КАРАТЕ – СВЕТСКО УНИВЕРЗИТЕТСКО ПРВЕНСТВО
- Пред нас се уште натпревари и верувам дека оваа репрезентација има потенцијал да донесе нови успеси за Македонија, вели селекторот на македонската универзитетска репрезентација Бошко Заборски
Македонскиот каратист Стефан Стојановиќ во тежинската категорија над 84 кг освои бронзен медал на првиот натпреварувачки ден на Светското универзитетско првенство во борби, кое се одржува во главниот град на Бразил, Бразилија. Студентот на Факултетот за туризам стигна до медалот во групата четири откако ги победи Фин Малиска од Германија (5-0), Кадир Фуркан Генч од Турција (6-5), Беласли Набил од Франција (2-1), а во полуфиналето загуби во последните секунди од борбата од Кадир Фуркан Генч (2-4). Сепак, освоениот медал, кој е осми бронзен за Македонија, а вкупно 17-ти на светските универзитетски првенства, е значаен успех за македонскиот универзитетски спорт и силен поттик за успешно продолжение на овој шампионат.
Блиску до медал беше Викторија Јовановска (до 61 кг), која по двете победи над претставничките на Белгија (3-2) и на Германија (5-0), загуби од Ноурсобни Фарноуш од Иран (4-5). Добар впечаток остави и дебитантката во македонската репрезентацијата, Греса Мустафаи (над 68 кг), која забележа две победи и два пораза во групата еден. Вчера требаше да настапат уште пет македонски каратисти, денеска се екипните борби, а утре се борбите за медал.
– Зад нас е исклучително тежок и емотивен натпреварувачки ден. Го освоивме првиот медал за Македонија преку Стефан Стојановиќ, кој прикажа одлични борби и беше на чекор до финалето. За жал, во полуфиналето загуби во самата завршница, но бронзениот медал е значаен успех и добра најава за продолжението на првенството. Пред нас се уште борби и верувам дека оваа репрезентација има потенцијал да донесе нови успеси за Македонија – ни изјави селекторот на македонската универзитетска репрезентација Бошко Заборски.
За време на елиминациите и на свеченото дефиле на отворањето на Светското универзитетско првенство, со македонските репрезентативци беа и македонскиот амбасадор во Бразил, Игор Попов, и првиот секретар во македонската амбасада Марјан Бартон. На шампионатот учествуваат 1.500 студенти-спортисти од 50 земји, а Македонија е застапена со 10 каратисти од четири македонски универзитети. Г.И.
































