Засилена дипломатска активност на Париз кон Пекинг во пресрет на самитот во Евијан
- Макрон долго време се обидува да воспостави засилени контакти со кинескиот претседател Си Џинпинг, што е забележливо според неговите посети на Кина во повеќе наврати. Француските дипломати, истовремено, со месеци работат на обезбедување кинеско присуство на претстојниот самит на лидерите на Г7. А Париз првично сакаше да организира „самит на конвергенции“ со Кина
Францускиот претседател Емануел Макрон се очекува да организира видеоповик меѓу земјите од Г7 и Кина, со цел да се дискутира за важни економски прашања, што сигнализира заземање помирувачки пристап на групата земји Г7 кон Кина во однос на претходните конфронтирачки ставови. Четворица претставници од три земји од Г7 во изјава за „Политико“ кажаа дека повикот ќе се одржи утре, во пресрет на самитот на лидерите на Г7, закажан за следната недела (од 15 до 17 јуни) во Евијан, Франција.
Француските претставници сметаат дека недоволното инвестирање во Европската Унија, прекумерната потрошувачка во САД и обемот на кинеското производство придонеле за актуелната трговската неурамнотеженост, која е истакната како клучно прашање во агендата за време на француското претседателствување со Г7.
На состанокот на министрите за финансии на Г7 минатиот месец францускиот министер за финансии Ролан Лескир јасно порача дека Франција сака да се откаже од „вперувањето со прст“ и да се ангажира со сите партнери, вклучувајќи ја и Кина.
Макрон долго време се обидува да воспостави засилени контакти со кинескиот претседател Си Џинпинг, што е забележливо според неговите посети на Кина во повеќе наврати. Француските дипломати, истовремено, со месеци работат на добивање кинеско присуство на претстојниот самит на лидерите на Г7. А Париз првично сакаше да организира „самит на конвергенции“ со Кина.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во изминатите недели исто така ја ублажи својата реторика кон Кина, откако се врати од посетата на Пекинг со оптимизам за трговските односи меѓу двете најголеми економии во светот. Белата куќа засега не се изјасни за можниот видеоповик со Кина, но Трамп потврди дека присуствува на самитот на лидерите на Г7 во Евијан.
Сè уште не е потврдено на кое дипломатско ниво секоја земја ќе биде претставена на повикот, на кој се очекува да бидат вклучени неколку лидери, според изворите на „Политико“. Но, според претставник на Европската комисија, францускиот контакт со Кина е добра иницијатива, иако тој смета дека самитот не е најсоодветна платформата. Р.С.
Несогласувања го приземјија француско-германскиот борбен авион
- Проектот познат како „Иден борбен воздушен систем“,започнат во 2017 година, наиде на застој поради горливи несогласувања меѓу францускиот „Дасол“ и германскиот „Ербас дифенс енд спејс“ околу тоа која компанија треба да го преземе водството
Франција и Германија се откажаа од планот за заедничко конструирање борбен авион од следната генерација поради длабоки индустриски несогласувања, што претставува голем удар за визијата на францускиот претседател Емануел Макрон за поблиска европска безбедносна интеграција, пренесуваат светските медиуми. Неуспехот ги нагласува тешкотиите за убедување на европските земји да соработуваат на сложени и скапи мултинационални програми, и покрај загриженоста за безбедноста и капацитетите за самостојна колективна одбрана на Стариот Континент.
– Претседателот Макрон и федералниот канцелар Мерц дојдоа до заеднички заклучок дека вклучените компании нема да можат да се здружат за да изградат заеднички борбен авион. Тие ја признаваат оваа реалност. Затоа, федералниот канцелар Мерц му советуваше на претседателот Макрон да не продолжува со развојот на заеднички борбен авион – изјави германски владин претставник за „Политико“ под услов да остане анонимен поради чувствителноста на прашањето.
Проектот познат како „Иден борбен воздушен систем“, започнат во 2017 година, наиде на застој поради горливи несогласувања меѓу францускиот „Дасол“ и германскиот „Ербас дифенс енд спејс“ околу тоа која компанија треба да го преземе водството во проектот.
Заедничкиот проект за борбени авиони од шестата генерација (ФЦАС), во кој е вклучена и Шпанија, беше предвидено да ги замени германските авиони „еврофајтер“ и француските авиони „рафал“ приближно до 2040 година. Програмата вклучува борбен авион (главната точка на спорот), како и беспилотни летала и дигитална основа што ќе ги поврзе сензорите, сателитите, беспилотните летала и борбените авиони во еден систем.
Елисејската палата во соопштение призна дека „Ербас дифенс енд спејс“ и „Дасол авиејшн“ не успеале да се договорат. Француското претседателство навести дека откажувањето од договорот е еднострана германска одлука.
– Германските власти заклучиле дека не е можно да се изврши понатамошен притисок врз компаниите за кои станува збор. Франција останува на ставот дека француско-германската соработка е од суштинско значење и за нашите земји и за нашите европски партнери во областа на одбраната и безбедноста – се наведува во соопштението.
Мерц и Макрон во март се согласија да му дадат на проектот уште една шанса, но тие разговори не успеаја да ги надминат длабоките разлики. Во понеделникот германската канцеларија го информираше „Ербас“ за одлуката за повлекување од проектот.
И покрај неуспехот во однос на борбените авиони предвидени во рамките на ФЦАС, во Германија не ја исклучуваат можноста Париз и Берлин да продолжат да соработуваат заедно за развој на беспилотни летала и на системот за дигитализација.
– Јадрото на ФЦАС треба да продолжи како европски систем. Ова е, во извесна смисла, нервниот систем што ги поврзува авионите, беспилотните летала и другите компоненти во интегрирана целина – истакна германски претставник во изјава за „Политико“.
Француските и германските министерства за одбрана ќе бидат задолжени да развијат работен план за соработка во одбранбената индустрија „фокусиран на неколку реални, релевантни проекти“, според германскиот претставник. Р.С.
































