ФУДБАЛ
- Вкупно 26 од 48-те репрезентации на претстојното СП ќе бидат предводени од странски селектори, а меѓу нив се на пример Анчелоти, Гарсија, Тухел, Мартинез, Покетино… Досега ниту еден светски првак не бил предводен од селектор странец
Низ 22 изданија на светските првенства (СП) се чувствува како да е видено сѐ, како на пример фудбалер постигнал гол за две репрезентации во финале, 40-годишен играч постигнал погодок, двајца браќа играле еден против друг, еден играл во одлучувачки дуел за титула за две различни репрезентации, а и покрај многуте заплети што ги нуди најголемиот спортски турнир, еден рекорд останува несоборен, откако странски селектор никогаш не го освоил светското првенство, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Тоа не значи дека некои не стигнале до доцни рунди на натпреварувањето. Гус Хидинк е познат по тоа што го одведе кодомаќинот Јужна Кореја до полуфиналето во 2002 година, а Бразилецот Луиз Фелипе Сколари и Шпанецот Роберто Мартинез го направија тоа со Португалија во 2006 година, односно со Белгија во 2018 година. Англичанецот Џорџ Рејнор ја предводеше Шведска до финалето на домашен терен во 1958 година, но не можеше да го спречи Бразил, инспириран од Пеле, да ја освои својата прва титула. Австриецот Ернст Хапел потоа ја однесе Холандија до финалето во 1978 година, кога домаќинот Аргентина се приклучи на клубот на победниците.
Сепак, СП 2026 би можел да биде настан што ќе го промени тој 96-годишен рекорд, пишува ФИФА. Вкупно 26 од 48-те репрезентации на претстојното Светско првенство ќе бидат предводени од странски селектори, бројка што изнесува нешто над 54 проценти и е зголемување од 26 отсто во однос на пред четири години, пишува ФИФА. Меѓу тие 26, десет се меѓу првите 25 на светската ранг-листа на ФИФА. Кодомаќинот Канада, која е на 30. место, и САД, назначија странски селектори за СП 2026. Американецот Џеси Марш го презеде кормилото во Канада во 2024 година и ќе се обиде да направи историја со тоа што ќе ѝ обезбеди на земјата прва победа на турнирот. Аргентинецот Маурисио Покетино ѝ се придружи на селекцијата на САД истата година и верува дека неговите играчи имаат „талент да се натпреваруваат“ во финалето.
Еквадор, кој е на 24. место во светот, е предводен од Аргентинецот Себастијан Бекачече и ќе пристигне како второпласиран во квалификациите во Јужна Америка. Австрија, на 23. место, ќе биде предводена на своето прво СП од 1998 година од Германецот Ралф Рангник. Италијанецот Винченцо Монтела, пак, е на чело на Турција (22. место), која го освои бронзениот медал на својот претходен турнир, во 2002 година. Двократниот шампион Уругвај е под водство на искусниот Аргентинец Марсело Биелса, третпат ќе биде на СП откако ја тренираше својата татковина на СП 2002 и Чиле осум години подоцна. Биелса освои трофеј на меѓународно натпреварување, злато со Аргентина на олимпискиот турнир во 2004 година. Колумбија, која е четири места над Уругвај, на 13. место, ќе биде водена и од Аргентинецот Нестор Лоренцо, кој му беше помошник на Хозе Пекерман кога таа репрезентација првпат стигна до четврт-финале, на СП 2014, пишува ФИФА.
Повисоко на скалата на светската ранг-листа на ФИФА, Белгија го освои бронзениот медал на СП 2018, а сега е предводена од Французинот Руди Гарсија. За Бразил, сѐ е околу бројот шест. Моментално рангиран на 6. место, Бразил избра странски селектор првпат во историјата, Италијанецот Карло Анчелоти, серискиот победник во Европа на клупско ниво, во трка по шестата светска титула.
Едно скалило повисоко е Португалија, која, со Холандија на седмото место, е највисокорангираната репрезентација што никогаш не го освоила турнирот. Мартинез беше човекот зад серијата на Белгија пред осум години, каде што тој стана првиот странец по Хапел што освои медал од светско првенство. Англија, на 4. место, е највисокорангираната селекција што се упатува кон СП 2026 со странски селектор. Во октомври 2024 година, Германецот Томас Тухел стана првиот странец на клупата на Англија по Фабио Капело и само трет во историјата на таа селекција.
Франција, Шпанија и актуелниот шампион Аргентина влегуваат на СП 2026 од подиумот на светската ранг-листа и сите се под водство на домашни селектори, пишува ФИФА. Откако почна да се објавува светската ранг-листа во 1992 година, победникот на СП не беше на подиумот на ранг-листата на почеток на едно СП само во три наврати (Франција во 1998 година беше на 18. место, Италија во 2006 г. беше 13-та и Франција во 2018 година седма), пишува ФИФА.
Дали историјата ќе се повтори за 23. финале по ред или селектор роден во странство првпат ќе води друга земја до најголемата награда во фудбалот, пишува ФИФА. Н.М.

Моќниот трофеен рекорд на Висенте дел Боске ќе остане недопрен
Рекордот на Висенте дел Боске ќе остане недопрен и по фудбалското Светско првенство (СП) што почнува утре, откако ниту еден селектор нема да може да ги достигне неговите успеси на големите натпреварувања, клупски и репрезентативни заедно. Само Дел Боске како кормилар бил континентален и планетарен шампион и со клуб и со репрезентација. Тој како тренер во 2000 година стана европски клупски првак со Реал Мадрид, две години подоцна и светски шампион со истиот клуб, а потоа со репрезентацијата на Шпанија стана светски шампион во 2010 година и европски првак во 2012 година.
Од селекторите на СП 2026 во САД, Мексико и во Канада најблиску до ваква четирикратна круна, но на половина пат, се Карло Анчелоти, Томас Тухел и Лионел Скалони. Анчелоти има пет европски клупски титули и четири планетарни (и со Милан и со Реал Мадрид), а тие клупски трофеи ги освои и Тухел (по еден со Челси). На двајцата им недостига успех со репрезентации. Тие сега првпат се селектори на СП (Анчелоти на Бразил, а Тухел на Англија). Скалони, пак, досега со Аргентина беше еднаш светски и двапати континентален првак, но нема клупски континентални и планетарни трофеи. Селекторите на Бразил и на Англија можат да израмнат едно достигнување на Дел Боске и на Марчело Липи. Покрај Дел Боске, светски титули и со клуб и со репрезентација освои само уште Липи, со Јувентус во 1996 година и десет години подоцна со Италија. Н.М.
































