Фото: ЕПА

Израелците бараат нивно вклучување во мировните преговори помеѓу САД и Иран

  • Израел со последните напади врз Иран испрати порака до Вашингтон дека не може да се постигне конечен договор со Исламската Република ако се игнорираат израелските интереси, сметаат аналитичарите

Со завчерашните обновени напади врз Иран, очигледно отворено спротивставувајќи му се на американскиот претседател Доналд Трамп, се смета дека Израел се обидува да добие збор на масата за мировни преговори, каде што досега беше држен на дистанца од претседателот на САД, објавува „Ројтерс“.
Израел во воздушни напади погоди цели во Иран за првпат од прекинот на огнот во април, и покрај јавниот повик на Трамп до израелските власти да се воздржат од оган. Иран претходно истрела ракети кон Израел, во она што Техеран го нарече одмазда за израелските напади врз главниот град на Либан. Израел и Иран кратко ги прекинаа меѓусебните напади во понеделникот откако Трамп им рече да престанат со размената на оган.
Но Израел со последните напади врз Иран испрати порака до Вашингтон дека не може да се постигне конечен договор со Иран ако се игнорираат израелските интереси, според Дени Орбах, воен историчар на израелскиот Хебрејски универзитет.

Американскиот претседател го исклучува Тел Авив од преговорите

Трамп, кој заедно со Израел ја почна војната против Иран во февруари, се обидува да постигне договор со Иран, додека го исклучува Израел од разговорите. Тој јавно го поттикна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се воздржи од дејства што би можеле да ги попречат разговорите, вклучувајќи го и војувањето во Либан (Израел почна напади врз Либан во март за да го сузбие милитантното движење Хезболах, поврзано со Иран).
Иран, пак, вели дека нема да се согласи на никаков мировен договор со Вашингтон, освен ако не се почитува прекин на огнот и во Либан.
Нетанјаху минатата недела ги откажа воздушните напади врз Бејрут по телефонски разговор со Трамп. Домашните критичари го обвинија Нетанјаху дека ефикасно се откажал од суверенитетот со ограничување на израелските воени дејства за да ги одржи преговорите со САД, без место на масата.

Израел инсистира на задржување на правото за напади врз Хезболах

По нападот на Израел врз Либан во неделата и одлуката на Иран да отвори оган врз Израел како одговор, Трамп јасно стави до знаење дека верува дека меѓусебните напади треба да прекинат.
– Израел го имаше својот напад, а Иран го имаше својот. Не ни треба уште еден – рече Трамп во изјава за порталот „Аксиос“.
Но Израел не можеше да прифати сценарио во кое иранските напади врз Израел се сметаат за оправдан одговор на израелските напади врз Либан, изјави висок израелски функционер за одбрана за „Ројтерс“. Пред да одлучи да го нападне Иран, Нетанјаху свика состанок на врвни безбедносни и одбранбени претставници за да разговараат за целите на потенцијална краткорочна ескалација, според високиот функционер за одбрана и двајца други израелски функционери запознаени со разговорите.
Една од целите беше да се утврди дека секој иден договор меѓу САД и Иран нема да го отстрани правото на Израел да го нападне Хезболах во јужен Либан и да ги задржи своите трупи распоредени таму, според високиот функционер за одбрана.
– Нетанјаху го отворил ова прашање во телефонските разговори со Трамп за време на викендот – рече високиот функционер за одбрана.
Во кратка видеоизјава објавена на израелските телевизиски канали во понеделникот, откако Израел и Иран се согласија да го запрат огнот, Нетанјаху рече дека Израел ќе одговори со сила ако Иран повторно го нападне.

Израел не може самостојно да одржи долгорочна воздушна кампања против Иран

Краткото продолжување на борбите меѓу Израел и Иран и спротивставувањето на барањата на Трамп од страна на Нетанјаху се најнови случувања што ги откриваат тензиите помеѓу двајцата лидери.
Приватно, Нетанјаху призна дека има тешкотии да влијае врз размислувањето на Трамп за Иран, велејќи им на помошниците дека „нема маневар“ да го насочува носењето одлуки на американскиот претседател. Но, иако Израел има способност да го нападне Иран без поддршка од САД, сепак потребни му се одобрување и поддршка од Вашингтон за да одржи таква воздушна кампања повеќе од неколку недели, според воените експерти.
– Нема сомнение дека Израел не може сам да настапува во оваа војна долго време, бидејќи муницијата е потрошна – рече Јехошуа Калиски, виш истражувач во израелскиот Институт за студии за национална безбедност. Р.С.


Јеменските Хути упатија закана до израелскиот бродски сообраќај во Црвено Море

Јеменските Хути, кои се поврзани со Иран, завчера соопштија дека ќе ја забранат израелската поморска пловидба во Црвено Море, што ќе ги зголеми предизвиците за глобалниот бродски превоз низ Блискиот Исток за време на војната со Иран. Групата во соопштението наведува дека започнала напад врз Израел и вовела целосна забрана за израелскиот бродски превоз во Црвено Море, предупредувајќи на понатамошна ескалација.
Напади на Хутите врз бродскиот превоз во Црвено Море би претставувале дополнителна грижа за енергетските пазари, повеќе од три месеци по затворањето на Ормускиот Теснец од страна на Иран.
Црвено Море, кое води до Суецкиот Канал, е клучна бродска рута само по себе, а за време на војната во Иран стана главен алтернативен излез за милиони барели дневно нафта од Блискиот Исток испратена преку цевковод што го заобиколува Заливот.
Хутите го прекинаа бродскиот сообраќај од 2023 до 2025 година поради, како што наведоа, солидарност со Палестинците, но досега во голема мера се држеа надвор од пошироката војна на Блискиот Исток што започна со нападите на САД и Израел врз Иран во февруари годинава. Р.С.