Фото: Тимчо Муцунски/Фејсбук

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, пред почетокот на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија порача дека заеднички интерес на Македонија и Бугарија е напредокот кон полноправно членство во Европската Унија, пренесе МИА.

Тој истакна дека двете држави имаат многу да добијат од меѓусебната соработка во областите на одбраната, безбедноста, економијата и образованието, оценувајќи дека случувањата од изминатите години вештачки создаваат поделби меѓу двата народа.

-Важно е да гледаме кон иднината и да не се фокусираме на прашања од минатото поврзани со идентитетот, историјата и јазикот, бидејќи имаме иднина што треба да нè обедини – рече Муцунски.

Осврнувајќи се на францускиот предлог од 2022 година, тој нагласи дека Скопје има различно толкување на обврските што произлегуваат од него и дека е неопходно односите да се градат врз меѓусебна доверба.

Муцунски потсети дека Македонија подготвила акциски план за малцинствата во соработка со експерти делегирани од Советот на Европа, кој ги опфаќа сите заедници во државата.

Според него, клучно за напредокот на евроинтегративниот процес е да постои јасност дека во иднина нема да се појавуваат нови барања поврзани со историјата, идентитетот, јазикот или други билатерални прашања.

-Нашата цел не е само да ги отвориме пристапните преговори, туку и успешно да ги затвориме. За тоа е важно да знаеме дека нема да има дополнителни условувања поврзани со историјата, идентитетот и јазикот – истакна Муцунски.

Тој додаде дека историските комисии и сличните прашања не се дел од темелните европски критериуми и оцени дека токму во билатералниот аспект се наоѓаат најголемите недоразбирања меѓу двете земји.

На крајот, Муцунски порача дека со дијалог, меѓусебно почитување и политичка волја може да се надмине секој предизвик и да се зајакне европската перспектива на регионот.