Даночната реформа за мнозинството граѓани ќе значи даночно олеснување, односно од годинава ќе плаќаат помалку даноци од лани, порачува министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој, во интервју за МТВ, посочи дека со реформата за најголем дел од населението стапката на персоналниот данок ќе остане 10 отсто, а даночното ослободување дури ќе им овозможи да платат помалку, бидејќи ослободувањето е зголемено од 7.500 на 8.000 денари.
– Нашето решение воведува даночно олеснување што значи дека најголем дел од населението ќе остане да плаќа по единствена стапка од 10 отсто, а даночното ослободување дури ќе им овозможи да платат помалку, бидејќи се зголеми ослободувањето од 7.500 на 8.000 денари, или едноставно да кажам нема оптоварување на работниците на вработените кои работат во фирмите, туку дополнително даночно оптоварување има само за еден процент за лицата со највисок доход, вели Тевдовски.
Министерот за финансии посочува дека со реформата се прави разлика помеѓу доход од труд и доход од капитал, како што се дивиденди на пример.
-Просечната плата во Македонија е 24.000 денари. Дури и во секторот кој има највисоки плати, а тоа е ИТ секторот, платата е околу 1.000 евра, тоа значи дека за мнозинството вработени, вклучително и ИТ секторот, додека даночното ослободување го намалува даночното оптоварување, особено кај најниските плати, посочува Тевдовски.
Тој очекува во 2019 година растот на економијата да биде посилен и да продолжи растот на платите, а паралелно со тоа да имаме бенефити и од приближувањето до НАТО, бидејќи, вели, праксата на регионот на земјите покажала дека по членството, многукратно се зголемуваат странските директни инвестиции. Како пример ја наведува Бугарија, каде странските директни инвестиции се зголемени за три пати како процент од БДП пет години по членството во НАТО.
За годината која измина Тевдовски оцени дека приоритет на Владата бил растот на платите и намалување на стапката на невработеност, а во полето на јавните финансии Министерството работело напорно на 10 системски реформи, кои, како што вели, значајно го подобруваат системот на јавните финансии.