугарскиот свет. Денес е дежурен мегафон на Софија во Македонија, исто како и еден друг лидер на опозицијата, кој најверојатно и на јаве и во сон неколкупати на дневна основа повторува: Бугарите во Уставот! Бугарите во Уставот! Бугарите во Уставот! Другото треба да е кеш. Во политиката ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро испланирано!
За овие што македонското прашање го гледаат само преку српско-бугарската диоптрија, постои ли македонски свет? Или постои само српски и бугарски свет, откога му ја исцедија маста на македонскиот народ.
Забораваат дека, со дисолуцијата на поранешна СФР Југославија, Македонците не се оттргнаа од скутот на Србија за да се фрлат во прегратките на Бугарија, туку за да ја возобноват суверената и самостојна држава Македонија! За историско помирување на македонскиот народ со сите соседни народи и за договори за траен мир и добрососедство на државата Македонија со сите соседни држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи.
Како и за сите во светот така и за нас Македонците правилото е: Македонија нема вечни пријатели, Македонија нема вечни непријатели, Македонија има вечни интереси!
Овие со бугарска диоптрија, бидејќи таму во странство се декларирале дека корените им се во Бугарија, па упорни таа приказна да им ја импутираат и на Македонците во Македонија, заборавија дека довербата на првите парламентарни избори во 1990 година ја добија затоа што на народот му зборуваа за фалангите на Александар Македонски дури до Индија, за наредниот конгрес во Солун. Но завршија со бугарски пасош во Софија.
Кога им ја кажувате вистината велат: Еве ги бугарофобите, шират говор на омраза, веднаш со замена на тези, за дискредитација и отстрел на Македонците од српскиот свет.
Големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности. А, универзални вредности на македонската цивилизација, на која сите ние заедно припаѓаме, се: мирот и љубовта наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата; и културниот глобализам што подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури наспроти корпоративниот глобализам што, поаѓајќи од профитните интереси на мултинационалните корпорации, врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, сѐ до нивна физичка ликвидација од Земјината топка. Британскиот колонијализам и американскиот империјализам за неколку века избришаа стотици етноси, јазици, религии и култури од планетата Земја!
И, како и сите нормални луѓе, наместо и ние да ги афирмираме универзалните вредности на македонската цивилизација, да го шириме влијанието на македонската цивилизација, на македонскиот свет, „нашите“ македонското прашање го третираат преку интересите на Белград и Софија. Имено, за Белград Македонците во Југославија беа Бугари или бугаромани, а за Софија Македонците во Бугарија беа Срби или србомани. Измислуваа приказни за да ги оправдаат окупацијата врз Македонија и геноцидот врз македонскиот народ во окупираните делови на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година!
А, за американскиот свет, рускиот свет, кинескиот свет, арапскиот свет, турскиот свет, францускиот свет, британскиот свет, хеленскиот свет, албанскиот свет…
Секоја држава и нација се свет за себе! И секој ги шири својата култура, својот поглед на свет, секој народ го шири својот свет – својот културен идентитет! До секој е дали ќе го прифати или почитува опонентното, спротивното односно различното. Па, толку ли сме слепи, глуви и неми, да заборавиме на универзалната мисла на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, која не претставува само негова лична импресија туку и експресија на генетскиот код на една цела цивилизација – на македонската цивилизација: „Светот како поле за културен натпревар помеѓу народите!“ Во тој културен натпревар помеѓу народите, секој го шири својот свет кон другите. Па, ај да не станеме консументи на туѓото, другото, различното, за да се асимилираме и го заборавиме сопственото, кое други го инкорпорираат како свое, туку да го негуваме, афирмираме и промовираме нашето, македонското кон сите во светот. Да зборуваме за македонскиот свет како свет на културни вредности – за богатството од македонските народни носии, песни, ора, мудрости, легенди, тајни, инструменти, гатанки, стихотворби, македонскиот 7/8 уникатен такт, македонските цркви и манастири, почетоците на европската ренесанса во Македонија, Шарената џамија во Тетово, Крст-џамијата во Охрид, ендемските флора и фауна, уникатните езера, ретко квалитетната вода за пиење од која се произведува најквалитетната „кока-кола“ во светот, најстариот универзитет на Плаошник, првите цркви во Европа, за покрстувањето и описменувањето на Западот и Истокот од Македонија… Да зборуваме за нашето влијание во светот! И така натаму и така наваму и така насекаде…
Македонците со векови биле жртви на окупатори и окупации. Ама, се бореле, кревале буни, востанија, револуции, борби за слобода и држава на своја територија, која со векови била под туѓа јурисдикција и окупација! Во темниот вилает на Отоманската Империја, башибозукот колел по 5.000 Македонци годишно, цели двесте години… со природен прираст, колку народ тоа би бил изгубен во времето и просторот?
