Фото: Приватна архива

Фестивалот на Југоисточна Европа, SEE FF 2026, годинава го имаше своето 16-то издание во Париз, 11-то во Берлин, а по шести пат и во главниот град на САД, Вашингтон. Овој фестивал, за кого пишувале голем број светски медиуми, е вистински прозорец за кинематографиите на Југоисточна Европа и афирмација на плејада филмски творци од регионот.

Фото: Приватна архива

Овогодишната богата програма од играни, документарни, кратки и анимирани филмови предизвика голем интерес кај американската и европската публика.

Американското жири под претседателство на Партисија Корбет, познат филмски и литературен критичар, наградата за најдобар игран филм ѝ ја додели на „Утре изутрина“ од Македонија, кој исто така ја понесе наградата за најдобро сценарио (Јани Бојаџи). За најдобра актерка беше прогласена Илинка Харнут од Романија, Саболч Туруци од Унгарија за најдобар актер, а за најдобар режисер беше прогласен Миливоје Обрадовиќ од Црна Гора за режисијата на филмот „15 и половина“.

Македонските филмови „Неми филмови“ (Крсте Господиновски) и „Ветена земја“ (Ќендрим Ријани) ги зедоа наградите за најдобар анимиран, односно најдобар документарен филм, додека пак наградата за најдобар краток филм беше доделена на „Ништо страшно“ (Мирза Абдагиќ) од БиХ.

Француското жири на фестивалот, предводено од Фроса Пејоска-Бушро од Универзитетот ИНАЛКО, за апсолутен победник го избра „Павиљон“ од БиХ, кој покрај наградата за најдобар игран филм, ги понесе и наградите за најдобар актер (Раде Шербеџија), најдобра актерка (Кача Дориќ), најдобро сценарио (Виктор Иванчиќ) и најдобра режија (Дино Мустафиќ). За најдобар документарен филм беше прогласен „Старо сајмиште“ од Србија во режија на Александра Митиќ и Никола Ѓуровиќ, за најдобар анимиран филм „Хроницитет“ (Алета Рајиќ) од БиХ, а за најдобар краток филм беше прогласен „Лото“ (Мухамед Алтункајнак) од Турција.

Фото: Приватна архива

Германското жири, со претседателот Кристијан Фос од Универзитетот Хумболт од Берлин, наградата за најдобар игран филм му ја додели на косовскиот „Одисеја на радоста“ (Згјим Терзиќи). За најдобра актерка беше прогласена Илинка Харнут од Романија, Саболч Туруци од Унгарија за најдобар актер, а за наградата за најдобро сценарио ја понесе Мирза Абдагиќ од БиХ за „Ништо страшно“. Мухамед Алтункајнак од Турција беше прогласен за најдобар режисер („Лото“), додека наградата за најдобар документарен филм ја доби „Вуд, ти победи!“ од Црна Гора (автор Сенад Шахмановиќ). За најдобар анимиран филм беше избран унгарскиот „Кучешко уво“ (автор Петер Ваш), а за најдобар краток филм беше прогласен бугарскиот „Филџан кафе“ (Божана Маринова).

Академија Балканика Еуропеана, како еден од долгогодишните поддржувачи на фестивалот, покрај Министерството за култура на Република Франција, УНЕСКО и Министерството за култура на Црна Гора, со нејзиното жири под претседателство на Фабрис Далмеида, оваа година за најдобар игран филм го прогласи црногорскиот „Образ“, во режија на Никола Вучковиќ, за најдобар актер Захари Бахаров од Бугарија, за улогата во филмот „Облог“ во режија на Светослав Овчаров. Наградата за најдобар документарен филм ја понесе „Корени“ (Николај Димитров), исто така од Бугарија.

Фестивалот традиционално се организира во соработка на универзитетите Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО и Пантеон Асас од Париз, Хумболт од Берлин, Американ Јуниверсити од Вашингтон, како и издавачката куќа Пламен Прес, исто така од Вашингтон.