Знаете, во светот владее едно правило: кога има агресивно мнозинство, малцинството секогаш прибегнува кон етничка мимикрија, репресираните или тие заради спас од репресија стануваат „поголеми католици од папата“ за да избегнат ликвидација или интернација. Тоа е рационално и разумно однесување на луѓето заради опстанок на племето, од ист род де, од ист пород, на народот…
Во српски учебник од 1871 година Македонците биле претставени како посебен народ, односно до 1878 година децата во Србија учеле дека Македонците се друг народ, дека се староседелци на Балканот, опишувајќи ги соседите и границите на етничка Македонија: „Бугарите, на овој полуостров исто така се дојденци, во однос на Македонците, како и Србите.“ Еве ги Србите во македонскиот свет!
И дајте ПРЕСТАНЕТЕ да си лечите фрустрации, не етикетирајте, не нотирајте рефлексии, спротивставете се на другото и туѓото влијание со македонското! Престанете да озборувате и да се жалите што ни прават другите, фрлете им го в лице на другите нашето за себе! Ама, тоа не е обврска на некои други, туку твоја – лична! Не прашувај што стори Македонија за тебе, запрашај се што стори ТИ денес или вчера, а што ќе сториш утре за мајка Македонија! И Кинескиот ѕид и египетските пирамиди како светски чуда ги граделе камен по камен, камен на камен, со години и генерации. Од секој по една тула во македонскиот ѕид и ние ќе ја имаме нашата Македонија, во која сите ќе бидеме еднакви пред Уставот и законите, преку интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури во мир и љубов, а не во омраза и одмазда, кој со повеќе деца и земја – за Македонија како „своја“ извалкана со нацизам, расизам и геноцид, со дискриминација и сегрегација…
Но, пред сѐ и над сѐ, да останеме обединети во одбраната на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ, затоа што силата е во единството! Никогаш да не заборавиме дека, со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател. Со Македонија сите нѐ има, без Македонија сите заедно ќе нѐ’ снема како и да не сме биле…
Конечно, престанете со лицитацијата „Бугарите во Уставот“! „Бугарите во Уставот“ не е демократија туку кукавичино јајце, исто како кога ќе ви подметнат трудна невеста, а ќе ви кажат дека не е многу туку малку трудна. Проблемот е кога ќе се роди и одроди, бидејќи за Софија Македонците се Бугари, Македонија е втора бугарска држава, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, во Втората светска војна Бугарите во Македонија не биле окупатори туку администратори, а жртвите биле поради граѓанска војна помеѓу „левите“ и „десните“ наместо меѓу Македонците и бугарските нацифашисти! Колку за потсетување, да не се заборави, кога се отвораа разграноци на ДУИ во источна Македонија заради вработувања и поделба на функции по Бадентер… А, колку Македонци се пишаа Власи, Роми, Турци, Срби, Албанци за работно место во администрацијата по Бадентер… Сѐ е можно…
Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот! Амин!
Тодор Петров
































